Негативен тренд: населението се намалило за 4.140 лица
2 јули 2025Македонија и понатаму се соочува со негативен природен прираст - лани населението се намалило за 4.140 лица, покажуваат најновите статистички податоци на Државниот завод за статистика. Бројот на починати од новородени е поголем и во градските и во руралните средини.
Лани се родиле 16.061 дете, но починале 20.201 лице во земјата. Во градските средини населението се намалило за 3.132 лица, додека 1.008 лица има помалку во руралните подрачја.
Во 2024 година, во градските подрачја биле живородени 9. 694 деца, што претставува 60,4 отсто од вкупниот број на новородени, но имало 12. 826 смртни случаи, што доведува со понатамошен негативен природен прираст. Во руралните подрачја, пак, се родиле 6. 367 деца или 39,6 отсто од вкупниот број, додека починале 7. 375 лица.
Скопскиот регион има најголемо учество во вкупниот број раѓања со 40,4 отсто, додека Источниот регион е со најниско учество од 5,8 отсто. Најголемо учество во однос на вкупниот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 30.3 %, а најмало Североисточниот регион со 8.0 %. Бројот на умрените доенчиња во градските подрачја е 28, додека во селските подрачја умреле 19 доенчиња.
Најголема внатрешна миграција во Пелагонискиот регион
Според статитстиката, повеќе бракови, но и разводи, се случуваат во градовите, отколку во селските средини. Бројот на склучените бракови во градските подрачја изнесува 6. 014 или 54.3 %, наспроти 5,052 бракови или 45.7 % во селските подрачја. Бројот на разводите во градските подрачја изнесува 1. 299 или 64.2 %, додека во селските подрачја има 725 разводи или 35.8 % од вкупниот број разводи.
Што се однесува до внатрешните миграции - тие се најчести во Пелагонискиот регион (52.8 %), каде жителите ги напуштаат селата и се селат во град. Меѓуселските преселби имаат најголемо учество во Полошкиот регион со 49.6 %, наспроти меѓуградските со учество од 2.5 %.
Во однос на надворешните миграции, најголемо иселување има во Скопскиот регион - 2 603 лица, а најмало во Вардарскиот регион, односно -177 лица.
Ваквите податоци само ја поткрепуваат тезата дека најголемата закана за иднината на Македонија е демографијата - населението забрзано старее и државата забрзано се празни. Проценките се дека бројот на население во земјата во наредните години може да се намали и за 35 проценти. Проекциите на Државниот завод за статистика укажуваат дека до 2070 година може да дојде до енормно намалување на населението на 1.3 милиони лица. Миграцијата останува најсериозен и најзагрижувачки проблем. Намалувањето на населението се должи на иселувањето и на ниската стапка на наталитет.