Политички битки за присвојување на Коридорот 8
15 јули 2025Две години по почетокот на изградбата, не престануваат политичките препирки во Македонија кој е највеќе заслужен за изградбата на Коридорот 8, кој претставува стратешки интерес за земјата.
„Проектот го носи потписот на ДУИ, во визија, одлука и политичка инвестиција“ - порачаа од партијата на Али Ахмети, која што го поздрави ентузијазмот со кој актуелната Влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како што е Коридорот 8.
Реакцијата следи откако за време на викендот беа пуштени во употреба 20 километри од автопатот Кичево-Охрид, кој е дел од Коридорот 8. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека успеале да го откочатнајголемиот и најзаглавениот инфраструктурен проект во земјата по само една година. „Оваа Влада не ги интересираат авансите, туку ги интересира работа, фронт и просперитет на државата. Додека Владата на СДСМ и ДУИ крадеше, оваа Влада гради. Тоа е разликата. Нас не нѐ интересираат ниту трговски центри, ниту скапи автомобили, ниту инстант фирми за увоз на јаглен, ниту богати туристички агенции коишто купуваат евтини деловни простори во центарот на Скопје, нас нѐ интересира работа и просперитет на сите граѓани, на целата територија на Македонија“, рече Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пак, во интервју за ТВ Алфа, рече дека автопатот Кичево - Охрид е симбол и пресечник помеѓу две времиња, незаинтересираноста, неспособноста и неработењето на СДСМ и ДУИ и посветеноста и работата на оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ
Но, од опозициската ДУИ реагираат дека токму тие што некогаш го саботираа, блокираа и стигматизираа овој проект, денес се обидуваат да ги присвојат заслугите за иницијатива која стана реалност „благодарение на политичката волја, институционалната посветеност и стратешката визија на ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети“.
Од „проект со епски криминал“ до „историски проект“
Од партијата на Али Ахмети велат дека граѓаните не забораваат дека Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка, во која ДУИ секогаш биле на страната на развојот и интеграцијата.
„Оние што денес го нарекуваат ’историски проект’, се истите што порано го нарекоа ’проект со епски криминал’, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци“, велат од ДУИ.
Но, сега кога работите се во фаза на неповратна реализација, според ДУИ, оние што „вчера се потсмеваа со проектот, денес патетично зборуваат за неговата важност“. „Вистината е дека овој проект го носи потписот на ДУИ – во визија, одлука и политичка инвестиција. Коридорот 8 е проект на ДУИ. Тоа е инвестиција на ДУИ во европската иднина на оваа земја и составен дел од нашата визија за интеграција и рамномерен развој“, велат од партијата, од каде потенцираат дека од голема важност е проектот да се реализира.
На 4 април 2023 година со поставување камен-темелник на проектот Коридорот 8, се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан. Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан.