Преговори за втората фаза од примирјето во Газа
17 февруари 2025Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска испраќа делегација преговарачи во Каиро да разговараат за „продолжување на спроведувањето на првата фаза од договорот“ за прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти синоќа неговиот кабинет.
„Бенјамин Нетанјаху ѝ наложи на преговарачката делегација да отпатува во Каиро за да разговара за продолжување на имплементацијата на првата фаза од договорот. По состанокот на владата закажан за денеска, тимот ќе добие инструкции за продолжување на преговорите за втората фаза“, се додава во соопштението.
Војната би можела да продолжи на почетокот на март доколку не се постигне договор за покомплицираната втора фаза на прекинот на огнот во војната во Појасот Газа, која предвидува враќање на сите преостанати заложници и продолжување на примирјето на неодредено време.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој престојува во посета на Израел по средбата со премиерот Нетанјаху, изјави дека сите израелски заложници мора да бидат ослободени и оти палестинската милитантна група Хамас мора да биде уништена.
Рубио потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп е човек кој зборува јасно и недвосмислено, кој јасно ги изнел своите ставови за ова прашање.
Првата работа за која Трамп беше јасен, рече Рубио, е дека заложниците мора да се вратат дома, дека мора да бидат ослободени.
Ова мора да се случи, тоа не е опција, нагласи тој, истакнувајќи дека претседателот бил многу храбар кога зборувал за предлогот за преселување на Палестинците од Газа и за желбата на САД да го преземат Појасот Газа.
Трамп, додаде Рубио, е многу јасен дека Хамас не може да продолжи како владина или воена сила и искрено, сѐ додека постои како сила која може да владее, да управува или да се заканува со насилство, мирот е невозможен.