ЕУ сака да забрани наплата на рачен багаж во авионите
24 јуни 2025Пратениците во Европскиот парламент во вторникот побараа забрана за наплатување на мал рачен багаж од страна на авиокомпаниите – предлог кој наиде на остро противење од воздухопловниот сектор.
Транспортниот комитет на Европскиот парламент усвои предлог со кој на патниците би им било дозволено да понесат еден личен предмет во кабината – како чанта или ранец – и еден рачен багаж со тежина до седум килограми, без дополнителна наплата.
Целта на мерката е да ги поштеди патниците од „неоправдани дополнителни трошоци“, изјави пратеникот од централно-левиот блок Матео Ричи, кој е главен предлагач на иницијативата.
Многу нискобуџетни авиопревозници во цената на билетот вклучуваат само еден мал предмет за носење во кабината, додека наплатуваат дополнително за друг рачен багаж.
Осуда од авиокомпаниите
Асоцијацијата „Авиокомпании за Европа“ (A4E), која ги претставува европските авиокомпании, ја осуди оваа иницијатива, предупредувајќи дека таа би можела да доведе до повисоки цени на авионските билети и да ги зголеми трошоците за патниците кои патуваат лесно.
„Наметнувањето задолжителен куфер со тркала ги принудува патниците да плаќаат за услуги кои можеби не ги сакаат или не им се потребни“, изјави извршната директорка на A4E, Урања Георгуцаку, пред гласањето.
Мерката, која би се применувала на сите летови што полетуваат или пристигнуваат во рамки на 27-члената Европска Унија, беше усвоена како дел од пакет амандмани за правата на патниците предложени од Европската комисија.
Комитетот за транспорт исто така гласаше за воведување на заеднички формулар за барања за надомест и враќање средства, како и дефинирана листа на „вонредни околности“ – како природни катастрофи или војна – под кои авиокомпаниите можат да одбијат обештетување.
Предлозите сега треба да бидат ставени на гласање пред целиот состав на Европскиот парламент.
Тие се уште може да претрпат измени, бидејќи мора да бидат договорени и одобрени и од земјите-членки пред да стапат на сила.