Зоврива офанзивата со дезинформации и дискредитации
23 јули 2025Не поминаа неколку дена откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков објави дека дека во моментов се води координирана и насочена операција на дискредитација против Македонија, Владата и лично против премиерот Мицкоски - и самиот стана мета на истата операција.
Во идентичен текст објавен во бугарски медиуми опишан е како единствен Македонец во семејство каде „речиси 20 Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат, се покажале како бугарски државјани, откако поминале низ постапка во која изјавиле дека имаат дедо Бугарин и дека самите се чувствуваат Бугари“.
Извор на таквите наводи нема, но има потсетување дека токму Левков бил тој што изјавил оти бугарските служби и нивни соработници во Македонија спроведуваат координирана операција против премиерот, Владата и државата.
„Оваа операција се спроведува со употреба на класични хибридни методи: ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации, злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации“, рече на прес-конференција Лефков пред неколку дена.
„Сомнежите за постоење на такви дезинформациски мрежи се веќе документирани и од меѓународни извори. Уште претходно, DFRLab (Digital Forensic Research Lab) разобличи мрежа од стотици координирани портали со потекло од Бугарија, кои се користат за ширење антизападни, а и антимакедонски наративи. Според нивниот извештај, тие функционираат преку субдомени и синхронизирани Фејсбук-страници, со цел поддршка на агенди кои се косат со вредностите на демократијата, стабилноста и евроатлантскиот курс. Дел од овие содржини, за жал, ги преземаат и портали во Македонија блиски до СДС, а некои завршуваат и во традиционалните медиуми“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
На една од прес-конференциите на истата тема, тој посочи дека одредени кругови во СДСМ и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а со цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Сомневањата, како што рече, се дека крајниот финансиер на ваквите операции е една голема источна земја, која има силно влијание и во Бугарија.
„Фрапантно е со која леснотија СДС се стави во целосна служба на бугарските агенции и интереси. Во периодот што следува ќе гледаме многу фабрикувани вести, лажни документи и изнудени реакции“, предупреди вчера Лефков.
И погоди.
Веќе видено
Од СДСМ деновиве посочуваа дека е излитена пропагандата за странски служби и оти „театарот со 'патриоти и предавници' служи само за да се сокрие епскиот неуспех на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и да се скрие фактот дека Мицкоски и пола од неговата Влада имаат бугарска самосвест“.
„Жолтите комбиња се вратија, ВМРО-ДПМНЕ е во параноја и процес за дефокус од реалните проблеми“, одговорија од СДСМ.
Но најбрзо се вратија сеќавањата на веќе видени епизоди со наводи за бугарски државјанства. Од СДСМ пред четири години, во периодот пред локалните избори, на прес- конференција објавија дека независнатата кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, веќе десет години има резервна татковина: во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство, подоцна и со бугарска лична карта со адреса во градот Петрич, но дека истите бугарски документи ги поседува и нејзиниот сопруг.
„Граѓаните на Скопје бираат градоначалник, а не кмет. Да се обединиме и да не дозволиме странски инсталации поврзани со минатото, да добијат можност да го уништуваат Скопје", повикуваа од СДСМ.
Арсовска тогаш демантираше дека има бугарско државјанство и лична карта, а во Бугарија се згрозуваа од говорот на омраза и нападите од СДСМ врз граѓанин со бугарска самосвест. Но, состојбите брзо се сменија. Откако по една година Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се разидоа, СДСМ ниту еднаш не спомна за бугарско државјанство на градоначалничката, ниту пак таа ги реализираше најавените тужби за ваквите наводи од СДСМ.
Лаги по нарачка
Во пресрет на новиот циклус локални избори, состојбата повторно зоврива. По посочените наводи во бугарски медиуми, Лефков на неговиот профил на Фејсбук оцени дека хибридната офанзива е во полн ек!
„...Лаги, вести, дискредитации, стартуваат по нарачка, од ботови, скришни или бугарски страници, а потоа молневито се шират! Координирана и скапа акција! СДСМ сега да си го објасни соопштението полно со навреди, повикувајќи се на ‘жолти комбиња' и параноја - додека реално, Македонија и македонските политичари кои ги штитат националните интереси се цел на синхронизиран напад. Ова не е параноја, туку организирана операција против секој што се бори за македонските интереси - СДС да одбере страна!“, напиша тој.
Според медиумски експерт, она што привлекува внимание, е изборот и брзата промена на медиуми во кои се објавуваат дискредитации.
„Пред една недела македонскиот премиер беше таргетиран во еден медиумски ‘екосистем’ кој и кај соседите не важи само за жолт печат, туку за еден длабок информациски супстандард. Откако овде беа посочени тие и такви портали како неверодостојни и манипулативни, сега наводите се пласираат во медиуми кои важат за покредибилни. Тоа ‘прешалтување' индицира дека постои систем што се грижи за каналите на дистрибуирање и за целта на тие дезинформации“, вели нашиот соговорник.
Синхронизирани со опозициски партии и поединци
Дали се во прашање само медиумски наводи од соседството, кои наоѓаат „партнери“ од интерес во Македонија што експресно ги перпетуираат тие дискредитации, или е во прашање многу повеќе од тоа?
Според поранешниот министер за внатрешни работи и претседател на владејачкиот Демократски сојуз, Павле Трајанов, Македонија се соочува со сериозни активности насочени кон создавање на чувство на несигурност, неизвесност, недоверба кон државата и виталните институции, потикнување на верска и етничка нетрпеливост, како и обиди за поделби на идеолошка, партиска и етничка основа, со крајна цел да се дискредитира власта и чувството на бесперспективност.
„Овие процеси се потикнати од странски служби кои синхронизирано дејствуваат и со опозициски партии и поединци. Најагресивна е кампањата од Бугарија, која има силна подлога во опозициската ДУИ, но и во одделни структури на СДСМ. Главната цел е дискредитација пред ЕУ и САД, обидувајќи се да промовираат присутност на српски свет, руско влијание, процес на орбанизација, зависност од Кина и слични тези, кои мошне перфидно ги пласираат и преку домашни поранешни фунционери“, вели Трајанов.
Според него, подметнатите пожари и политизацијата на огромната трагедија во Кочани, се само дел од поновиот арсенал.
„Во суштина се соочуваме со најсилен онлајн радикализам, кој освен преку социјалните мрежи, се одвива и преку интернет медиумите. Оваа состојба е доста комплексна и затоа е неопходен институционален и ефектен одговор, преку разобличување на домашните и странските актери кои се без аргументи, и брзо ќе колабираат како што паднаа над 10 нарко картели поврзани со врвовите на партиите од поранешната власт. Демократијата, мирот и стабилноста немаат цена, затоа мораме да бидеме сплотени и обединети. Се работи за државата и нашата европска перспектива", порачува Трајанов.