ОН-конференција за решение со две држави на Блискиот Исток
28 јули 2025Целта на конференцијата е наведена јасно: да се оживее застојаната дебата за решението со две држави. Претставниците на повеќето земји-членки на Обединетите Нации сакаат да го вратат тоа во политичката свест. Тие го гледаат решението со две држави како единствена опција за траен и праведен мир меѓу Израел и Палестинците.
Сепак, експертите ги намалуваат очекувањата од конференцијата. Многуте отворени прашања за решението со две држави нема одеднаш да се решат за три дена, вели Ричард Гован, ОН-директор на тинк-тенкот Меѓународна кризна група. Сепак, конференцијата е важна: „Станува збор за давање надеж на Палестинците - особено на политички умерените - дека ќе имаат шанса за сопствена држава преку дипломатски средства и соработка со ОН“.
Дали и други ќе тргнат по патот на Макрон?
Непосредно пред конференцијата, голема возбуда предизвика најавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој планира да ја признае Палестина како независна држава на Генералното собрание на ОН во септември. Тоа е уште еден важен сигнал, вели Гован: „Европејците му покажуваат на Израел дека не може едноставно да објави анексија на Западниот Брег и да очекува таа да биде прифатена глобално“.
Се смета за малку веројатно дека други држави спонтано ќе ја признаат Палестина на конференцијата на ОН која почнува денеска (28.07). Многумина тридневниот состанок го гледаат повеќе како подготовка за Генералното собрание на ОН во септември. Војната на Блискиот Исток веројатно ќе биде неговата најважна тема.
Тогаш е можно и британскиот премиер Кир Стармер да му се придружи на Макрон. Ова би можело да има големо влијание, смета Ричард Гован: „Многу северноевропски земји одржуваат блиски безбедносни врски со Британците. Тие се понаклонети да ја следат британската одлука отколку француската“.
САД не учествуваат на конференцијата
Конференцијата, предводена од Франција и Саудиска Арабија, всушност требаше да се одржи во јуни. Макрон сакаше лично да присуствува, исто како и престолонаследникот Мохамед бин Салман. Но, потоа Израел и Иран се нападнаа еден со друг, и целата работа беше откажана.
Тоа многу ѝ одговараше на американската влада. Наводно, таа се обидела да спречи високопрофилна конференција на ОН за судбината на Палестинците уште од самиот почеток, вели Гован: „На САД никогаш не им се допаѓаше кога другите земји ги користеа ОН за да извршат притисок врз Израел“.
Задкулисните приговори на Американците сега повторно беа успешни. На конференцијата не доаѓаат шефовите на држави или влади, туку само министрите за надворешни работи или државните секретари. Администрацијата на Доналд Трамп воопшто не учествува на конференцијата.
Авторка на текстот: Жизел Укар, АРД