По заканите од Трамп со царини од 50%, ЕУ не дозволува уцени
24 мај 2025Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович не се осврна детално на изјавите на Доналд Трамп. Само вели: трговијата меѓу ЕУ и САД мора да се води од заемно почитување, а не од закани.
Шефчович на X напиша дека разговарал со американскиот министер за трговија Хауард Лутник и трговскиот ополномоштеник Џејмисон Грир. Телефонскиот повик бил договорен пред извесно време. Според Шефчович, ЕУ останува посветена на постигнување договор кој функционира за двете страни. Но, комесарот за трговија истакнува и дека ЕУ е подготвена да ги брани своите интереси.
Заканата на Трамп ја фати ЕУ неподготвена
Американскиот претседател препорача воведување царини од 50 отсто за стоки од ЕУ од почетокот на јуни, наведувајќи го како причина недостатокот на напредок во тековните преговори. „Нашите разговори со нив не водат никаде“, оцени Трамп на својот онлајн сервис Truth Social.
Оваа закана ја фати ЕУ неподготвена. Всушност, надежите за приближување меѓу Брисел и Вашингтон пораснаа во последните денови, откако двете страни за првпат разменија конкретни барања. Ова како да отвори можност за вистински преговори, кои сега повторно се отежнуваат со изјавата на Трамп.
Претседателот на Комисијата за трговија во Европскиот Парламент, Бернд Ланге, ова го гледа како обид за притисок врз ЕУ: „Нема да го прифатиме тоа. Нема да дозволиме да бидеме уценувани. Ќе преговараме јасно и недвосмислено“, вели Ланге. „И дури и да се воведат царини сега, и ако преговорите не успеат, ние се разбира ќе воведеме контрацарини. И ние како Европска Унија сме доволно силни и моќни за да го спроведеме тоа.“
Царините беа суспендирани за да се преговара
Заканата на Трамп со царини од 50 отсто, почнувајќи од почетокот на јуни, е впечатлива и поради тоа што двете страни всушност се согласија на примирје во царинскиот конфликт - за да се олеснат преговорите, повисоките царини од САД и контрацарините од ЕУ се суспендирани на 90 дена. Досега е помината половина од овој рок.
Сепак, САД продолжуваат со паушални царини од десет проценти и на увозот од ЕУ. Сè уште важат и американските царини за увоз на челик и алуминиум, како и на автомобили и автомобилски делови од ЕУ.
ЕУ-министрите сакаат договор под еднакви услови
На состанок во Брисел пред една недела, министрите за трговија на ЕУ јасно ставија до знаење дека сакаат да прифатат само договор под еднакви услови - според нив, договорите на Вашингтон со Кина и Велика Британија не се соодветни како модели за ЕУ. Дополнително, Брисел подготвува контрамерки и претстави нова листа на американски извозни стоки на кои би можело да се воведат контрацарини. Тој список вклучува американски увоз во ЕУ во вредност од околу 95 милијарди евра.
Според европратеничката на Зелените, Ана Кавацини, најавата на Трамп значително ја зголемува веројатноста за посегање по контрамерки. Даниел Каспари, европратеник од ЦДУ, предупредува: „На сите би ни советувал да останеме смирени. Европската Комисија е многу добро позиционирана во преговорите за надворешна трговија. Мораме да продолжиме да преговараме мирно, да ги туркаме нашите интереси, а во трговскиот спор меѓу САД и Кина видовме дека дури и САД не се непобедливи во ова прашање“.
Како одговор на царинскиот спор со САД, Европската Комисија ги интензивира разговорите со другите трговски партнери. Според сопствени наводи, таа досега има склучено договори за слободна трговија со 76 земји. Во моментов ЕУ преговара со Индија, Индонезија и Обединетите Арапски Емирати.
Автор; Јаков Мајр, АРД