По трагедијата во Кочани: Еднонеделна национална жалост
16 март 2025Македонската влада денеска одлучи да прогласи седумдневна жалост на целата територија на државата по пожарот во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 59 млади лица, а повеќе од 150 се повредени.
Во соопштението на Владата, одлуката е донесена на денешната вонредната седница одржана , која започна со едноминутно молчење за да им се оддаде почит на трагично загинатите во Кочани.
„До овие одлуки треба да се придржуваат сите, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Министерството за надворешни работи во наредните денови ќе отвори книга на жалост во рамките на министерството поради огромната несреќа која се случи“, се вели во соопштението од Владата на премиерот Христијан Мицкоски.
Нагласено е дека е донесено и решение со кое се задолжува Државната пазарна инспекција да изврши вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти (кабареа, ноќни клубови, дискотеки и дискотеки на отворено) во наредните три дена.
Се нагласува дека Владата мора веднаш да биде информирана за овие сознанија за да се утврдат фактите и дали тие работат според стандарди и ги исполнуваат барањата во согласност со законите и прописите на државата.
„Министерството за внатрешни органи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара. Никој не е над законот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста.“, соопшти Владата и апелира да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот.
Владата на денешната седница донесе и одлука за активирање на механизмот за барање меѓународна помош.