Поуки од короната: Во СЗО е постигнат договор за пандемии
16 април 2025Пет години по почетокот на пандемијата на коронавирус, бројни земји се усогласија за договор за пандемија кој треба да спречи хаос сличен на оној што настана тогаш.
По цели три години и, последно, ноќни дискусии во Женева, преговарачите се усогласија околу текстот на договорот. Тој треба да биде усвоен на годишниот состанок на 194-те членки на Светската здравствена организација (СЗО) во Женева во мај.
Договорот има за цел да постои соработува и во превенцијата и во одговорот на претстојните пандемии. „Нациите во светот напишаа историја денес во Женева“,изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Еден важен аспект треба да биде вклучен во анекс на договорот и за него допрва треба да се преговара. Станува збор за тоа како да се постапува со генетските секвенци на патогени и како да се снабдуваат посиромашните земји со лекови и вакцини.
Во принцип, текстот содржи некои нејасни формулации. Обврските важат, на пример, „во зависност од националните закони“, додека кај условите постојат ограничувања како „со меѓусебен договор“. Договорот е „почеток, а не крај“, изјави за новинската агенција ДПА, Џијан-Лука Бурчи, професор во Центарот за глобално здравје на Институтот за студии на Универзитетот во Женева.
САД не учествуваат во преговорите по смената на администрацијата во Вашингтон. Претседателот Доналд Трамп нареди повлекување од СЗО со важност од јануари 2026 година.Сепак, договорот кој сега е постигнат се однесува само на земјите чии парламенти го ратификувале. Дури и откако ќе стапи на сила, СЗО не може да нареди локдауни, ограничувања за патување или вакцинација.