Мицкоски: Ќе има големо ресетирање на системот
16 март 2025Македонија мора да го победи корумпираниот систем - ако не го победиме тој ќе не победи нас, порача премиерот Христијан Мицкоски на вечерашната прес- конференција, по големата трагедија во дискотека во Кочани, каде во пожар загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени.
„Ова е најтешкиот ден во мојот живот“, рече Мицкоски.
Ги наброја сите големи несреќи во Македонија во изминатите три децении, а последната ја опиша како „кулминација на еден лош и забревтан систем".
„Или ќе го победиме, или тој ќе не победи нас“, рече премиерот за системот „кој се храни од лагата и во кој погрешни луѓе носеле погрешни одлуки".
Мицкоски, исто како и Тошковски, повтори дека дискотеката имала фалсификувана лиценца издадена во 2024 година, за мито, а со потпис на официјални лица од Министерството за економија.
Рече дека мора да има кривична одговорност, дека одговорноста има име и презиме, и ќе биде утврдена за секого, без разлика кој од која институција е, или од која партија.
„Ова не е меѓупартиска битка на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции", потенцираше премиерот.
Најави испитување на сите аспекти што доведеле до трагедијата, а изрази благодарност до лекарите и медицинскиот персонал во земјата, како и до сите соседни и други држави кои се ставија на располагање да помогнат.
Освен одлука за прогласување на 7-дневна жалост на територија на целата држава, Владата денеска донесе одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на Република Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата.
СДСМ бара темелна и независна истрага
И СДСМ вечерва одржа прес -конференција, на која, како што беше речено, биле принудени да реагираат „откако министерот Панче Тошковски ги оставил буквално без зборови".
„Леснотијата со која министерот ја отфрли одговорноста за оваа трагедија, од себе и МВР со кое раководи повеќе од една година е дегутантна. Прво, да го потсетиме Тошковски дека е министер веќе 13 месеци! Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите во услови кога цела година дискотеката работела без лиценца? Чија, ако не ваша била одговорноста тоа да го провери тоа? Чија ако не ваша и на сите инспекторати кои ги водите била одговорноста да провери цела година дали има неправилности во работењето?", праша потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
Таа праша дали Дирекцијата за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносни стандарди на сите објекти и дали тоа било направено. Се осврна и на изјавите дека пожарот настанал од пиротехнички материјали.
„Зошто молчите дека токму МВР ги издава и контролира овие компании и поединци кои управуваат со овие средства“, рече Чупеска, и побара темелна и независна истрага за целиот случај.
Не е време за делби и конфронтации
Претходно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во попладневното обраќање до јавноста, порача дека никогаш повеќе не треба да се дозволи да страдаат невини жртви поради манипулација, корупција и импровизација.
„Водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката, свесни дека смртта и болеста подеднакво не допираат сите без разлика на каква и да е припаднос“, рече претседателката.
„Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите. Да ги здружиме силите околу преживеаните, да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето, за профитот и богатството на поединците“, порача Сиљановска - Давкова.
Над 20 осомничени
За трагедијата десега се осомничени повеќе од 20 лица, од кои околу 15 лица попладнето беа во полициска станица. Приведени биле поранешен државен секретар и раководител на сектор во Министерство во економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени од Дирекцијата. Неофицијално, вечерва на разговор бил повикан и поранешниот министер за економија.
Додека течат истражните постапки, дел од најтешко повредените се транспортирани во болници за изгореници во соседните земји - 8 во Бугарија, тројца во Грција, двајца во Србија (Ниш) и 9 во Турција. Вечерва се очекува 4 пациенти да патуваат во Хрватска, а 15 да бидат испратени со авион во Белград.
Помош во Скопје ќе стигне и од медицински тимови под повеќе земји. Генералниот секретар на НАТО Maрк Руте во телефонски разговор со премиерот Мицкоски најавил можно активирање на НАТО системот за справување со несреќи.
Ги бараат телата на блиските
Родители на загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани попладнето не дозволуваа транспорт на телата во Скопје за понатамошна обдукција, и бараа да им бидат предадени за да можат да им организираат погреб. Некои од нив велат дека ги чекаат телата повеќе од 15 часа. Најавија дека со жив ѕид ќе спречат возила од кочанската болница да ги однесат телата на обдукција во Скопје.
Во трагичната несреќа рано утрово загинаа 59 лица, меѓу кои и пејачот Андреј Ѓоргиески од дуото ДНК, кое синоќа настапуваше во дискотеката во Кочани. Загина и Филип Стевановски - придружен член на ДНК, како и тапанарот Ѓорги Ѓоргиев. Меѓу загинатите е и Сара Пројковска, придружниот вокал на ДНК, а информацијата ја потврдија од Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што Пројковска беше вонредна професорка.