Полскиот претседател Навроцки на средба со Трамп
3 септември 2025На почетокот на мај 2025 година, американскиот претседател Доналд Трамп го пречека претседателскиот кандидат од крајната десница, Карол Навроцки, во Овалната соба. Тој позираше со него за фотографија што предизвика голема врева на интернет и на заминување го охрабри со зборовите: „Ќе победиш“. Навроцки поентираше во изборната кампања со таквата поддршка.
Оваа среда (3 септември 2025 година) Навроцки се враќа во Вашингтон - овојпат како избран шеф на државата Полска. И сега нема да се работи само за убави слики и политичко шоу, туку за конкретна политика. Во центарот на работната посета ќе биде безбедносната политика, информираше Збигњев Богуцки, шеф на претседателскиот кабинет.
Полска како држава на првата линија на источното крило од Европа, со оглед на руската закана, не се ограничува на безбедносните гаранции од НАТО, туку негува и близок билатерален сојуз со САД. Преку добри лични контакти и големи набавки на оружје, Варшава сака да биде во милост на Американците - дури и во време кога интересот на Вашингтон за Европа опаѓа. Новиот полски претседател така ја продолжува политиката која неговиот претходник Анджеј Дуда ја водеше десет години.
Американско влијание во Полска
Во Полска актуелно се стационирани околу 10 илјади американски војници. Од минатата година на северот на земјата има пункт на антиракетната одбрана на САД за пресретнување на балистички ракети од среден дострел. Полската армија располага - или допрва ќе располага – со американски хеликоптери „Апачи“, тенкови „Абрамс“ и системот „ХИМАРС“ за ракетирање. Варшава чека и на 32 борбени авиони од типот Ф-35.
Плановите на американската влада за намалување на американското воено присуство на европскиот континент ги загрижуваат и владата и опозицијата во Варшава. Секое навестување од Трамп дека Полска ќе биде поштедена од намалувањето, би се протолкувала како успех на Навроцки. САД играат клучна улога и за енергетската безбедност на Полска, која се потпира на атомска енергија. Првата нуклеарна централа треба да ја изгради американската компанија „Вестингхаус-Бехтел“ и да биде пуштена во употреба во 2036 година.
Конфликтот со владата ги засени подготовките
Подготовките на Навроцки паднаа во сенка на неговиот конфликт со владата на премиерот Доналд Туск. Откако ја презеде функцијата пред четири недели, новиот претседател стави вето на седум владини закони, меѓу кои и за продолжување на социјалните бенефиции за украинските бегалци во Полска. Внатрешнополитичкиот спор стаса и до надворешната политика.
Туск е на ставот дека владата ги одредува насоките за надворешната политика, а претседателот само ја претставува државата надвор. Тоа пак е контра сфаќањето на Навроцки, кој го форсира концептот на „активно претседателство“ и сака да влијае на креирањето на политиката. Министерството за надворешни работи му достави на претседателскиот кабинет документ со ставот на владата, еден вид насоки за дејствување во пресрет на посетата на САД. Портпаролот на претседателот, Рафал Лескиевич, го нарече документот „срамен“ и „без конкретни насоки“. Насоката може да се опише како „шега“, рече портпаролот. Претседателот и сам знаел што треба да каже, додаде Марчин Пжидач, одговорен за надворешна политика во претседателскиот кабинет.
Крт во претседателскиот кабинет?
Содржината на документот се најде и во медиумите. Министерството за надворешни работи, според наводите во медиумите, му препорачува на Навроцки да биде „особено претпазлив“ во однос на одредени теми, вклучително и дигиталниот данок и регулативата за социјалните медиуми. Нејасно е кој го направил документот достапен за јавноста. „Пропустот го става Навроцки во незавидна положба“, се коментира на интернет платформата Онет. А, министерот за надворешни работи, Радослав Шикорски, на платформата X напиша: „Да бев шеф на државата, ќе проверев кој е идиотот [кој е одговорен за проеткувањето]“. Сомнежот е дека кртот е во претседателскиот кабинет.
Спорот пред патувањето во САД е само уште едно поглавје во борбата за моќ меѓу Навроцки и Туск. Претседателот ги искористи своите контакти во американската администрација за да го исклучи Туск од учество на телеконференција меѓу неколку европски шефови на држави или влади со Трамп на 13 август 2025 година и самиот да го заземе неговото место. На заедничкото патување со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон на 18 август, немаше ниту еден полски претставник поради спорот околу тоа кој е надлежен да присуствува. И покрај тензиите, Навроцки и Туск во понеделникот (1 септември 2025 година), на одбележувањето на 86-годишнината од почетокот на Втората светска војна, разговараа во четири очи.
Вчера (2.09) беше објавено дека ниту еден претставник на Министерството за надворешни работи нема да го придружува Навроцки на неговото патување. Претседателскиот кабинет ја исклучи и полската амбасада во Вашингтон од посетата. Сепак, Шикорски не дозволува да биде обесхрабрен - тој исто така лета за Соединетите Американски Држави и ќе се сретне со американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио.
Надворешнополитичките амбиции на Навроцки
Иако на глобалната политичка сцена е нов, Навроцки не ги крие меѓународните амбиции. Тој сака да игра водечка улога особено во Централна и Источна Европа како претставник не само на Полска, туку и на целиот регион во однос на САД. Минатиот четврток (28 август 2025 година), тој во Варшава се сретна со претседателите на Литванија, Естонија и Латвија - Гитанас Науседа, Алар Карис и Едгарс Ринкевич - како и со данската премиерка Мете Фредериксен. Зеленски потоа преку видеоврска се приклучи на состанокот. Идниот мир во Украина мора да биде „максимално праведен“ и не може да се смета за победа на Русија, изјави портпаролот на претседателот за надворешна политика по средбата. Русија, како што се вели, сноси одговорност за агресијата и мора да „ја почувствува силата на Западот“.
Прво репарации, потоа добри односи со Германија
На враќањето од Америка, Навроцки планира да ја посети и Италија. Во Рим ќе се сретне со Папата и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Планирани се и посети на Литванија и Финска. Германија во таквата агенда засега не игра улога. На одбележувањето на 86-годишнината од почетокот на Втората светска војна на Вестерплате во Гдањск, што се одржа на 1 септември, Навроцки нагласи дека добрите релации со Германија зависат од решавањето на прашањето за воените репарации за Полска.