Познати и идните министри од СПД во кабинетот на Мерц
5 мај 2025Новиот кабинет на идниот канцелар Мерц е комплетиран: По ЦДУ и ЦСУ, и СПД во понеделник ги објави имињата на номинираните министри. Покрај партискиот лидер Ларс Клингбајл како министер за финансии и вицеканцелар, клучните позиции ќе ги имаат Борис Писториус како старо-нов министер за одбрана, а поранешната претседателка на Бундестагот, Бербел Бас, станува министерка за труд и социјала.
Борис Писториус е единствениот министер од СПД кому му е дозволено да остане на функцијата. Според многу анкети, Писториус и понатаму е најпопуларен политичар во Германија. 65-годишникот има тешка задача да го трансформира Бундесверот во армија за национална одбрана. Благодарение на реформата на должничката сопирачка, тој може да користи значителни финансиски средства.
Според предлогот на СПД, актуелната министерка за образование на Рајнланд-Пфалц, Стефани Хубиг, ќе го преземе Министерството за правда, заменик-претседателката на пратеничката група на СПД, Верена Хуберц, ќе стане министерка за градежништво, комесарката за миграција и антирасизам, Рем Алабали-Радован ќе стане министерка за развој, а актуелниот комесар за Источна Европа, Карстен Шнајдер ќе биде министер за екологија.
„Како последица на лошиот изборен резултат на сојузните избори, заеднички најавивме реструктуирање на персоналот и содржината“, истакнаа партиските водачи на СПД Ларс Клингбајл и Саскија Ескен во врска со кадровските решенија. „Со нашиот владин тим ние како раководство на партијата го правиме следниот чекор“.
Според тоа, досегашната ко-лидерка на СПД, Ескен, нема да се најде во новата влада, ниту поранешниот министер за труд Хубертус Хајл, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, министерот за здравство Карл Лаутербах, министерката за развој Свења Шулце и министерката за градежништво Клара Гајвиц.
По објавувањето на имињата на номинираните министри од СПД, на пладне беше потпишан коалицискиот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД. Во вторник лидерот на ЦДУ Фридрих Мерцќе биде избран за канцелар, а сојузниот претседател на Германија Франк-Валтер Штајнмајер официјално ќе ги именува новите членови на владата. Потоа Мерц и министрите ќе положат заклетва во Бундестагот.