Прекината помошта за Украина: не се може без САД
6 март 2025Повеќе од 20 згради беа уништени во последниот напад со руски беспилотни летала врз регионот Одеса. Во истоимениот пристанишен град со часови имаше прекин во снабдувањето со струја и топлинска енергија. Анти-воздушната одбрана очигледно беше преоптоварена од масовниот руски воздушен напад, раскажува една тамошна жителка по име Ела за новинската агенција Ројтерс. „На почетокот на војната успеваа да соборат повеќе дронови. Се разбира дека се плашевме, но се чувствувавме заштитени“, вели Ела. Сега беспилотните летала паѓаат како муви од небото, раскажува таа и додава дека „нашата куќа беше целосно уништена. Дрон директно ја погоди“. Ела имала среќа и преживеала. Но, луѓето во Украина сега стравуваат дека во иднина ќе има уште повеќе мртви цивили. Според експертите, прекинатата американска помош особено забележливо ќе се одрази врз воздушната одбрана. Секоја вечер Русија напаѓа со дронови и ракети. Одбрата од таквите напади може да стане сè потешка. „Нашиот град сега страда повеќе, исто како и целата земја. Дури и на почетокот на руската инвазија не беше толку лошо како што е сега. Цели семејства се на улица“, вели Ела.
Есенцијални податоци од САД
Но, лошите вести за Украина не престануваат. Се зборува дека САД ја прекинале и размената на разузнавачки информации. Иако нема многу информации за обемот, а и украинското раководство молчи, аналитичарите стравуваат дека условите ќе станат потешки - вклучително и кога станува збор за заштитата на цивилното население затоа што информациите од САД меѓу другото се користат и за брзо и ефективно предупредување за руски воздушни напади, објаснува воениот аналитичар Хлиб Волоски.
„Многу информации за руските намери, за соработката со Иран и Северна Кореја или стартувањето на воените авиони, или поддршката за изнаоѓање цели на руска територија се од американските тајни служби“, вели тој и додава дека е малку веројатно оти може да се компензира од страна на европските партнери.
Подготовка на нова средба со полна пареа
Не се може без САД, тоа во минатото постојано го нагласуваше и украинскиот претседател, но се чини дека сега ќе мора без нив. Но, како тоа ќе изгледа никој во Украина не може да одговори во моментов. Володимир Зеленски сака да направиуште еден обид со американската влада. „Сите гледаат колку брзо се развиваат дипломатските настани. Денеска нашите тимови - од Украина и САД - почнаа да подготвуваат средба“, рече тој. Шефот на неговиот кабинет, Андри Јермак и советникот за безбедност на американскиот претседател Мајкл Валц разговарале и се вели дека има позитивен развој на настаните. „Се надеваме дека ќе ги видиме првичните резултати веќе следната недела“, вели тој. Зеленски сака уште еднаш да се сретне за да дојде до помирување - и да го одврати Доналд Трамп да врши уште поголем притисок врз Украина. Многу луѓе во земјата се бесни и се чувствуваат уценувани од некогашниот најважен партнер.