Поголем дострел: Германски пари за украинско оружје
11 август 2025Запалени станбени згради, чад околу Киев. Русија секојдневно ги напаѓа украинските градови со дронови и ракети. Украина возвраќа со контранапади врз цели длабоко во руска територија. Можеби деновиве токму за оваа намена платени се користат дроновите платени со германски пари. „Ова е почеток на нова форма на воено-индустриска соработка меѓу нашите земји, која има голем потенцијал“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин на 28 мај годинава и најави дека Германија ќе финансира оружје со долг дострел произведено во Украина. Двете министерства за одбрана тогаш потпишаа договор. Два месеца подоцна познати се мал дел детали. „Процесот е во тек“, во средата за ДВ рече Митко Милер од германското Министерство за одбрана, кој наведе дека тоа е процес меѓу украинската индустрија и вооружените сили.
Дронови со дострел од повеќе од илјада километри
Данска стана првата членка на НАТО што се приклучи на украинската индустрија за оружје во јуни 2024 година. Германските производители на оружје се присутни во Украина, но само некои се толкувидливи како фирмата Рајнметал, индустриски гигант кој го проширува своето присуство преку заеднички вложувања – поправки на тенкови и изградба на фабрика за муниција. „Сведоци сме на гигантска промена во пристапот на Германија кон Украина, на целосно отворање“, за ДВ оценува Ихор Федирко, генерален директор на Украинскиот совет на производители на оружје.
Директните инвестиции на германската влада во украинското производство на дронови и проектили се новост. Германскиот весник „Ди Велт“ известува дека Германија ќе финансира околу 500 дронови од типот „Антонов-196“ („Љутиј“) со дострел од преку илјада километри. Според украинските медиуми, цената за парче изнесува околу 200 илјади долари. Дронот за напади е производ на претходната украинско-турска соработка и „веќе бил прилично напреден во развојот и тестирањето“, вели за ДВ австрискиот воен експерт Густав Гресел, кој додава дека многу голем број од овие дронови биваат соборени бидејќи летаат бавно, слично како и руските дронови. Украина очигледно се надева на германското знаење. „Ни недостасува длабока технологија, што влијае на базата на компоненти. Со тоа знаење би можеле да спроведеме потемелна модернизација и да ја направиме поефикасна“, вели Ихро Федирко и посочува дека „Германија ги има овие технологии, вклучувајќи ги и најдобрите оптоелектронски системи со матрично ладење“. Украина ги моли сите партнери за технологија за оружје со долг дострел, односно нагласува дека „зборуваме за дострел од 500 до илјада километри. А некои од нив, на пример дронот „Љутиј“, веќе може да достигне цели на растојание од повеќе од 2 илјади километри“, предупредува Федирко.
„Квантум-системс“ се шири во Украина
Многу германски компании активни во Украина се стартапи со седиште во Баварија. „Квантум системс“ е еден од нив. Федирко го нарекува „најдобар случај“ во истражувањето и развојот. Основана во 2015 година, компанијата го испорачува својот извидувачки дрон „Вектор“ наукраинската армија уште од 2022 година. Посебен е заради неговата способност за вертикално полетување и слетување. „Ние сме единствената западна компанија што произведува извидувачки дронови таму каде што се најитно потребни - на лице место во Украина“, вели за ДВ директорот на „Квантум Системс“, Свен Крук. Неговата компанија вработува околу 200 луѓе во Украина и продолжува да се шири, па така втор погон ќе се отвори во септември. „Квантум Системс“ минатиот месец најави договор за инвестурање во украинскиот производител на дронови „Фронтлајн“. Германската компанија би се здобила со 10 проценти и можност за зголемување на својот удел на 25 проценти. „Фронтлајн е специјализиран за технички решенија за извидувачки и ударни операции. Нивните системи моментално ги користат 41 воена единица во Украина“, вели Крук кој гледа „потенцијал за соработка, особено во развојот на одбрана од дронови“. Компанијата сепак нема планови да влегува и на пазарот на борбени дронови, посочува Крук.
Вештачка интелигенција од Германија
Борбените дронови произведени во Германија се дело на „Хелсинг“, исто така стартап со седиште во Баварија, кој испорачува илјадници дронови во Украина. Во февруари 2025 година компанијата објави нова нарачка од 6 илјади напаѓачки дронови. Според податоци на производителот, тие имаатдострел од 100 километри и ќе бидат опремени со вештачка интелигенција заради што се „отпорни на електронско војување и пречки“. Хелсинг не одговори на прашањето на ДВ во врска со ова. Колку и да е украинската страна задоволна од германското инвестирање во производството на дронови, побарувачката далеку ги надминува моменталните капацитети бидејќи на Украина ѝ е потребна голема количина, која може да се произведе „по исплатливи цени само во Украина“, вели воениот експерт Густав Гресел. Истото важи и за проектилите, како на пример крстосувачките ракети Таурус, кои германската влада во моментов не сака да ги испорача. Но, можна е соработка со германски компании и испорака на специјални делови за зголемување на дострелот на украинската крстосувачка ракета „Нептун“, посебни мотори кои се поефикасни за постигнување на поголем дострел со истата количина на гориво и сензори кои ќе ги направат попрецизни, особено за копнени цели, вели Гресел, но според него уште не е одлучено околу ова.
Украина како полигон за тестирање
Не е нова само подготвеноста за инвестирање во наоружување во Украина, туку и за споделување на знаењето. На почетокот на руската инвазија се стравувало дека модерното оружје може да падне во руски раце, вели Гресел и дека имало сомнежи околу спремноста на украинскиот персонал. Затоа Украина според Гресел, ги добила постарите модели. Експертот истакнува дека тоа се променило, делумно и затоа што самата Украина произведува модерно оружје и би можела во иднина да се натпреварува со западните производители. „Германските компании овде учат работи што никогаш не може да ги симулирате во мирнодопски услови, а за кои во Германија не постојат ниту полигони за обука или услови за стимулација. Тоа е област преполна со пречки, предаватели за блокирање и системи за противвоздушна одбрана како што е сега зоната на борбените дејствија во Украина. Тоа не може да го добиете на ниту еден полигон на НАТО за обука, па дури ни во САД“, вели Гресел, според кого воената индустријата го препознала тој момент. Свен Крук од „Квантум Системс“ потврдува и вели дека „развојот на беспилотни летала е игра на мачка и глушец - само на лице место може да се прилагодиш на постојаните промени. Нашите увиди од Украина директно се влеваат во развојот на нашите производи, кои им ги ставаме на располагање на сите наши клиенти низ целиот свет“. Крук својата компанија ја доживува како „водечки проект“ и сака да „ги поттикне другите да го следат неговиот пример“. Ихор Федирко од Украинскиот совет на производители на оружје се надева на понатамошно проширување на соработката. „Германија е земја со типично европска бирократија. Потребно е време за да се завршат работите“, вели тој, но истакнува дека кога Германците велат дека луѓето во Украина прават нешто, тие знаат дека тоа и ќе биде завршено.