Полска: Победата на Навроцки е тежок удар за владата на Туск
2 јуни 2025Државната изборна комисија ПКВ во Варшава денеска (2 јуни 2025 година) објави дека десноконзервативниот евроскептик Карол Навроцки освоил 50,89 проценти од гласовите на претседателските избори во Полска. Неговиот предизвикувач, либералниот конзервативец настроен проевропски - Рафал Часковски, освои 49,11 проценти од гласовите. Навроцки во август ќе ја преземе функцијата претседател на држвата од Анджеј Дуда, кој по два последователни мандати не смееше да се кандидира за трет.
42-годишниот историчар од Гдањск беше номиниран од опозициската партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински, која го претстави како непартиски и независен „граѓански кандидат“, иако неговата кампања беше финансирана и организирана од партијата, а неговата програма се поклопува со онаа на ПиС.
„Успеавме да го обединиме целиот патриотски табор“, рече Навроцки, кој зборуваше за „Полска без мигранти“ како негова зацртана цел. „Победивме затоа што сме во право“, додаде на тоа Качински.
Во вториот круг од изборите, за Навроцки гласаа и поддржувачи на партијата Конфедерација, составена од националистичко и економски-либерално крило. И повеќето од гласачите на крајно десничарскиот и антисемитски политичар Гжегож Браун исто така го поддржаа Навроцки.
Поразен либералниот градоначалник на Варшава
Часковски се кандидираше за претседателската функција во име на либерално-конзервативната Граѓанска платформа (ПО), владејачката партија на премиерот Туск. Во вториот круг од изборите, останатите партии од коалицијата - Алијанса Трет пат и Нова левица - исто така го поддржаа 53-годишниот градоначалник на Варшава. Неочекуваниот пораз претставува тежок удар за владата на Туск.
За време на предизборната кампања, Навроцки отворено ја искажуваше намерата да продолжи со политиката на блокада на претседателот во заминување Дуда. Тој во текот на изминатата година и половина, често го користеше своето право на вето за да спречи реформи што ги форсира владата, особено повторното заживување на владеењето на правото. „Навроцки ќе ја крене рачната кочница во внатрешната политика и ќе ѝ го отежнува животот на владата“, оцени по изборите политикологот Барбара Броджинска-Мировска за телевизијата ТВН.
Тежок удар за владата на Туск
Навроцки веројатно ќе го стесни и просторот за маневар на владата во надворешната политика. Според полскиот устав, претседателот е врховен командант на вооружените сили и има право на збор и во надворешната политика. Ставовите на Навроцки за клучните прашања од надворешната политика се судираат со линијата на владата.
За време на предизборната кампања, идниот шеф на државата се изјасни против пристапувањето на Украина во НАТО и наведе услови за нејзиното пристапување во ЕУ. Во безбедносната политика тој еднострано се потпира на САД под Трамп, евроскептичен е и нема доверба во Берлин. Навроцки сака да продолжи со напорите за обезбедување воени репарации од Германија.
„На Полска ѝ се заканува унгарското сценарио“, предупредува социологот Роберт Собиех. Со Навроцки на чело, Полска ќе се дистанцира од Европа, смет тој и оценува дека ПиС, заедно со ултра-десничарската Конфедерација, би можела да се врати на власта во 2027 година.
Измешани чувства
Двајцата кандидати по затворањето на гласачките места во 21 часот беа во голема неизвесност. Првичната прогноза укажуваше на предност на Часковски со 50,3 проценти и 49,7 проценти за Навроцки. „Победивме“, изјави Часковски и вети дека „како торпедо“ ќе почне со спроведување на својата програма. Тој најави дека ќе им подаде рака на сите што гласале против него.
Но, еуфоријата во неговиот изборен штаб не траеше долго. Со новата прогноза, објавена два часа подоцна и надополнета со резултати од други избирачки места (доцна анкета), исходот се промени.
Првичната анализа на изборите покажува дека за Навроцки првенствено гласале мажи и млади лица до 29-годишна возраст, додека жените и постари луѓе го фаворизирале Часковски.
Скандалите не му наштетија на Навроцки
Против Навроцки, кој од 2021 година го води Институтот за национално сеќавање, медиумите во изминатите месеци изнесоа сериозни обвинувања, меѓу другото и дека одржувал контакти со луѓе од хулиганската сцена и од подземјето. Во Гдањск, преку измама на сиромашен алкохоличар, дошол до општински стан. Тој самиот призна дека учествувал во однапред договорена масовна тепачка меѓу псевдо-навивачи на два фудбалски клуба. Според онлајн платформата ОНЕТ, Навроцки за време на студиите, како вработен во фирма за обезбедување, носел проститутки за гостите на луксузен хотел во Сопот, на балтичкиот брег на Полска.
Ваквите откритија на истражувачки новинари не му наштетија на Навроцки. „Се работи за ефект на бумеранг“, вели новинарот Славомир Сираковски. „Нападната дискусија“ во медиумите го зајакнала чувството на солидарност со кандидатот, смета тој.
„Нема да има смирување на ситуацијата по изборите. Полска веќе две децении е толку длабоко поделена, што новиот претседател нема да ги премости овие поделби, напротив стравуваме дека ќе се случи сосем спротивното“, коментира денеска Јацек Нижинкиевич од весникот „Жечпосполита“ и зборува за „политички земјотрес“.