Затвор за екс- менаџери на „Фолксваген“ за дизел-скандалот
26 мај 2025Во кривичната постапка поврзана со скандалот со дизелот, четворица поранешни директори на „Фолксваген" се прогласени за виновни за измама. Како што пренесува новинската агенција ДПА, одделот за комерцијални кривични дела на Регионалниот суд во Брауншвајг осуди двајца обвинети на неколку години затвор, а двајца поранешни вработени добија условни казни. Поранешниот шеф на „Фолксваген", Винтеркорн не е обвинет во овој случај.
Поранешен шеф за развој на дизел мотори е осуден на четири и пол години затвор, поранешниот шеф на погонска електроника е осуден на две години и седум месеци затвор. Највисоко рангираниот обвинет, поранешен шеф за развој во „Фолксваген", доби условна казна од една година и три месеци, додека поранешен раководител на сектор е осуден на една година и десет месеци условно.
Пресудата не е правосилна, а правната постапка не е завршена и по оваа осудителна пресуда. Во Брауншвајг, по првото судење и сложениот случај против Винтеркорн, се уште се отворени четири дополнителни кривични постапки против вкупно 31 обвинет, изјави портпаролот на регионалниот суд.
Пресудата става крај на огромниот судски процес по речиси четири години. Додека од гледна точка на истражителите, обвинетите добија заслужени казни, осудените се гледаат себеси како жртвени јарци. Јавниот обвинител бараше затвор од две до четири години и сметаше дека условната казна е соодветна само во еден случај. Одбраната, пак, се изјасни за три ослободителни пресуди и едно предупредување.
Првично беше планирано поранешниот извршен директор на групацијата „Фолксваген", Мартин Винтеркорн, исто така, да биде на обвинителна клупа. Сепак, делот од постапката против него беше прекинат пред почетокот во септември 2021 година од здравствени причини. Во меѓувреме, Винтеркорн се изјасни пред судот и како сведок и како обвинет, цврсто негирајќи ја одговорноста за скандалот со дизелот. Несреќен случај кој бараше хоспитализација го прекина судењето против најистакнатиот обвинет. Нејасно е дали и кога ќе може да се продолжи постапката против сега 78-годишниот.
Скандалот околу манипулацијата со тестовите за емисиите на дизел автомобили излезе на виделина во септември 2015 година. Во тоа време, „Фолксваген", под притисок на американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА), призна дека манипулирал со вредностите на емисиите на дизелот користејќи одреден софтвер, со кој моторите ги исполнуваа ограничувањата за азотен оксид на тестирање, но испуштаа многу пати повеќе од овие отровни издувни гасови на патиштата.
Неколку дена откако стана позната манипулацијата, извршниот директор Винтеркорн поднесе оставка. „Фолксваген" западна во една од најголемите кризи, која, според компанијата, ја чинела до денес околу 33 милијарди евра. „Фолксваген" плати милијарда казна на покраината Долна Саксонија и компензација на околу четвртина милион купувачи на дизел возила. Од 2018 година, против групацијата „Фолксваген" и холдинг компанијата „Порше СЕ" се во тек процеси со кои се бара компензација за инвеститорите кои претрпеа милијарди загуби во цената на акциите по „Дизелгејт" скандалот.
Во првата кривична пресуда во Германија, поранешниот извршен директор на „Ауди“, Руперт Штадлер, беше осуден во Минхен на една година и девет месеци условна казна за измама и му беше одредена парична казна од 1,1 милион евра. Првично беше постигната спогодба, но потоа бранителите изненадувачки поднесоа жалба. Пресудата не е правосилна.