Пад на авион по судир со хеликоптер над Вашингтон, има жртви
30 јануари 2025Во авионска несреќа во близина на аеродромот во главниот град на САД во Вашингтон, патнички авион со 64 лица се судри со американски воен хеликоптер. Авионот се урнал во реката Потомак. Според извештаите, се стравува дека има повеќе мртви.
Според Федералната управа за авијација (FAA), авионот бил од типот Bombardier CRJ700 од компанијата Американ Ерлајнс кој доаѓал од Вичита, Канзас. Авиокомпанијата изјави за Си-Ен-Ен дека во авионот имало 60 патници и четворица членови на екипажот.
Портпарол на американската армија потврди дека хеликоптерот е Sikorsky H-60, варијанта на Блекхок. Според претставник на американската влада, во него имало тројца војници. Бидејќи политичари и високи воени функционери често патуваат со хеликоптери над главниот град на САД, портпаролот јасно стави до знаење дека хеликоптерот вршел само тренинг-лет.
Првично нема официјални податоци за можни жртви. „Нема потврдени информации за бројот на жртвите“, се вели во соопштението на вашингтонската полиција. Во тек е голема спасувачка операција, која е отежната поради ниските температури. Во реката Потомак на места пливаат ледени санти.
Според извештаи на американските медиуми, неколку тела биле извлечени од реката во близина на аеродромот. Телевизијата Си-Би-Ес извести за 18 смртно настрадани. Исто така, не е јасно дали има преживеани. Додека локални американски медиуми јавуваат за четири спасени лица досега, новинската агенција ДПА, повикувајќи се на каналите Си-Ен-Ен и Си-Би-Си, пишува дека сè уште не се пронајдени преживеани.
Според Ен-Би-Си њуз, Федералната полиција ФБИ соопштила дека нема докази за криминал или тероризам.
Веб-камера во Центарот Кенеди во Вашингтон прикажа експлозија во воздухот во 21:47 часот (по локално време), проследена со запален и авион во брз пад.
Националниот аеродром Роналд Реган Вашингтон беше затворен по несреќата. Ова го соопштија одговорната противпожарна служба и аеродромот. На лице место се чамци на противпожарната бригада.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави што е можно поскоро да даде информации за понатамошниот развој, како што објави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на Х. Трамп на неговата платформа Truth Social им се заблагодари на спасувачите за нивната „одлична работа“, истовремено, изразувајќи недоволно разбирање за тоа како се случила несреќата. Несреќата „требаше да се спречи“, напиша тој. „Зошто контролната кула не му кажа на хеликоптерот што да прави наместо да праша дали го виделе авионот? „Ова е лоша ситуација што се чини дека требаше да се спречи“, додаде претседателот, проследено со зборовите „не е добро“ со големи букви.