Од 3 мај летови од Скопје кон Барселона и Лион
28 април 2025Меѓународниот аеродром Скопје од 3 мај ќе се поврзе со Барселона и Лион. Летовите ќе ги реализира „Виз Ер“ со субвенции од Владата. На релацијата Барселона - Скопје ќе има летови двапати неделно, во вторник и сабота, а до Лион трипати - во вторник, четврток и сабота.
Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18.50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку избор на социјалните мрежи, информираа на прес-конференција ТАВ Македонија и „Виз Ер“.
„По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Виз Ер“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Тој верува дека оваа линија ќе биде уште попопуларна од пред три години и ќе има многу патници.
За првпат поврзување со Лион
Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион - посебен град којшто има што да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда.
Курт најавува воздушно поврзување со дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларника во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид.
Со финансиска поддршка од Владата на крајот на март требаше да стартува и летот Скопје-Дубаи, но тој е одложен за наесен. Очекувањата се дека олеснувањето на визниот режим што деновиве го најави Владата ќе донесе многу патници на оваа авионска линија.