По трагедијата во Кочани - клуч на врата за три дискотеки
19 март 2025Три дискотеки се затворени и ќе им биде одземена лиценцата за работа, бидејќи не ги исполнувале потребните технички услови за работа. Во тек се контроли и во уште девет дискотеки коишто имаат добиено лиценца за работа во Северна Македонија.
„Во моменти како овие, зборови не се доволни - но постапките мора да бидат“, вели владината портпаролка Марија Митева, којашто на прес-конференција информираше за проверките коишто ги врши Државниот пазарен инспекторат. По трагедијата во Кочани, кога во пожар во импровизирана дискотека загинаа 59 млади лица, Владата најави детални контроли на сите ноќни клубови, кабареа и други угостителски објекти со цел да се утврди дали поседуваат валидни лиценци и дали ги исполнуваат законските услови за работа.
„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите девет во тек е проверката на документацијата“, вели Митева.
Одземање на лиценца
Таа најави дека до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон.
„На терен во секој момент овие денови се над 10 тима кои вршат контрола. Ќе се проверат сите, до детаљ. Направен е и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, додаваат од Владата.
Според Митева, она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија. „Тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција. Ниту ќе замижуваме ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, порача владината портпаролка.
Многу контроли - малку лиценци
За два дена се направени над 50 контроли кои покажале дека само 22 дискотеки во земјата имаат лиценци за работа. Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена. Во Скопје се проверени 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци за кабаре, 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца. Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци.
Во Струмица има 4 објекти од кои 2 со важечки лиценци за диско-клуб, еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а еден со истечена лиценца. Во Гевгелија имам еден објект со истечена лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб и еден со важечка лиценца за кабаре. Во Битола, пак, има четири објекти и три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Во Прилеп има два објекта, и двата се со истечени лиценци. Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца, а во Неготино еден објект со истечена лиценца.
Во Охрид има четири објекти од кои два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре, а во Гостивар еден објект со истечена лиценца. Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.
Контролите следат по пожарот во дискотеката во Кочани, каде во неделата (16.03) загинаа 59 лица коишто присуствувале на концертот на групата ДНК. Над 150 лица се повредени. Во моментот, стотина пациенти се лекуваат надвор од земјата и се во релативно стабилна состојба.
Основниот суд во Кочани досега донел решенија за продолжување на краткотрајниот притвор од 48 часа за десет лица во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, додека за останатите шест сѐ уште се одлучува.
Премиерот Христијан Мицкоски го посети Кочани и се потпиша во Книгата на жалост во чест на жртвите од трагичниот пожар. Поголем дел од загинатите ќе бидат погребани в четврток, 20. март, во Кочани.