Трамп и Украина: Ретки метали за оружје - кој би имал полза?
5 февруари 2025Со неговиот предлог за добивање ретки метали од Украина во замена за американска воена помош, американскиот претседател Доналд Трамп всушност презема идеја од таканаречениот „план за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Уште пред Трамп да биде избран за претседател на САД, Зеленски понуди да склучи договор за заедничко експлоатирање и користење на суровини. Украина има што да понуди - ретки метали, титаниум и литиум - за кои се проценува дека се најголемите наоѓалишта во Европа.
Битка за вредни суровини
Титаниумските руди се користат во воздухопловството и во вселенските летала. Литиумот е од суштинско значење во производството на батерии, полупроводници и батерии за електрични автомобили. Меѓутоа, многу наоѓалишта се наоѓаат во окупираните региони од Русија, Луганск и Доњецк, или во области зафатени од војната.
Борбата за вредни суровини трае веќе подолго време, вели на својот канал на Јутјуб украинскиот политиколог Игор Чаленко од Центарот за анализа и стратегија.
„Кога зборуваме за ретки метали, треба да имаме на ум дека значителен дел од нив се во воената зона и дека де факто се води борба за ресурси. Русија, исто така, се обидува да стекне дополнителни ресурси.“
САД сакаат да ја престигнат Кина
Украина и натаму има 20 истражени полиња кои ги содржат бараните суровини литиум, графит, титаниум и ураниум во остатокот од земјата. Украинските медиуми посочуваат дека интересот на Трамп може да се објасни пред сѐ со неговата желба да ја намали зависноста од Кина. Земјата е лидер на светскиот пазар не само во ископувањето, туку и во преработката на стратешките ресурси. Од друга страна, постои и воен аспект, бидејќи ретките метали, исто така, играат голема улога во производството на оружје.
Шанси за Украина преку американските компании
Украинскиот политиколог Микола Давидјук во интервју за Радио Нов глас изјави дека сега има можност да се убијат неколку птици со еден удар. „Од една страна ја ослободуваме земјата од окупаторите, а од друга страна имаме на располагање технолошки компании со кои можеме да работиме заедно. Ако Илон Маск ископува литиум, возилата на Тесла или барем батериите за возилата на Тесла би се произведувале во Украина“, рече Давидјук.
Стравувања од економска експлоатација
Трамп истакна дека сака сигурност кога станува збор за ретките метали, а исто така вети инвестиции вредни милијарди. Политикологот Чаленко смета дека САД би осигурале дополнителна безбедност во Украина со испорака на оружје и безбедносни договори доколку во земјата дојдат повеќе големи американски компании.
„Присуството на американски компании би било еден вид заштита што ќе влијае на одлуката на американската влада за безбедноста на одредени украински региони“, рече Чаленко.
И покрај сиот ентузијазам, постојат и стравувања дека договорот со Трамп може да биде штетен за Украина. Со оглед на страшната ситуација во која се наоѓа земјата, вредните ресурси би можеле да се продаваат по многу помали цени од нивната вистинска вредност.