Појас Газа: Размерите на катастрофата
29 јули 2025Најголемиот дел згради се уништени, многу болници мораше да бидат затворени, а храната е оскудна. Ситуацијата во Појасот Газа е катастрофална. Околу 90 проценти од населението кое брои повеќе од два милиона, се разбегани на територијата, некои од нив и по неколку пати од место до место. Со најновата наредба за евакуација на градот Деир ал-Балах, според Канцеларијата на ОН ОЦХА, сега веќе 87,8 проценти од подрачјето на Појасот Газа е погодено од наредба за евакуација, или дел од воена зона на Израел. Населението сега е притиснато на преостанатите 12 проценти од Појасот Газа, наведуваат од ОЦХА. Меѓународниот притисок врз Израел расте. 28 земји, меѓу кои и Франција и Велика Британија, бараат крај на војната.
Колку смртни случаи имало од 7 октомври 2023 година до сега?
Според податоци на ОЦХА, од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година се загинати 58.380 Палестинци (заклучно со 15 јули 2025 година) – од кои многу се жени и деца. ОЦХА, која има ингеренции за координирање на хуманитарни прашања, се повикува на бројки од здравствените власти во Газа. Министерството е под контрола на радикално-исламистичката Хамас, која многу западни земји ја оквалификуваат како терористичка организација. Бројките не може да бидат потврдени од независни извори, но до сега се единствениот извор. Други студии пак, наведуваат на претпоставката дека бројот на жртви можеби е далеку повисок од податоците на властите во Газа. Според студијата на меѓународен истражувачки тим, повеќе од 80 илјади Палестинци се убиени до јануари годинава. Научното списание „Нејчр“ кон крајот на јуни 2025 година известуваше за студијата спроведена од Ројал Холовеј Колеџ при универзитетот во Лондон, под водство на Мајкл Спагат. Научниците тесно соработувале со истражувачката организација Палестински центар за истражување на политики и анкети, кој меѓу другото се финансира и со средства од ЕУ.
Соработници на ПЦПСР анкетирале 2 илјади семејства за смртни случаи во нивните домаќинства – и потоа направиле проекција на бројот на жртвите. И студија објавена во февруари во магазинот „Лансет“ поаѓа од тоа дека на списокот на министерството не се додавани имиња, туку дека напротив фалат. За студијата некролози на социјалните медиуми биле споредувани со списоците на Министерството за здравство. Повод за војната во Газа беше терористичкиот напад од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023та година. Хамас тогаш уби околу 1.200 лица и зеде 251 заложници во Појасот Газа. Според официјалните израелски извори, 50 од киднапираните лица од Израел сè уште се наоѓаат во Појасот Газа, од најмалку 20 наводно се уште живи. Според весникот „Тајмс оф Израел“ од вторникот, 895 припадници на израелската армија се загинати во војната.
Колку луѓе се погодени од глад во Појасот Газа?
Ситуацијата со снабдувањето со храна во Појасот Газа по речиси две години војна, се смета за драматична. Многу Палестинци страдаат од глад, често недостига дури и најелементарното. Според Агенцијата за борба против глад на ООН, сите 25 преостанати пекари на почетокот на април морале да бидат затворени. Исто така и повеќето од 177-те народни кујни останале без залихи, одговараат од Агенцијата на прашање од ДВ. Речиси секој трет човек со денови е без храна, велат за ДВ од Агенцијата на ООН. За повеќето помош со храна е единствениот начин да се дојде до прехрана. Според најновиот извештај на ИПЦ од мај 2025 година, на кој според истражувања на ДВ се повикуваат и многу хуманитарни организации, целото население на Појасот Газа веќе е погодено од акутна несигурност во поглед на исхраната (ИПЦ ниво 3), што според дефиницијата значи дека изборот на прехранбени производи е ограничен и луѓето мора да вложат екстремни напори за да имаат внес на потребните калории.
Според ИПЦ, на 470 илјади луѓе во Појасот Газа им се заканува дури катастрофален глад (ИПЦ ниво 5), што соодветствува на акутен ризик по живот од глад, односно има екстремен дефицит на калории по лице на дневна основа. Освен тоа, се прогнозира дека во претстојните месеци повеќе од 71 илјада деца и околу 17 илјади мајки ќе мора итно да бидат третирани заради акутна неухранетост. Според УНИЦЕФ, акутно неухранети се деца доколку нивната тежина е под 80 проценти од тежината соодветна за нивната возраст.
Системот ИПЦ (Интегрирана класификација на фази на обезбеденост со храна) е меѓународно признат инструмент за мерење и класификација на глад и обезбеденост со храна. Постојат пет нивоа, почнувајќи од фаза 1, „минимална“, до „засегната“, преку „криза“, „нужда“ и петтата фаза, „глад“. И тимовите на хуманитарната организација Лекари без граници кон средината на јули забележаа силен пораст на случаите на „акутна неухранетост“. Во здравствените центри, според невладината организација, актуелно се лекуваат стотици жени и деца со тешка и умерена неухранетост, со значително растечки тренд. Според здравствените власти под контролира на Хамас, секојдневно луѓе умираат од глад, повеќето од нив деца. Во вторникот на пример имало 15 смртни случаи од глад. Податоците не може да се верификуваат од независни извори.
Каде може да се лекуваат болните во Газа?
И пружањето медицинска помош во Газа станува сè потешко. Според проценка на хуманитарната организација Лекари без граници, од средината на јули 2025 година, ниту една болница во Газа веќе не е целосно функционална. Болниците кои сè уште работат, се тотално преоптоварени.
Условите за работа, според Лекари без граници, се катастрофални - повеќето болници веќе немаат ниту струја, ниту вода. Светската здравствена организација кон крајот на минатиот месец објави дека 18 од 36 болници сè уште делумно се функционални. Во примарната здравствена заштита, односно лекарски ординации, амбуланти и невладини организации - околу 40 проценти сè уште се функционални. Мобилните болници се ограничени - само две од нив се целосно оперативни.
Колку помош воопшто успева да стигне до Појасот Газа?
Израел единаесет недели пролетоска ја блокираше испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа – и на тој начин дополнително ја заостри ситуацијата. Сè станува кнап: храна, вода, лекови и гориво кое што е потребно за работата на болниците и народните кујни. Хуманитарната фондација Газа, која е поддржана од Израел и од САД, од крајот на мај на мал број пунктови дели прехранбени производи, но постојано има наводи за фатални инциденти во близина на дистрибутивните пунктови, вклучително и во изминатите денови.
Хуманитарните организации веќе подолго време бараат повторно да им биде дозволено самите да ја носат помошта во регионот. Од Агенцијата за борба против глад за ДВ велат дека по завршувањето на блокадата на 21 мај, 20 до 30 нивни камиони со храна пристигнувале во Појасот Газа секој ден. Доставеното е само мал дел од она што е потребно за преживување на повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа. За споредба - за време на прекинот на огнот, од 600 до 700 камиони дневно ја преминуваа границата кон Газа.