Пред избори ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ
23 јуни 2025Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја напушта коалицијата со СДСМ во пресрет на есенските локални избори во Северна Македонија. Ваква одлука донел Централниот одбор на партијата на седница којашто се одржала на 21 јуни. „Донесени се три важни одлуки коишто ја поставуваат идната политичка насока што води кон вредносна доследност, отвореност и одговорност. Со чувство на обврска кон сите граѓани и граѓанки кои веруваат во зелена, праведна, демократска и европска иднина на Македонија, Централниот одбор на ДОМ избра визија, храброст и граѓанска вклученост“, информираат од ДОМ.
Нова насока
Првата одлука се однесува на напуштање на коалицијата со СДСМ. Според ДОМ, оваа одлука е „принципиелен исчекор кон заштита на вредносниот интегритет на партијата“. „Кога процесите стануваат затворени, потребна е нова насока на самостојно, јасно и идеолошки доследно политички дејствување. ДОМ коалициите ги разбира како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија која се стреми кон инклузивност, доследност и отвореност, ДОМ верува дека дојде време за нова, самостојна и одлучна насока“, велат од партијата.
Партнерство со граѓанскиот сектор
ДОМ најавува партнерство со граѓанскиот сектор, локалните заедници и сите кои се борат за зелена, праведна и европска иднина.
„Тивките“ коалициони партнери во два наврати едногласно гласаа за ограничување на граѓанското право на учество - ги избришаа независните кандидати од изборната игра. И затоа со оваа одлука го најавуваме формирањето на коалиција за зелена иднина, отворена платформа за идеи, заедничка акција и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните, велат од партијата. Оваа одлука, според нив, е одговор на политичката затвореност, игнорирањето на граѓанските иницијативи и девалвацијата на меритократијата.
ДОМ упатува отворен повик до сите активисти и активистки од граѓанскиот сектор, до младите и студентите и до сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еколошко, праведно, одржливо и европско општество: да влијаат заедно, да делуваат здружено и да ја изградат зелената иднина на Македонија.
Одлуката следи во пресрет на локалните избори, кога партиите веќе ги започнаа теренските активности, а дел од имињата на кандидатите за градоначалници веќе испливаа на површина.
Во таа насока е и третата одлука на ДОМ, со која најавуваат дека на претстојните локални избори нема да одат со партнери од традиционалниот политички спектар. „Место компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика“, порачуваат од овој политички субјект.