Смртоносна несреќа на познатиот трамвај-жичница во Лисабон
4 септември 2025Службите за итни случаи во главниот град на Португалија, Лисабон, соопштија дека најмалку 15 луѓе загинале, а 18 се повредени во средата, кога еден од иконските жолти вагони на линијата „Глорија“ излетал од шините.
Во соопштение, Националниот институт за медицински итни случаи наведе дека пет од повредените се во сериозна состојба, вклучувајќи и едно дете, и дека некои од нив се странци. Според службите за итни случаи, сите жртви се извлечени од остатоците на вагонот.
Што знаеме за несреќата?
Познатиот трамвај-жичница, кој се движи нагоре и надолу по стрмната улица во центарот на Лисабон, го користат и локалното население и туристите. Според сведоци, вагонот се спуштал по ридот, очигледно надвор од контрола, пред да излета од шините.
„Удари во зградата со брутална сила и се распадна како картонска кутија“, изјави жителката Тереза д'Аво за португалската ТВ станица СИЦ.. Видео снимки и фотографии од местото на несреќата покажуваат дека вагонот се превртел и е сериозно оштетен. Тој удрил во зграда на свиокот на патот.
Неколку десетици работници на итните служби беа ангажирани во спасувачката операција на местото на несреќата. Португалската влада соопшти дека истрагата за причините ќе започне откако ќе заврши спасувачката операција.
Сочувство од политичарите
Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, ја нарече несреќата „трагедија без преседан“ и рече дека градот е во жалост. Португалската влада соопшти дека четврток ќе биде национален ден на жалост.
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса изрази сочувство до погодените семејства. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, изрази сочувство. „Со тага дознав за излетувањето на познатиот ’Елевадор де Глориа’“, напиша таа на португалски на платформата X.
Шпанскиот премиер Педро Санчез напиша на X дека е „ужаснат од страшната несреќа“, додека италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, рече дека разговарал со својот португалски колега и изразил „солидарност со жртвите“.
Што е фуникуларот „Глорија“?
Трамвајот-жичницва „Глорија“, кој бил отворен во 1885 година, поврзува дел од центарот на Лисабон во близина на плоштадот Рестаурадорес со Баиро Алто (Горниот кварт), кој е познат по својот бурен ноќен живот.
Двата вагони, од кои секој може да превезе околу 40 луѓе, се прикачени на спротивните краеви на кабел за влечење, а електрични мотори на вагоните обезбедуваат влечна сила.
Трамвајот-жичница Глорија е една од трите вакви линии управувани од градското претпријатие за јавен превоз, Карис, и ја користат и туристите и локалните жители. Според градското собрание, линијата Глорија превезува околу 3 милиони луѓе годишно.