Погребан папата Франциско
26 април 2025Околу 250.000 луѓе на плоштадот Свети Петар, како и шефови на држави и монарси од целиот свет, се простија во Рим од папата Франциско, кој почина на на велигденскиот понеделник, 21 април, 2025 година.
Уште во раните утрински часови, луѓето се слеваа во Ватикан за да присуствуваат на збогувањето со папата. Присутна беше и политичката елита од повеќе од 150 земји, како и речиси сите кардинали и стотици бискупи, како и највисоки претставници на други религиозни заедници.
Сеќавање на папата како градител на мостови
„Тој ги допре срцата на луѓето“, рече кардиналот Џовани Батиста Ре, кој го предводеше повеќе од два часа долгиот реквием на плоштадот Свети Петар. Починатиот папа го опиша како човек со „голема човечка топлина и длабока чувствителност“. Тој потсети на Франциско како градител на мостови: „'Градете мостови, а не ѕидови' често повторуваше папата Франциско.“
Батиста Ре исто така ги нагласи бројните „гестови и апели на папата во корист на бегалците и раселените лица“. Тој истакна дека е значајно што папата своето прво патување го презеде токму на островот Лампедуза, кој стана симбол на „драмата на емиграцијата“.
„Соочен со многубројните војни што беснеат овие години, со сета нивна нечовечка суровост, безбројните мртви и немерливите разурнувања, папата Франциск непрекинато го креваше својот глас за да бара мир, апелираше на разум и повикуваше на искрени преговори за да се најдат можни решенија“, потсети Ре во исклучително силна проповед.
Кардиналот Ре му оддаде признание на папата Франциско како спонтан папа со темперамент и непосреден начин на однесување. Франциско имаше харизма на човек кој беше отворен и умееше да сослуша, а посебно внимание посветуваше на луѓето во неволја и неуморно се залагаше за нив. Беше папа кој живееше меѓу луѓето, народен папа.
Погребна поворка низ центарот на Рим
И на своето последно патување низ центарот на Рим не беше сам. Десетици илјади луѓе стоеја долж околу шест километри долгата траса до базиликата Санта Марија Маџоре, каде што папата сакаше да биде погребан.
Белиот папамобил со едноставниот дрвен ковчег не одеше по најкраткиот пат од Ватикан кон главната железничка станица Термини. Преку големиот булевар Корсо Виторио Емануеле практично во еден триумфален од го превезоа до неговото последно почивалиште, минувајќи покрај симболите на градот, Римскиот форум и Колосеумот.
Пред базиликата Санта Марија Маџоре од раните утрински часови чекаа многу луѓе, а на палатата спроти црквата беше истакнат огромен транспарент: „Ти благодариме, Франциско“.
Пристигнувајќи во базиликата, папата последен пат застана пред својата омилена икона „Salus populi romani“, пред која често се молеше. Потоа, во тесен круг беше погребан во скромен гроб во црквата, која е неговото последно престојувалиште.
Конклавата за избор на нов папа на почетокот на мај
Денот на погребот го означува почетокот на деветдневната официјална жалост, таканаречени новендиали, за време на кои секојдневно во базиликата Свети Петар ќе се служи миса за починатиот папа. Кога ќе поминат тие девет дена, значи по 4 мај, а најдоцна до 11 мај ќе започне - Конклавата, изборот на нов папа.