Пожарот во Кочани зеде уште една жртва
4 април 2025Почина пациент којшто беше испратен на лекување во Литванија, поради повреди со коишто се здобил во пожарот којшто избувна во дискотека во Кочани. Со тоа бројката на загинати во трагедијата се искачи на 60.
Станува збор за Александар Карадакоски, кој беше повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Веста ја потврди министерот за здравство Арбен Таравари. Карадакоски се водел како управител на дискотеката „Пулс“ .
Најкритични повреди
Таравари при посетата на Липково информираше дека Карадакоски имал 40 отсто изгореници на телото и дека бил најкритичен пациент од сите кои се лекуваат во странство. Од 1 април досега му се влошила состојбата.
„Му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа. За жал, утрово ја добив лошата информација дека тој починал. Да се надеваме дека на другите критични ќе им се подобри состојбата и дека ќе се вратат во државата“, рече Таравари.
Веќе е започната процедурата за враќање на телото на починатиот во земјата.
Во трагедијата што се случи на 16 март, во пожар кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади лица коишто присуствувале на концерт на групата „ДНК“. Над 190 лица без повредени. Дел од нив по медицинскиот третман беа пуштени на домашно лекување. Во болниците во Северна Македонија и во странство остануваат уште стотина пациенти.
Во земјата се пристигнати тимови од странство со големо искуство во областа на рехабилитација на пациенти со изгореници, кои во моментов прават евалуација на просторните услови, апаратурата во неколку центри за рехабилитација на пациенти со изгореници. Две држави понудиле да пружат подетална и подолготрајна терапија за пациенти од пожарот во Кочани.
Истрагата за пожарот којашто ја водат 11 обвинители е во тек. Досега со истражните дејствија се опфатени 34 лица и се сослушани околу 300 сведоци.