Потребата на Италија од дрво ги загрозува албанските шуми
1 мај 2025„Не одете таму, ќе ве изеде мечка!“, беше предупредувањето од четворица мажи што ги сретнавме во селото Лекбибај, во областа Тропоја, на северот на Албанија. Нашата дестинација беше населбата Врана е Маде, каде што пред околу две години мештаните се спротивставија на нелегалната сеча во регионот.
И покрај прекумерната експлоатација, во шумите во земјата и натаму има букови дрвја – вид особено баран во дрвната индустрија. Гледаме голем број камиони натоварени со огромни трупци. Се гледаат многу исчистени површини наменети за транспортни возила и постари и потазе траги од масовно сечење на дрвја.
Заради заштита на шумскиот фонд, Албанија во 2016 година воведе десетгодишен мораториум за сеча на автохтони шуми за комерцијални цели со траење до 2026 година. Дозволено е само сечење на огревно дрво за потребите на домаќинствата и јавните институции, како што се училиштата и градинките.
Мораториум без ефект?
И покрај мораториумот, ширум земјата може да се видат пилани кои во поголем дел не се ни законски регистрирани. Освен тоа, и компаниите што поседуваат дозволи за сечење огревно дрво честопати ги злоупотребуваат таквите дозволи. „Тие во своите камиони товарат буково дрво од најдобар квалитет. Парцелите за кои фирмите добиле дозволи за сеча остануваат недопрени, а сечата се врши во области со дрво од највисок квалитет. Не се почитуваат никакви правила. Сечат што сакаат“, вели Ахмет Мехмети, искусен инженер за шумарство.
Според албанскиот закон, локалните самоуправи ги контролираат сите активности во шумите - вклучително и употребата на дрвото. „Имаме спорадични случаи на нелегална сеча, но не може да кажеме дека тоа е широко распространета појава“, вели Пјетер Имерај од општината Лекбибај. Неговата задача е да ја информира локалната заедница за потребата од огревно дрво во текот на зимата. Врз основа на овие информации, заедницата донесува одлуки.
„Ние не издаваме дозволи на компании за сечење огревно дрво, туку процесот се одвива преку јавни тендери“, објаснуваат од општинската администрација, но не споделуваат никакви информации за детали од договорот со компанијата „Алџеф“, која победила на тендерот, туку нè упатуваат на веб-страницата на Албанската служба за јавни набавки.
Компанијата Алџеф - единствена на тендерот
Таму дознаваме дека „Алџеф“, компанија која постои од 2001 година, единствена се пријавила на тендерот. Тендерите со само една понуда меѓу експертите се сметаат за предупредувачки сигнал. „Спроведовме сè што беше предвидено во договорот. Се сечеа само мртви и суви дрвја, а не се сечело или транспортирало дрво надвор од договорените области“, вели Џафер Фиора, сопственик на компанијата „Алџеф“. Главниот клиент за кого Алџеф веќе десет години превезува дрво е компанијата Минели Спа, дел од италијанската групација Минели, основана во 1937 година како производител на огревно дрво.
Денес фирмата произведува висококвалитетни дрвени производи, како што се кундаци за спортски и рекреативни пушки, дршки за четки, ножеви и метли, како и компоненти за дрвени играчки. Нивните производи се пласираат на италијанскиот и меѓународниот пазар, а еден од најголемите пазари е САД. Деловната соработка меѓу Алџеф и Минели започнала во 2012 година, а една од главните причини биле ниските трошоци за работна сила во Албанија.
Од Минели тврдат дека тие не биле запознаени со обвинувањата од мештаните од Тропоја. Огромното мнозинство од албанското дрво завршува во Италија, а од таму дел оди во САД. Мораториумот не влијаел на соработката со Алџеф. „Знаеме дека Алџеф увезува дрво и од Црна Гора и од Косово“, вели Марчело Минели, претставник на италијанската компанија.
Според официјалните податоци од Албанскиот институт за статистика (ИНСТАТ), извозот на дрво во периодот од 2012 до 2023 година е во благ пад - иако ова првенствено се однесува на дрвениот јаглен. Сепак, Италија останува главна дестинација за повеќето албански дрвени и хартиени производи. Според податоците на Опсерваторијата за економска комплексност, Албанија извезува дрво во Италија уште од 1995 година. А во 2015 година, односно една година пред да стапи на сила мораториумот, дури 71,7 проценти од албанското дрво завршило во Италија.
Италија го занемарува спроведувањето на европските прописи
Уредбата на Европската Унија за дрва која има за цел борба против нелегалната сеча и нејзините последици, стапи на сила во 2013 година. Теоретски, ова значи дека нелегално исечено дрво не треба да влезе на пазарот на ЕУ. Исто така, потеклото и видовите дрво што влегуваат во ЕУ мора да бидат документирани.
Според италијанските експерти, сепак регулативата има повеќе морално отколку правно значење. Давиде Петенела, професор по шумарство на Универзитетот во Падова и поранешен советник на ФАО за Балканот, верува дека „ЕУТР нема да ги спречи нелегалните активности во Албанија“. Причината за тоа е што системот е дизајниран да ги следи легалните текови на трговијата со дрва, додека спроведувањето на контроли е „речиси невозможно“ поради синџирот на корупција што се протега од нелегална сеча до царински контроли, мерења, продажба и извоз. Извори од италијанската шумска полиција објаснуваат дека тие главно ја проверуваат документацијата – и дека земаат случајни примероци на терен секоја втора година.
Мораториумот не е доволен
„Во текот на последните 20 години, Албанија изгуби околу 33 проценти од својата биомаса од дрво“, вели Абдула Дику, инженер по шумарство кој со години ја следи состојбата на шумите во Албанија. Најновиот извештај на „Глобал Форест Воч“ покажува дека Албанија загубила 6,5 проценти од површините со шуми во последните две децении. Оваа тема сега стигна и до Брисел. Во Извештајот на ЕУ за напредокот на Албанија за 2024 година се наведува дека „недоволната имплементација на законите за шумарство и сеча на дрва и натаму остануваат причина за загриженост. И покрај мораториумот за сеча на дрва, таквата пракса и натаму ги заобиколува контролите.“
Ова истражување е спроведено со поддршка на Европскиот новинарски фонд