Германија: Во потрага по заеднички именител
28 март 2025Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, лично на денот на неговата изборна победа вети дека до Велигден ќе се постигне договор за коалициска влада. „Мислам дека тоа е максималното време потребно за формирање влада во Германија“. Мерц сака да седне во канцеларијата на канцеларот што е можно поскоро за брзо да започне со носење закони за да може значително да се подобри расположението во земјата до лето. Тоа беа неговите најави.
Но, Велигден е сѐ поблиску, а и Мерц мораше да разбере дека е потребно време за да се постигне договор за владина коалиција за да се создаде нешто добро. „Во овој случај, темелноста е подобра од брзината. Подобро е да се преговара ден или два подолго и да се постигне добар договор отколку да се расправаме со недели, месеци или дури години“, вели сега лидерот на ЦДУ.
Но, неговата партија сега го притиска да вклучи што е можно повеќе од изборните ветувања на демохристијаните во договорот, особено сега кога Мерц ја олабави границата за државниот долг и го отвори патот за финансискиот пакет од 500 милијарди евра.
Големо задолжување не значи дека секој ден е Велигден
Овој пакет навистина ѝ остава на следната влада значително повеќе простор, но Мерц мораше да плати и своја цена за тоа. Дури ни самите гласачи на ЦДУ и ЦСУ веќе не се сигурни во кредибилитетот на веројатниот иден канцелар, а тие пари во никој случај нема да значат дека ќе им се исполнат сите нивни желби. „Сите мораме да се збогуваме со илузијата дека со големи нови долгови сега е можно практично неограничено трошење“, предупредува Мерц. „Ќе биде токму спротивното.“
Времето поминува и првата фаза од коалициските преговори е завршена. Четири недели по изборите на маса се првите резултати. Во 16 работни групи, демохристијанските експерти се обидоа да ги наметнат своите ставови, но и социјалдемократите имаат свои барања. Тоа всушност значи дека по многу прашања позициите на ЦДУ/ЦСУ и СПД сѐ уште се многу далеку.
Сега на ред се челниците на преговарачките тимови на двете страни да ги испеглаат разликите. Меѓу нив е и лидерот на СПД, Ларс Клингбејл, кој има водено неколку коалициски преговори и добро знае дека „тука и таму може да има разлики, па може да има несогласувања меѓу преговарачите“. Всушност, би било чудно доколку договорот брзо се постигне само неколку недели по жестоката изборна битка. Тоа се сосема различни политички партии кои сега бараат заеднички именител.
Подобро сега договор отколку секогаш расправии
А таков заеднички именител е тешко да се најде, особено во прашањата за миграцијата, даночната политика и финансиите. Партиите на Унијата сакаат да се намалат даноците за оние кои заработуваат повеќе, додека СПД сака уште повеќе да ги оптовари, особено оние со врвни примања. Унијата сака да ги намали даноците на фирмите, СПД не верува дека државата воопшто може да си го дозволи тоа.
Зашто, како што предупредува Мерц, 500 милијарди евра долг се наменети исклучиво за инвестиции: во железницата и инфраструктурата, во училиштата и болниците... А, тука е и германската армија, на која предолго се штедеше и сега мора да се мисли за безбедноста на земјата. Сѐ останато мора да се плати од редовниот државен буџет.
И лидерот на социјалдемократите сака сè да биде детално договорено. „Мене ми е важно сè да биде јасно во овој коалициски договор. Затоа сега се работи за тоа, да се разговара за сѐ темелно и да бидеме јасни за прашањето како ќе се управува со оваа земја во иднина“. Затоа што во оваа земја коалицискиот договор е сериозна работа и речиси е невидено партиите потоа да не се држат до него - тоа најдобро го почувствува Олаф Шолц.
Фридрих Мерц гласно најави „вистинска промена на политиката“ во Германија за време на изборната кампања, но сега сепак треба да покаже како таа треба да изгледа - и успешно да ги спроведе своите ветувања во преговорите. А тоа ќе биде тешко, особено со миграциската политика и заканата од затворање на границите на Германија, што Мерц вети дека ќе го направи на првиот ден како канцелар. Затоа сега признава: „Тоа се комплексни преговори и сѐ уште не сме постигнале договор“. Додуша, има уште три недели до Велигден, но времето брзо минува.