Преговори во Џеда: Како може да заврши војната во Украина?
11 март 2025Позицијата на Украина
За Украина, следните неколку недели може да бидат клучни - се работи за надеж дека нема да се изгуби војната и да се постигне договор што ќе го обезбеди нејзиниот опстанок како независна и суверена држава.
Сепак, Украина е подалеку од кога било од исполнувањето на своите барања засновани на меѓународното право. Изгледите за враќање на нејзиниот територијален интегритет - односно враќање на суверенитетот над Крим, како и регионите Доњецк и Луганск, кои Русија незаконски ги окупираше и анектираше - речиси и да не постојат. Веднаш по преземањето на власта во јануари, новата американска администрација јасно стави до знаење дека Украина веројатно ќе мора да отстапи дел од својата територија. Русија и онака веќе ги смета тие области како дел од својата територија.
Доколку Украина се согласи барем привремено да се откаже од дел од својот источен и југоисточен територијален интегритет, останува прашањето кои области би ги отстапила и како би се обезбедиле линијата за демаркација и прекин на огнот.
Важно е да се напомене дека во последно време украинското раководство повеќе не инсистира на барање за целосно обновување на територијалниот интегритет.
Украина постојано ја нагласува својата аспирација за членство во НАТО како гаранција за траен мир и одвраќање на Русија од идни напади. Сепак, новата администрација на Доналд Трамп веќе ја отфрли таа можност. И пред тоа, меѓу членките на НАТО, вклучително и Германија, имаше голем скептицизам кон брзиот прием на Украина во Алијансата.
Покрај тоа, Украина се залага странска војска да го обезбедува примирјето, со соодветни безбедносни гаранции. Сепак, се уште не е јасно дали и од кого ќе ги добијат. САД не покажуваат волја да понудат такви гаранции, додека Европејците сакаат да ги обезбедат само доколку Вашингтон ги поддржи.
Сегашната линија на фронтот е долга околу 900 километри и за нејзино обезбедување ќе биде потребно значително меѓународно воено присуство. Вкупната должина на границата меѓу Украина и Русија изнесува дури 2.300 километри. Воените експерти проценуваат дека западните земји би требало да распоредат најмалку 150.000 војници, а можеби и значително повеќе. Меѓутоа, не е јасно како таа бројка би можела да се достигне без учество на САД.
За претседателот Володимир Зеленски, првиот чекор кон примирје би можел да биде делумен прекин на огнот, кој би вклучил крај на воздушните и поморските борби. Според еден украински функционер, таков аранжман би бил полесен занадгледување. Украина планира да претстави таков предлог на состанокот во Џеда.
Ставот на Русија
Досега Русија не се откажа од ниту една од своите воени цели. Иако ја изразува својата подготвеност да преговара за крај на непријателствата, нејзините планови за Украина останаа непроменети од почетокот на нападот на 24 февруари 2022 година.
Русија ја отфрла можноста Украина да влезе во НАТО. Таа бара неутралност на земјата и ограничување на нејзиниот воен капацитет. Според западните експерти, тоа практично би значело демилитаризација на Украина, оставајќи ја без заштита во случај на нов руски напад, имајќи предвид дека таа не би имала западни безбедносни гаранции. Москва го отфрла предлогот за стационирање на западни војници на територијата на Украина заради осигурување на примирје.
На почетокот на војната, Русија бараше и „денацификација“ на Украина - термин кој се користи за дискредитација и делегитимирање на украинското раководство предводено од Зеленски. Со ова Русија јасно стави до знаење дека сака промена на режимот во Киев и дека ќе го замени Зеленски со претседател наклонет кон Москва. Кремљ сега тврди дека Зеленски повеќе не е легитимен претседател бидејќи неговиот мандат истекол за време на воените услови. Во меѓувреме, и американскиот претседател Доналд Трамп го зазеде тој став, игнорирајќи го фактот дека украинските закони за воена состојба не предвидуваат одржување избори за време на војна.
Русија не сака никакви преговори за анексијата на Крим и украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон. Таа веќе ја вклучи нивната припадност кон Руската Федерација во својот устав, иако до денес контролира само делови од регионите Запорожје и Керсон.
Константин Ремчуков, главен уредник на рускиот дневен весник „Независимаја газета“, смета дека Русија би можела да биде подготвена да се откаже од територијалните претензии на оние области што не ги освоила, нагласувајќи дека промената на Уставот „нема да биде проблем“. Тоа фактички би ја замрзнало сегашната линија на фронтот во Украина.
Минатиот петок, Кремљ повторно ги спомна нацртите на договорот за прекин на огнот за кој се преговараше во март 2022 година во Истанбул, непосредно по почетокот на руската офанзива. Според соопштението на кабинетот на рускиот претседател, од перспектива на САД и Русија, тие преговори би можеле да послужат како основа за мировен договор. Според пишувањата на медиумите, Русија тогаш барала неутрален статус на Украина, драстично намалување на нејзината војска и вооружување, како и забрана за присуство на западни трупи во земјата. Но, договор не беше постигнат, бидејќи позициите на двете страни беа премногу оддалечени, а по откривањето на руските злосторства во Буча, преговорите станаа практично невозможни.
Позицијата на САД
Претседателот Доналд Трамп не остави никаков сомнеж дека повеќе не сака финансиски и воено да ја поддржува Украина како порано. Тоа го објаснува од една страна со досегашната помош, а од друга со смртта и страдањето на толку многу луѓе во оваа војна.
Трамп ја обвинува Украина за неблагодарност и покрај милијардите долари помош од САД и инсистира на договор кој теоретски ќе ѝ овозможи на Америка пристап до вредните природни ресурси на земјата. Сепак, значителен дел од овие ресурси се наоѓаат на териториите кои моментално се под руска контрола.
Зеленски е подготвен да потпише таков договор, но претходно за возврат побара американски безбедносни гаранции. Американската страна уште пред разговорите со руските претставници во февруари јасно стави до знаење дека членството на Украина во НАТО го смета за нереално и дека поаѓа од претпоставката дека Украина ќе мора да се одрече од дел од својата територија.
Останува нејасно кои се конкретните барања на Вашингтон кон Москва, освен очекувањата двете страни да постигнат договор за прекин на огнот. Претседателот Трамп ѝ се закани на Русија со дополнителни санкции и царини, а набргу потоа изрази разбирање за нејзините постапки. Мерките против Украина се поконкретни. САД ја суспендираа воената помош за таа земја и повеќе не ѝ обезбедуваат воено разузнавање.
САД не сакаат да обезбедуваат примирје со сопствени војници, ниту какви било други безбедносни гаранции. Тие сметаат дека тоа е пред се задача на Европејците. На крајот, останува нејасно дали Трамп исто така сака Зеленски да ја напушти власта. Со обвинувањето дека Зеленски е „диктатор без избори“ неодамна го презеде рускиот наратив.
Позицијата на Европејците
Досега Европејците не учествуваа во американско-руските и американско-украинските разговори за прекин на огнот во Украина, но сепак тие се дел од различни сценарија. Со оглед на фундаменталната промена во американската политика кон Украина, тие сега се обидуваат да изработат сопствен план за ставање крај на борбите.
Целта е да се формира еден вид „коалиција на волните“ која сака да продолжи да ја поддржува Украина. Според Британците, во моментов во неа се вклучени 20 земји. Планот вклучува обезбедување мир со ангажирање на свои војници, веројатно со учество на земји од Азија и Океанија.
Претстојниот викенд преговорите треба да продолжат во рамки на виртуелна конференција свикана од британската влада. Во понатамошните разговори во Париз ќе учествуваат претставници на 30 земји, изјави француски воен претставник.
Во Европа, Франција и Велика Британија ги предводат напорите и веќе изразија подготвеност да распоредат свои трупи. Двете земји најавија развој на план за едномесечен прекин на огнот во Украина. Според претседателот Емануел Макрон, тој ќе важи „во воздухот, на морињата и во енергетската инфраструктура“. Сепак, се уште не е постигнат конечен договор.
Покрај тоа, речиси сите земји од Европската унија се за продолжување на воената поддршка на Украина. Со исклучок на Унгарија, сите членки на ЕУ ја поддржаа соодветната декларација на вонредниот самит минатата недела.
Автор: Арец Екарт, АРД