Потреси во СДСМ - Струмица во кумановско сценарио?
4 јули 2025По поразот на минатогодишните избори и тензичниот избор на нов претседател, во СДСМ повторно се распламти криза. Изворот е бастионот на СДСМ, Струмица, откако раководството во Скопје неочекувано реши да не го кандидира за градоначалник досегашниот прв човек на општината Костадин Костадинов, туку го номинираше Марјан Даскаловски, шеф на локалниот огранок и претседател на Советот на општината.
Овој потег наиде на жесток одговор од Костадинов кој пред градоначалничката функција беше партиски портпарол и пратеник во парламентот познат и како фронтмен на СДСМ во времето кога со партијата управуваше поранешниот претседател Зоран Заев. Костадинов најави ново движење во централно-левичарскиот камп, кое доколку се реализира, ќе доведе до натамошно раситнување на некогаш моќната партија.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото, најмалку каде што е сега“, порача Костадинов на Фејсбук.
Тој најави дека во следните месеци, ќе започне ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори, а навести и можна независна кандидатура за градоначалник, иако, како што рече, нема конечна одлука.
Даскаловски: „Не е фер“!
Ставот на Костадинов предизвика бројни реакции во кои доминира поддршка, но и осуда за остриот тон кон раководството на СДСМ. Неговиот конкурент и сопартиец Даскаловски во изјава за ДВ вели дека не е изненаден од потегот на Костадинов, но дека „не е фер од негова страна, после сѐ што сторила СДСМ, сега да им враќа на таков начин“. Тој категорично вели и дека Струмица нема да биде како Куманово. „Поддршката на членството и симпатизерите е кон мене. Победата во Струмица во досегашните изборни циклуси не беше победа на личноста, туку беше победа овозможена од партијата и нејзините ресурси“, вели Даскаловски.
Случувањата во Струмица го нарушија кревкиот внатрепартиски мир во СДСМ воспоставен по големиот пораз на изборите и смената на раководството. Аналитичарите предвидуваат продлабочување на кризата.
„После лошите изборни резултати, нејасно е зошто е потребно да се отвора уште еден фронт и да се ситни гласачкото тело, особено во контекст на тоа што Костадинов најавува независна кандидатура што може да го подели и онака раситнетото гласачко тело на СДСМ на два табора, што е вовед во лош изборен резултат во локална средина каде СДСМ имаше некакви шанси за победа. А такви локални средини не останаа многу“, вели за ДВ д-р Ненад Марковиќ, аналитичар и професор на Институтот за политички науки и медиуми и комуникации при Правниот факултет.
Марковиќ вели дека кризата во СДСМ ќе трае, најверојатно, и по локалните избори. „Ако нема значителен напредок во бројот на освоени гласови, а мали се шансите, веројатно ќе се оди на избор на сосема ново раководство и некаков партиски ‘ресет'. Доколку тоа не се случи, кризата во СДСМ веројатно само ќе се продлабочува“, смета тој и прогнозира дека најголемиот победник од целата ситуација ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, на кој по оваа епизода, вели, победата не му е далеку во Струмица.
Можна (ли) е фракција
СДСМ има долгогодишна историја на внатрепартиски судири кои доведуваа до создавање на нови партии, како што беше случајот со Нова Социјал-Демократска партија (НСДП) формирана од еден од основачите на СДСМ, Тито Петковски, како и движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, кое исто така е резултат на внатрешни превирања во партијата.
Соговорник на ДВ кој долги години беше на високи државни и партиски функции во СДСМ, а потоа си замина, вели дека ја напуштил партијата бидејќи „се претворила во втора ВМРО“. Денес, како посматрач на случувањата во неговата некогашна партија, смета дека ѝ е загрозена иднината по поразот на парламентарните избори и дека случувањата во Струмица во најдобро сценарио ќе водат кон нова фракција кај социјалдемократите. „Струмица, Крива Паланка, Куманово, беа градови бастиони на социјалдемократската идеја и за жал гледаме како и тие паѓаат“, вели нашиот соговорник кој побара анонимност.
Некои прогнози одат дотаму дека настаните се движат кон кумановското сценарио кога Максим Димитриевски излезе од СДСМ и повторно победи во трката за градоначалник бришејќи ја оваа општина од победничката мапа на СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Костадинов во Струмица. Тоа сепак би било премногу. Но самиот факт дека Костадинов се отуѓува од партијата и го замрзнува своето членство, повлекува одреден број на гласови од контото на СДСМ. Костадинов веројатно ќе стане малку модификувана верзија на Максим Димитриевски, во секој случај многу слична по штетата која може да ѝ биде нанесена на СДСМ во смисла на нивното изборно конто“, посочува Ненад Марковиќ.
Постои загриженост дека во услови на силната доминација на ВМРО-ДПМНЕ, слабата СДСМ нема да може да ја извршува функцијата на опозиција. Некогашниот партиски функционер Јован Деспотовски кој беше кандидат за претседател на партијата во 2021 и во 2024 година во изјава за ДВ рече дека случувањата во Струмица нема да се одразат на партијата, или како што вели „немаат потенцијал за дестабилизација на СДСМ“. „Но во поглед на опозициското дејствување СДСМ мора да излезе со политика која ќе ги заинтересира граѓаните“, изјави тој.
Длабоката внатрешна поларизација во земјата, закочените евроинтеграции, галопирачкиот раст на цените и натамошна партизација на институциите може да ја намалат поддршката на Владата, но засега малкумина веруваат дека СДСМ може да го капитализира тоа.