Зеленски бара построги санкции против Русија
8 септември 2025По рускиот напад со рекорден број беспилотни летала во ноќта помеѓу саботата и неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски бара реакција од светската заедница. Рускиот лидер Владимир Путин го тестира светот за да види дали ќе прифати вакви напади и ќе се помири со нив, рече Зеленски.
Русија се обидува да ѝ нанесе болка на Украина и да извршува сè подрски удари. На тоа мора да се одговори со „санкции против Русија, против луѓето поврзани со Русија и силни царини и други трговски ограничувања за Русија“, рече украинскиот претседател. Русија „мора да се почувствува загуби“.
Трамп подготвен за нови санкции
Американскиот претседател Доналд Трамп, според неговите зборови, е подготвен за нови санкции против Москва. На прашањето на новинарите во Белата куќа дали е подготвен да започне втора фаза од санкциите против Москва, Трамп даде краток одговор: „Да, сум“. Не беше јасно дали и кога новите санкции всушност ќе бидат воведени.
Трамп, исто така, рече дека планира да разговара со Путин „многу наскоро“, „во наредните денови“. „Не сум среќен“ од целата ситуација, рече Трамп, мислејќи на континуираните борби и губењето на животи. Во врска со можните мировни решенија, американскиот претседател повтори: „Ќе го решиме тоа“.
Состанок за санкции во Вашингтон
Денес е планиран состанок во Вашингтон: неколку европски претставници, предводени од претставникот на ЕУ за санкции, Дејвид О'Саливан, се гости во Министерството за финансии на САД за да разговараат за различни форми на економски притисок врз Русија - вклучително и нови санкции, потврди портпаролот на Европската комисија за агенцијата ДПА. ЕУ моментално работи на 19-тиот пакет санкции против Русија.
Руските напади во текот на ноќта помеѓу саботата и неделата беа без преседан: напаѓачите користеа повеќе од 800 борбени беспилотни летала, најголем број откако започна инвазијата пред повеќе од три и пол години, според воздухопловните сили во Киев. Покрај тоа, крстосувачки проектили и ракети беа испукани на украински цели.
Главната владина зграда во украинскиот главен град, исто така, беше погодена за прв пат. Според властите, загинале вкупно четири лица, а десетици се повредени. ЕУ и сојузниците на Украина реагираа огорчено. Тие ги гледаат овие нови напади како доказ за неподготвеноста на Путин да преговара.