„Масовен“ украински напад со дронови врз Москва
11 март 2025Во ноќта пред долгоочекуваниот состанок меѓу високите украински и американски претставници во Саудиска Арабија, руската престолнина Москва беше цел на, како што се чини, најголемиот украински воздушен напад на руска територија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Според руски извори, повеќе од 300 беспилотни летала биле соборени во текот на ноќта, од кои повеќето во регионот на главниот град и во пограничниот регион Курск.
„Масовен напад со беспилотни летала врз Москва и Московскиот регион“ започна во 4 часот (по локално време, 2 часот по полноќ по средноевропско време), изјави денска гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов на онлајн сервисот „Телеграм“. Најмалку две лица загинале, а неколку се повредени.
Аеродромите ја ограничија работата
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин претходно објави на Телеграм дека руската противвоздушна одбрана продолжува да одбива „масовен напад од непријателски беспилотни летала“. Според Министерството за одбрана, во текот на ноќта биле соборени вкупно 337 украински дронови, од кои 91 биле во регионот на главниот град. Во Курската област на границата со Украина пресретнати се 126 дронови.
Авиосообраќајот на московскиот аеродром Внуково е во прекин поради нападите со дронови. Според руските воздухопловни власти, имало „привремени ограничувања“ на аеродромите Домадедово, Жуковски и Шереметјево.
Нападите врз Москва, на стотици километри од границата, се ретки од почетокот на агресорската војна на Русија против Украина пред три години.
Киев се надева на обновување на воената помош од САД
Американско-украинските разговори во Саудиска Арабија за плановите за прекин на огнот доаѓаат во позадина на радикалната промена во американската политика кон Украина откако претседателот на САД, Доналд Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари. По приближувањето на Вашингтон до ставовите на Кремљ, Киев се надева на обнова на американската поддршка за Украина.
Преговорите во Саудиска Арабија ќе се водат меѓу високи претставници, а американската делегација ја предводи државниот секретар на САД, Марко Рубио. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот попладне пристигна во саудискиот град Џеда, местото на разговорите, но засега не е јасно дали ќе учествува во разговорите со американската делегација.
Претходно, на средбата меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа се случи скандал. На почетокот на март, Трамп ја суспендираше и американската воена помош за Украина. Трамп бара отстапки од Зеленски за ставање крај на тригодишната војна.